Во текот на 40-тата недела од 2017 година (од 02.10.2016 – 08.10.2016), во Република Македонија пријавени се 3 (I=0,1/100.000) случаи на групни пријави за заболени од грип, во споредба со 23 заболени кои биле пријавени во истиот период минатата сезона.

Заболени од грип се пријавени од ЦЈЗ Тетово (n=2) и ЦЈЗ Струмица (n=1).

Во однос на возрасната дистрибуцијата, по едно лице е регистрирано во возрасните групи од 0-4 години, 15-64 години и над 65 години.

Во текот на 40-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 11 примероци на материјал за лабораториско тестирање на грип.  Сите тестирани материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

 

Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака за целото население, особено за лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Се очекува сите ЦЈЗ/ПЕ да отпочнат со вакцинација после 15 октомври, веднаш по добивањето на вакцините против грип. Вкупната количина на нарачани тритипни вакцини  за оваа сезона – Influvac, производство на Abbot, Холандија, која ќе се подели меѓу 10-те Центри за јавно здравје и нивни подрачни единици, изнесува 28.000 дози.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Првиот извештај за состојбата со грип во Европскиот Регион на почетокот на новата сезона 2016/2017  (40 недела) ќе биде публикуван во петок, 13 октомври и ќе биде презентиран во наредниот извештај.

Согласно презентираните информации на Flu News Europe за септември месец (од 35-39 недела), активноста на вирусот на инфлуенца во Европа е со низок интензитет, а само неколку земји пријавиле детекција на спорадични инфлуенца вирусни инфекции, преку редовниот и сентинел системот за надзор.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје