ВАКЦИНА ЗА МОРБИЛИ

ПРАШАЊЕ: Здраво, Сакам да си го вакцинирам детето за морбили. Ве молам каде да се информирам?

ОДГОВОР: Почитувани, Информацијата можете да ја добиете кај матичниот доктор, доколку го донесете вакциналниот картон со себе и докторот ќе ви го покаже вакциналниот календар кој е актуелен во РМ. Доколку детето примило некоја од наведените вакцини во периодот кога треба да биде вакцинирано, истата вакцина ќе се евидентира во здравствениот картон на детето, а останатите детето ќе ги прими согласно календарот за вакцинација. Ве советуваме да постапите согласно календарот и Вашето дете да ги прими сите вакцини согласно возраста. Вакцинацијата се изведува во ЦЈЗ Скопје за оние вакцини кои не се примаат во вакциналните пунктови, односно над 14 годишна возраст, а се користат за патување во странство поради лични патувања и обврски. Останатите се примаат во вакциналниот пункт или поликлиниките, согласно вашата адреса на живеење.

 

Сектор за контрола и следење на заразните болести

ЖОЛТА ТРЕСКА И МАЛАРИЈА

ПРАШАЊЕ: Здраво, сакам да примам вакцини за жолта треска и маларија, поради патување во странство. Во кои простории се примаат, дали се закажува, колку чинат и дали ќе ми се издаде сертификат за примените вакцини кој треба да го приложам понатаму? Ви благодарам!

ОДГОВОР: Почитувани, во однос на прашањето за потребата од вакцинација против жолта треска и профилаксата против маларија, Ве информираме дека сите информации околу подготовката за патувањето во странство, како спроведување на самата вакцинација и профилакса, можете да ги добиете во Центарот за јавно здравје Скопје (ЦЈЗ Скопје). Во прилог Ви испраќаме линкови. http://www.cph.mk/mk/uslugi/v

http://www.cph.mk/mk/kontakt/sl/37-sluzbi/5-2012-02-08-13-27-51

 

Сектор за контрола и следење на заразните болести

 

ХИВ ТЕСТИРАЊЕ

ПРАШАЊЕ: Здраво, Неодамна имав ризичен сексуален контакт и сега сакам да се тестирам за ХИВ. Колку време треба да помине за да го направам тестот, колку кошта и дали е анонимен? Ако може нешто повеќе околу тоа да ме советувате?

ОДГОВОР: Почитувани, Во Скопје се наоѓаат 2 центри (референтни установи за дијагностика на ХИВ) каде што можете да го проверите својот ХИВ статус и тоа: Институт за јавно здравје (ИЈЗРМ), приемно одделение и Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби- Скопје, каде што има и советувалиште за ХИВ/СИДА. Останати установи за дијагностика во РМ има во 10те Центри за јавно здравје: Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Тетово, Куманово, Штип, Струмица, Велес и Кочани, како и советувалишта.

За да направите тест потребно е да поминат најмалку 4 недели од ризичниот контакт, со цел да се добие време за создавање на антитела кои што се детектираат  со спроведување на вирусолошки тестови. Тестирањето е бесплатно, доверливо и истото може да се направи под шифра. Резултатот ќе Ви биде откриен исклучиво во Ваше присуство од надлежно стручно лице, каде ќе бидете и советувани пред и по спроведеното тестирање во однос на она што треба да го превземете во наредниот период.

 

Сектор за контрола и следење на заразните болести

 

ИНФОРМАЦИИ ЗА НЕЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

ПРАШАЊЕ: Потребни ми се информации за трендот на движењето на незаразните болести во РМ, како и фактори за ризик на појава на НЗБ. На кој начин можам да ги добијам тие информации?

ОДГОВОР: Почитувани, бараните податоци и информации ќе ви ги доставиме според сите параметри кои сте ги побарале. Потребно е да доставите барање, кое ќе го преземете ТУКА*.

Сектор за промоција, анализа и следење на незаразни болести

ИСПИТУВАЊЕ НА ЛЕКОВИ

ПРАШАЊЕ: Почитувани, би сакале да испитаме лекови и дали тоа се врши во Вашата институција?

ОДГОВОР: Почитувани, Во врска со информации за лековите, надлежна институција е Агенцијата за лекови и медицински средства на РМ (МАЛМЕД).

 

Сектор за испитување и контрола на лекови

 

ПОДАТОЦИ ЗА ДИЈАБЕТЕС

ПРАШАЊЕ: Јас сум докторант на медицински факултет и потребни ми се податоци за Дијабетес застапени според пол, возраст, МКБ10 за период од 10 години, за обработка на труд.

ОДГОВОР: Почитувани, бараните податоци ќе ви ги доставиме според сите параметри кои сте ги побарале. Потребно е да доставите барање, кое ќе го преземете ТУКА*.

Центар за статистичка обработка на податоци

АНАЛИЗА  НА ВОДА 

ПРАШАЊЕ: Почитувани, јас имам земјиште на кое има природен извор на вода чиј состав би сакал вашата институција да го испита и да ми издаде официјален документ. Ве молам да ме информирате колку долго трае и колку чини таа постапка. Благодарам,

ОДГОВОР: Почитуван, Во врска со Вашето прашање, Институтот за јавно здравје врши анализа на водата за пиење. Во Вашиот случај треба да се испита водата во 4 различни годишни сезони на бактериолошка, физичко-хемиска анализа, анализа на резидуи од пестициди, радиолошка и паразитолошка анализа. Доколку се излегува на терен, се наплаќаат и манипулативни трошоци зависно од дистанцата.

Сектор за здравствена екологија

ИСПИТУВАЊЕ НА КОЗМЕТИЧКИ СРЕДСТВА

ПРАШАЊЕ: При испитување на козметички средства што е потребно?

ОДГОВОР: Почитувани, доколку сакате да добиете здравствен сертификат за козметички производ, потребно е да поднесете барање, кое можете да го преземете ТУКА**.

 

Потребна документација за добивање на здравствен сертификат за козметички производ

  1. Потребно е клиентот да е регистриран за производство на козметички производи;
  2. Сертификати за квалитет на сите суровини кои се користат при производство;
  3. Деклариран состав (доколку има бои, парфеми, конзерванси или други супстанции кои се  под рестрикција во Европа, треба да се наведе нивната концентрација);
  4. Спецификација за квалитет (боја, изглед, маса на полнење, рН вредност …);
  5. Краток опис на постапката на производство;
  6. Примерок од производот спакуван и означен согласно Закон за безбедност на козметички производи (Сл.весник 55/07) (доколку полнењето на примерокот изнесува  50 g или повеќе, доволни се два примерока; за помали тежини, треба да се достават по три примероци од секој производ);

 

Сектор за испитување и контрола на лекови

ВАРИЧЕЛА

ПРАШАЊЕ: имам 57 години и немам прележано варичела. ме интересира дали можам да примам вакцина и каде? Ова го прашувам бидејќи сум во непосреден контакт со мали деца. Рубеола имам прележано во рана бременост на 25 години. Ве молам за одговор

ОДГОВОР: Сите вакцини кои не се дел од Програмата и Календарот за задолжителна имунизација (на лица до 18 годишна возраст), а се даваат по епидемиолошки или клинички индикации, како и вакцините кои се даваат на лица патници во меѓународниот сообракај се во надлежност и се даваат во Центрите за јавно здравје (регионални) и нивните подрачни единици низ републиката. Ако сте жител на Скопје контактирајте го надлежниот епидемиолог во Центар за јавно здравје Скопје.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

Одделение за надзор на имунизација

МАЛАРИЈА

ПРАШАЊЕ: Разбравме дека треба да се пие малерон против маларија, за патување во Занзибар. Ве молам кажете ни точно колку време пред/ после патувањето?

ОДГОВОР:Точно е дека се земаат антималарици – лекови како профилакса при патување во ендемски земји за маларија како што е Танзанија, односно Занзибар. Малароне е лек кој се зема како профилакса против маларија. Дозирањето зависи од возраста и здравствената кондиција на лицето кое треба да го зема лекот.

За подетални информации и здравствени препораки во врска со превенција на маларија и други вектор преносливи заболувања при патувањето во Занзибар  Ви советувам да го контактирате Центарот за јавно здравје – Скопје – Одделение за епидемиологија

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

Одделение за надзор на имунизација

ВАКЦИНИ И ИМУНИЗАЦИЈА

ПРАШАЊЕ: Родена сум во 1983 година. Моментално живеам во странство и поради мојата здравствена состојба многу е битно да знам кои вакцини ги имам примено како мала. Како можам да дојдам до тие информации?

ОДГОВОР: Во однос на примените вакцини, информации можат да се добијат во Вакциналните пунктови каде што е извршена вакцинацијата.

Тоа значи дека треба да го побарате Вакциналниот пункт кадешто Ве вакцинирале, кој вообичаено е сместен во Здравствениот Дом на територијата каде што во тоа време сте живееле. Таму можат да Ви направат преписка на вакциналниот картон со сите примени вакцини.

Исто така, доколку имате здравствена легитимација, од времето кога Ве вакцинирале, има страна со вакцинален календар. Ако се внесувани сите вакцини и таму можете да ги најдете сите примени.

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

Одделение за надзор на имунизација

КОЛОРЕКТАЛЕН КАНЦЕР

ПРАШАЊЕ: Ви се обраќам за да ве прашам дали постои можност да добијам статистички податоци за застапеноста на колоректалниот канцер и смртноста од истиот во Република Македонија, во Источниот и Југоисточниот регион на РМ. Јас сум студент на Општа медицина, а податоците ќе ми послужат за изготвување на дипломски труд. Во годишниот извештај за 2014 година ги нема конкретните податоци за колоректален канцер.

ОДГОВОР: Податоци за смртност од рак на дебело црево по региони и општини треба да побарате од Државниот завод за статистика. За заболеноста од оваа болест, податоци ќе добиете од МЗ Управа за електронско здравство, кои ги добиваат податоците од Мој термин.

 

Сектор за промоција,анализа и следење на незаразни болести

РЕАГЕНСИ

ПРАШАЊЕ: Ве молам да информација дали добивте реагенси за испитување на ХИВ, и дали воедно има регенси за испитување хепатит Б и Ц?

ОДГОВОР: Во однос на реагенси, моментално нема за ХИВ, но има за хепатит Б и за хепатит Ц. 

 

Лабораторија за вирусологија и молекуларна биологија

ИМУНИЗАЦИЈА

ПРАШАЊЕ: Ве молам кажете ми од кога во Македонија ќе почне да се применува петтовалентна вакцина за доенчиња? Моето внуче е на возраст кога треба да ја прими таа вакцина, но со обѕир на тоа што сеуште ја нема, дали да чекаме до тогаш кога ќе биде воведена или сега да ја прими постоечката?

Вера Д.

ОДГОВОР: Во врска со Вашето прашање за воведување петтовалентна вакцина во Р. Македонија, одговорот можете да го побарате во Министерството за здравство, Сектор за превентивна здравствена заштита, како единствени надлежни за воведување на нови вакцини или модификација на Календарот за имунизација.

Во моментов сеуште не е воведена петтовалентна односно шестовалентна вакцина, но се најавува дека тие ќе бидат воведени следната година.

До тогаш, сите деца, па и Вашето, ќе треба да се вакцинираат според сегашниот Календар за имунизација, со постоечките вакцини.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

Одделение за надзор на имунизација

ЛИСТЕРИОЗА

ПРАШАЊЕ: За потребите на мојата семинарска работа потребни ми се податоци за состојбата со листериоза во Република Македонија. Ве молам за одговор.

Студент на постипломски студии од Скопје

ОДГОВОР: Согласно законската регулатива во РМ Листериозата како заболување кај луѓето е задолжителна за пријавување до надлежните институции. Според податоците за пријавени заразни заболувања со кои располага ИЈЗ, секторот за контрола и превенција на заразни болести во последните 15 години (1998 – 2012) во Републиката не е регистриран ниту еден случај на заболување од листериоза кај луѓето. Но, согласно задолжителниот систем на пријавување на микробиолошки изолати/на друг начин докажани причинители на заразна болест во ИЈЗ се регистрирани четири пријави за докажана Listeria monocitogenes  во 2012 година (во материјали крв и еден ликвор).

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

ЕКОЛОГИЈА

ПРАШАЊЕ: Поликлиниката Ѓорче Петров претставува директна закана за жителите на зградата која се наоѓа на улица Булевар Црвена Армија бр. 20 и е оддалечена 30 метри од Поликлиниката која се загрева со парно на дрва, а оџакот е низок па целиот чад најчесто доаѓа директно во зградата. Мора што побрзо да се реагира Поликлиниката да се поврзе на градско парно или да се префрли на струја или да се најде друго еколошко решение,бидејки ако продолжи ваквата состојба тоа би било еднакво на локален ГЕНОЦИД. Стравуваме дека во печките се гори и медицински отпад, бидејќи понекогаш се чуствува мирис на пластика. Се надеваме дека на овој проблем ќе му се пристапи искрено затоа што станува збор за здравјето на луѓето, особено што се во прашање и ДЕЦА и БЕБИЊА.

Жители од зградата во Ѓ. Петров

ОДГОВОР: За одговор на ова треба да се обратите до Министерството за екологија преку нивната подрачна единица во Општина Ѓорче Петров

Сектор за здравствена екологија

ШПРИЦЕВИТЕ И ХИВ

ПРАШАЊЕ: Бремена сум и пред три недели нагазив на шпиц кој ја проби обувката. Сакам да направам HIV RNA PCR тест. Па ме интересира дали овој тест се однесува на ХИВ1 или ХИВ2? Исто така ме интересира и цената и точноста на тестот? И дополнително дали постои опасност при тестирањето да се заразам од ХИВ во Вашите лаборатории. Ве молам за одговор!

Жителка на Скопје

ОДГОВОР: Постојат неколку начини на превенирање на ХИВ и тоа:

  1. Незаштитен сексуален контакт (без употреба на кондом)
  2. Примање на трансфузија на контамирана крв со ХИВ
  3. Размена на контаминирани игли и шприцеви со крв кај интравенски корисници на дрога
  4. Од мајка на плод, ако е мајката ХИВ позитивно лице

Нагазување на шприц само по себе не би требало да претставува голем ризик за ХИВ, бидејќи не знаете дали е користен, кој го користел, дали имало крв на него или не, односно дали е претходно употребен. При повреда на интактна кожа може да постои поголем ризик од вирусни Hepatitis B или C.

Тестирање за ХИВ можете да направите во двете референтни институции за тестирање на ХИВ и тоа бесплатно, доверливо и под шифра.

  • Во Институт за јавно здравје на РМ (зграда на МЗ страничен влез на приемно одделение)
  • На Клиниката за инфективни заболувања и фебрилни состојби во Скопје

Лабораторијата за вирусологија располага со тестови за детекција на анти ХИВ антитела како и за детекција на ХИВ п24 антигенот. Клиентката може да дојде во нашата Институција каде што ќе добие брзо, навремено и сигурно тестирање. Ако сакате друг вид на тестирање  (ELISA, PCR) потребно е да имате син картон и упат од матичен лекар.

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

ВАКЦИНАЦИЈА

ПРАШАЊЕ: Би сакала да се информирам околу заразните болести во Шри Ланка и Малезија.Не сум сигурна дали се обраќам на вистинското место но ме интересира дали е потребно да се примат вакцини (бидејќи на интернет читам дека е препорачливо да се вакцинираме од Хепатит, Жолта Треска, маларија..). Дали Вашата иснтитуција врши вакцинација и колку чини?

Самостоен референт во Комерцијална банка

ОДГОВОР: Сите информации околу вакцинацијата (или хемиопрофилакса) за патници во меѓународнуиот сообраќај, како и самиот акт на вакцинација или добивање на медицински препарати за хемиопрофилака против одредени заразни болести, согласно законската регулатива во Македонија и меѓународната здравствена регулатива и препораки на референтни институции,  можете да ги добиете во надлежниот  Центар за јавно здравје или негова подрачна единица. За Скопје, обратете се во Центарот за јавно здравје Скопје, на улица “3 -та Македонска бригада” бр.18 (зад новата Железничка станица).

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

ГОНО-ЧАЈ

ПРАШАЊЕ: Во продажба е Гоно – чај, наменет за топење камен во бубрег за што продавачот трвди дека е атестиран во Институтот за јавно здравје на РМ. Ако сте во можност, ве молам да ми одговорите дали гоно – чајот има сертификат од вашата институција со што се потврдува дека дека тој е безбеден за употреба

Драгица Љубевска

ОДГОВОР: Гоно – чајот е тестиран во акредитираните лаборатории на Институтот за јавно здравје на РМ со што се потврдува неговата здравствена исправност. Нашата институција не е надлежна за безбедноста на чајот по однос на дијагнозата за која продавачот тврди дека е наменет. За таа информација треба да се обратите до Институтот за фармакологија и токсикологија на Медицинскиот факултет. Не ни е познато дали постои студија која ќе дадае одговор на вашето прашање.

Сектор за контрола и испитување на лекови