Неделни податоци

Во текот на 6-та недела од 2019 година (04.02-10.02.2019), во Република Македонија пријавени се 2.246 (I=108,6/100.000) случаи со симптоми на грип/ заболувања слични на грип, што е речиси 80% зголемување во споредба со минатата недела (n=1.252).

Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 24,2% споредено со 6-та недела од минатата сезона (n=2.964), а во однос на бројот за 6-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 8 сезони) постои намалување од 35,6% (Графикон 1).

Регистрираната инциденца оваа недела е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (35,1/100.000), согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).

Во текот на оваа недела, регистрирани се 2 смртни случаи асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 5 и 25 години од Скопје и Охрид кои биле хоспитализирани на Клиниката за детски болести – Скопје и КАРИЛ. Кај починатите лица утврдено е присуство на коморбидитети.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 67 материјали за тестирање на грип, од кои 35 (52,2%) позитивни за присуство на вирусот на грип – 28 Influenza A(H1)pdm, 2 Influenza A(H3) и 5 Influenza А несуптипизиран.

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

grip 6 nedela sl 1

Како и во текот на сите претходни недели од почетокот на сезоната, така и во 6-та недела, најголем број заболени (n=1.351; 60,2%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 217,7/100.000 жители е регистрирана кај децата од возрасната група од 0-4 години (Гарфикон 2).

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 6 nedela slika 2

Оваа недела пријавени се заболени лица од 27 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Струмица (n=427), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на ПЕ Ресен (I=489,2/100.000) (Табела 1 во Прилог).

Во 4 извештајни единици се регистрира многу висока и висока активност, во 16 се регистрира сезонска, во 4 – средна, во 3 – многу ниска и во 4 извештајни единици не е регистрирана активност на  вирусот на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 6 недела 2019

6 недела

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 6.371 (I=307,9/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=8.443), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 24,5%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=15.823) се регистрира намалување од 59,7%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите извештајни единици (31).

Најголем број на заболени лица  се регистрирани во ЦЈЗ Струмица (n=845), ПЕ Гостивар (n=812), ЦЈЗ Скопје (n=725), ЦЈЗ Тетово (n=553) и ЦЈЗ Битола (n=537) (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца од 904,3/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Дебар каде се регистрирани вкупно 251 заболени лица. Висока инциденца над 700,0/100.000 жители регистрирана во ПЕ Кавадарци, ПЕ Кратово и ЦЈЗ Струмица (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 3. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона2018/2019

grip 6 nedela slika 4

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 4.225 (69,7%), а највисока кумулативна инциденца од 522,4/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години (Табела 1 во Прилог).

 

 

 

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци (Табела 1 во Прилог):

  • октомври – 51 заболен или 0,8%
  • ноември – 383 заболени или 6,0%
  • декември – 784 заболени или 12,3%
  • јануари – 2.907 заболени или 45,6%
  • февруари – 2.246 заболени или 35,3%

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнати се вкупно 216 материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот. Од пристигнатите материјали, 84 (38,9%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, сите инфлуенца А. Според субтипот 67 (79,8%) се Influenza A(H1)pdm, 8 (9,5%) се Influenza A(H3), а 9 (10,7%) се Influenza А несуптипизиран (Графикон 4).

Графикон 4. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2018/2019

grip 6 nedela slika 5

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е над неделната граница на сезонска активност и речиси двојно зголемена во однос на минатата недела. Процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор оваа недела е 52% и укажува на висока активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци, доминира вирусот на инфлуенца – Influenza A(H1)pdm, а ко-циркулира и Influenza А(H3). Оваа сезона се одликува со задоцнет старт, а се очекува одржување на висока вирусолошка активноста во текот на следните недели.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО).

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 19.979 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,4% од вкупниот број на набавени вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 19.348 лица заклучно со 6-та недела на територијата на Р. Македонија. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.977 лица или 56,7%, на возраст од 30-64 години – 7.370 лица или 38,1%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 196 или 1,0%. Вакцинирани се 4 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 801 лице или 4,1%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 14.111 лица или 72,9% се со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ Неуромедика, вакцинирани се вкупно 50 лица. Најголем дел од вакцинираните се во возрасната група од 30-64 години. Вакцинирана е една бремена жена и 11 здравствени работници. Од вкупниот број на вакцинирани лица во ПЗУ Неуромедика, 38,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 5 недела/2019) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, активноста на вирусот на грип во Европскиот регион продолжи да се интензивира, а се регистрира широка географска распространетост во најголем дел од земјите.

Оваа недела, позитивни се 54,7% (51,3% во минатата недела) од тестираните од сентинел надзорите во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во досегашниот период од оваа сезона, во сентинел надзорот предоминира инфлуенца А со 98,8%, со заедничка циркулација на A(H1N1)pdm09 и A(H3N2).

Од примероците од редовниот надзор, околу две третини од позитивните се A(H1N1) pdm09.

Повеќето од хоспитализираните лабораториски потврдени инфекции со инфлуенца се поврзани со A(H1N1)pdm09 и се кај лица на возраст од 15-64 години.

Доминантните вируси кои циркулираат – A(H1N1)pdm09 и A(H3N2) се совпаѓаат со компонентите на вакцината, иако досега мал дел од нив се генетски и антигенски карактеризирани.

Податоците од земјите-членки кои известуваат до EuroMOMO покажаа дека смртноста од сите причини е над очекуваното ниво за ова време од годината.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје