ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на деветтата недела од 2016 година (29.02 – 06.03.2016), во Република Македонија од 28 извештајни единици пријавен е 1.931 случај на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 93,3 на 100.000 жители, што претставува намалување за 37,5% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 59,6% споредено со 9-та недела од минатата сезона, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони исто така постои намалување од 27,0% (Графикон 1).

Горенаведените податоци говорат во прилог на намалување на сезонската активност на грип по достигнатиот пик во текот на седмата недела, а пријавениот број на случаи оваа недела е значајно под горната неделна граница на очекуван број на случаи (4.369) (Графикон 1)

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона 2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 grafikon 1

И во деветтата недела, најголем број заболени (n=1.282 или 66,4%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај децата/учениците од 5-14 години (I=153,8/100.000) и децата на возраст од 0-4 години – 126,5/100.000 жители.

Оваа недела најголем број заболени (n=240) се пријавени од ЦЈЗ Скопје, во ЦЈЗ Охрид – 234, ЦЈЗ Прилеп има регистрирано 231 заболен и ЦЈЗ Тетово – 213. Највисока инциденца од 417,0 на 100.000 жители во текот на неделата е регистрирана на територија на ЦЈЗ Охрид, а во ПЕ Дебар  се регистрира втора највисока инциденца од 349,5/100.000, потоа следат ПЕ Свети Николе со инциденца од 297,4/100.000 и ПЕ Кавадарци  281,2/100.000 (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, деветта недела 2016 година.

 kartogram

Вкупниот број на пријавени случаи од грип изнесува 22.300,  a кумулативната инциденца е 1077,7/100.000 жители. За истиот овој период, пријавени се 2 смртни случаи асоцирани со грип, на територијата на ЦЈЗ Битола.

Во споредба со истиот период од минатата година, вкупниот број на пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 19,6%, а во однос на моделот за последните пет сезони (n=18.240) се регистрира зголемување од 22,3%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 30 извештајни единици. Најголем број заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Струмица (n=2.973; 13,3%; I=3.138,8/100.000), ЦЈЗ Скопје (n=2.337; 10,5%; I=378,4/100.000), ЦЈЗ Прилеп (n=2.280; 10,2%; I=2.392,0/100.000) и ЦЈЗ Битола (n=1.818; 8,2%; I=1.783,7/100.000). Нема пријавени случаи во ПЕ Валандово, а највисока  инциденца (I=4.806,9/100.000) е регистрирана во ПЕ Свети Николе (986 заболени) (Графикон 2).

 Графикон 2. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ,   сезона 2015/16

 grafikon 2

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 14.774 случаи (66,3%), а најголема кумулативна инциденца од 1.865,2/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години (1.431,3/100.000 жители) (Графикон 3).

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возрасни групи,  сезона 2015/16

 grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст секој нареден месец од почетокот на сезоната. Најголем број на заболени се регистрирани во текот  на месец февруари, кога се пријавени 15.489 случаи или 69,5% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната. Во првата недела од месец март се регистрирани 1.931 случај или  8,7% од вкупниот број во сезоната (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

 grafikon 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 9-та недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ сe тестирани 4 материјали за присуство на грип, од кои еден е позитивен, Influenza А.

Во сезоната 2015/2016 од пристигнатите 73 примероци, 14 (19,2%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (3 се A(H1N1)pdm09 и еден е H3N2), 6 се Influenza A – нетипизирани  и 4 –  Influenza B).

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ и нивните ПЕ вакцинирани се вкупно 26.770 лица и потрошени  88,6% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 9-та недела, вакцинирани се 17 лица, во Куманово – 5, во Битола и Кичево по  4 лица, Скопје – 2 и по едно лице во Тетово и Ресен.

80,1% од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,0% (n=16.071), 34,9% (n=9.343) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,0% (n=540) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.172 или 67,9% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години и од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Оваа недела се регистрира значителен пад на бројот на регистрирани случаи, но и понатаму имаме широка географска распространетост и висок процент на  позитивни примероци согласно вирусолошкиот надзор.

Може да се констатира дека во Македонија активноста на вирусот на грип бележи намалување и е со средно висок интензитет, движејќи е во рамките на очекуваниот интензитет за овој период од сезоната. Се очекува активноста на вирусот на грип постепено да се намалува, со варијации во интензитетот во наредните недели.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 8 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, 25 од вкупно 45 земји-членки во Европскиот регион на СЗО пријавиле среден интензитет  на вирусот на грип врз основ на епидемиолошките податоци од надзорот за болести слични на грип (ILI) и акутни респираторни инфекции (ARI). Додека 5 земји пријавиле висок интензитет на вирусот, а 15 земји низок изнтензитет на вирусот.

Според географската дистрибуција за која даваат податоци 44 земји, 27 од нив пријавиле широка распространетост, пет земји – регионална и 11 локална или спорадична активност.

Триесет и шест земји објавија детекција на вирусот на инфлуенца во 47,3% од тестираните примероци од сентинел надзорот. Инфлуенца Б вирусот учествува со 47,3%, а Инфлуенца А  со 52,7%  во детектираните сентинел примероци.  А(H1N1) pdm09 останува доминантен подтип со 76,6% од Инфлуенца А.

Случаи на тешка болест се помалку детектирани во споредба со претходните недели, но бројот варира од земја до земја. Најтешките случаи се поврзани со А (H1N1) pdm09 и се кај лица на возраст од 15-64 години.

Досега, доминацијата на А(H1N1) pdm09 ја карактеризира сезоната 2015-2016 во повеќето земји во регионот; овој подтип може да предизвика потешка болест и смрт кај луѓето помлади од 65 години.

Околу 68,4 % од откриените вируси оваа сезона се тип А, а 31,6% се тип Б. Најголем дел од Influenza А e А(H1N1)pdm09 подтипот (82,7%), а од Influenza B, од типизираните – B/Victoria (42,9%).

Од 52/2015 недела, неколку европски земји со системи за надзор за тешки акутни респираторни инфекции (SARI) пријавиле зголемување на бројот на случаи поврзани со А (H1N1) pdm09. Слично на тоа, земјите кои пријавуваат лабораториски потврдени случаи во болниците и одделите за интензивна нега детектирале инфлуенца А кај поголемиот број на случаи од почетокот на сезоната, а А(H1N1) pdm09 е доминантен подтип.

Досега типизираните вируси оваа сезона се генетски слични на соевите кои се препорачани за вклучување во вакцината за северната хемисфера за оваа сезона.

За сезоната 2016-2017 на северната хемисфера СЗО препорачува тривалентна вакцина која содржи:

  • A/California/7/2009 (H1N1) pdm09-like вирус;
  • A/Hong Kong/4801/2014 (H3N2)-like вирус;
  • B/Brisbane/60/2008-like вирус (Victoria).

Се препорачува квадривалентната вакцина да ги содржи горенаведените плус уште еден тип на инфлуенца Б вирус – B/Phuket/3073/2013-like virus (Yamagata).

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје