СЗО соработува со земјите ширум светот за да ја подигне свеста за важноста на вакцините и имунизацијата, како и да ја нагласи потребата за колективно делување со давање на потребни насоки и техничка поддршка за спроведување на висококвалитетни програми за имунизација.

Долг живот за сите не е ветување, тоа е амбиција, затоа што секој заслужува шанса за исполнет живот. Вакцините неселективно спасуваат животи уште од 1796 година. Првата имунизација против мали сипаници беше борба против болеста и за прв пат им се даде шанса на сите. Имено, благодарение на вакцините, милијарди луѓе живееле, живеат и ќе живеат подолго.

Светската недела на имунизација, позната и како Европска недела на имунизација (EIW) ја промовира основната порака дека имунизацијата на секое дете е од витално значење за спречување на болести и заштита на животот, со посебен фокус на децата од тешко достапни ранливи и маргинализирани групи, инициран од СЗО во Октомври 2005 год. Вакцините даваат можност и надеж за сите нас да уживаме во поисполнет живот за што треба заеднички да се бориме, а слоганот Долг живот за сите ја носи оваа порака низ регионот. И секако, крајната цел на Светската недела на имунизација е што повеќе луѓе и нивните заедници да бидат заштитени од болести коишто може да бидат спречени со вакцини.

 

Иницијатива од целиот регион

Целта на EIW, како годишен настан, е да го зголеми опфатот со вакцинација и да се изградат позитивни ставови за потребата од имунизација преку подигање на свеста за важноста на имунизацијата кај родителите и старателите, здравствените работници, носителите на политики и одлуки и медиумите. Неделата на имунизација во европскиот регион е иницијатива координирана од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа во соработка со земјите членки и партнерите со фокус на зголемената доверба во вакцините и вакцинацијата. Вакцинацијата се смета за сигурно решение и во намерата за запирање на пандемијата COVID-19. Но, и во услови на пандемија, одржувањето на континуитетот во спроведувањето на националните програми за имунизација има приоритет кој никако не смее да биде загрозен. Имунизацијата е резултат на колективната одговорност, затоа погрижете се Вие ​​и членовите на вашето семејство да сте вакцинирани навремено и целосно.

Имунизацијата е најбрзата, најефикасната и економски најоправданата мерка која директно влијае на намалување на морбидитетот и смртноста од заразни болести. Имунизацијата е една од најуспешните иницијативи за јавно здравје и превентивни мерки во сузбивањето на заразните болести. На овој начин, се обезбедува заштита на здравјето на поединецот и заедницата во целина, се намалуваат трошоците за лекување, се намалува инвалидитетот и сите трошоци поврзани со него и се намалува смртноста на населението. Со тоа се подобрува квалитетот на животот на поединците и нивните семејства, се спречува појавата на физичка и психичка болка кај поединецот, се избегнуваат трошоците за третман и лекување за поединецот и семејството и се обезбедува работоспособно население кое придонесува за економски развој на општеството. Со воведувањето на имунизацијата како мерка за заштита на населението од заразни болести постигнати се најдобрите резултати во историјата на медицината. Бројни заразни болести се искоренети во светски рамки, дел од нив се елиминирани, а голем дел од заразните болести се ставени под контрола, при што само во одредени реони во светот се регистрираат поединечни случаи. Имунизацијата, не само што штити од појава на болести (вклучувајќи рак на грлото на матката, дифтерија, хепатитис Б, сипаници, заушки, голема кашлица, пневмонија, детска парализа, дијареа предизвикана од ротавирус, рубеола и тетанус), компликации и инвалидитет, туку и од смртност. Благодарение на вакцинацијата, секоја година во светот се спречуваат меѓу 2-3 милиони смртни случаи. И покрај тоа, се проценува дека 18,7 милиони деца во светот остануваат невакцинирани секоја година, со основните вакцини во рамките на проширената програма за имунизација.

Во светски рамки, околу 10 милиони деца под 5 години умираат годишно. Една четвртина од нив, се деца кои умираат од болести што може да се превенираат со вакцина, а 1,4 милиони деца се под 5 годишна возраст.

Имунизацијата мора да биде приоритет поради 7 клучни причини:

  1. Имунизацијата спасува животи
  2. Имунизацијата е основно право, но не е достапна за секого
  3. Епидемиите претставуваат сериозна закана
  4. Заразните болести можат да бидат фатални
  5. Заразните болести може да се контролираат и елиминираат
  6. Имунизацијата е рентабилна мерка за јавно здравје
  7. На децата во здравствените системи треба да им се обезбеди безбедна, ефикасна, достапна и ефикасна вакцина

Заштитата на населението од заразни болести, согласно нашиот Закон за заштита на населението од заразни болести, опфаќа општи и посебни мерки за спречување на појавата, раното откривање, спречувањето на ширење и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите. Една од посебните мерки за заштита на населението од заразни болести е имунопрофилакса и хемиопрофилакса, која ја спроведуваат здравствените установи.

Така, во нашата земја, секоја година Владата на предлог на Министерството за здравство, носи Програма за задолжителна имунизација на населението во РСМ, која е дел од јавно здравствените мерки што се преземаат за спречување на ширењето на заразните болести.

Покрај индивидуалната заштита што ја постигнуваме преку вакцинацијата, со спроведување на Програмата за задолжителна вакцинација на населението во РСМ, постигнуваме и високи стапки на колективен имунитет. За болестите кои се пренесуваат од човек на човек, доколку се постигне доволен опфат со вакцинација, преносот на болеста ќе биде запрен – имуните поединци ќе ги заштитат неимуните (оние лица кои од медицински причини не треба да се вакцинираат).

Покриеноста со имунизација е еден од показателите за достапноста на примарна здравствена заштита и проценка на капацитетот на здравствениот систем. Таа претставува еден од клучните елементи за силен здравствен систем и подготовка на земјата за идните предизвици на јавното здравје.

Здрава популација е претпоставка за работоспособно население кое создава нов доход, а со тоа и нов квалитет во целокупното живеење. Од таа причина, постигнувањето и одржувањето на колективниот имунитет на населението против заразни болести преку вакцинација е суштината на заедничките напори во сите земји во светот.

Ако се прекине вакцинацијата или ако опфатот e низок, заразните болести ќе ни се вратат во форма на епидемија. Нема ограничувања за заразните болести и нивните причинители, што се потврдува и со појавата на вирусот SARS CoV2.

Во 21-ви век, секој поединец има право да живее без болести коишто можат да се спречат со вакцини, но сепак овие болести и понатаму претставуваат значајна закана во Европскиот регион на СЗО.

Мора да бидеме свесни дека вакцините работат за да не заштитат сите заедно. Затоа и слоганот на овогодишната Светска недела на имунизација е Долг живот за сите“.

 

 

ПОСТЕР-За здрав и долг живот вакцинирајте се против ковид-19

flaer

 

 

ПОСТЕР-Овозможете им здрав живот на вашите деца, вакцинирајте ги редовно

flaer