Во периодот од 20.07-25.07.2019, пријавени се вкупно 5 нови случаи на мали сипаници.

Од вкупниот број на пријавени случаи, 4 случаи се од Скопје и еден е од Куманово.
Според возрасната дистрибуција, во тек на оваа недела пријавени се по 2 случаи под една година, 1 од 1-4г, 1 од 15-19г. и 1 над 30 годишна возраст. Според вакциналниот статус 4 од случаите се невакцинирани или со непознат вакцинален статус и еден е вакциниран со две дози.
Вкупниот број на случаи од декември 2018 заклучно со 25.07.2019, во Република Северна Македонија изнесува 1.870 случаи со стапка на заболување од 90,4 на 100.000 жители. Во понатамошниот дел од анализите не се земени во предвид отфрлените случаи и лицата со комплетна вакцинација за кои недостасува лабораториска потврда.
Во тек е епидемија на мали сипаници на цела територија на Македонија.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 24 градови, од нив 979 случаи има во Скопје, Куманово – 231, Тетово – 194, Струга – 112, Гостивар – 69, Кичево – 59, Велес – 53, Штип – 40, Охрид – 35, Дебар – 22, Гевгелија – 19, Прилеп – 11, а во останатите градови се регистрираат по помалку од 10 случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга 165,1/100.000, Куманово 161,9/100.000 и Скопје 158,5/100.000 (Картограм 1).

Картограм 1. Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во Македонија, декември 2018 – јули 2019

mapp

Најголем број од случаите припаѓаат на возрасната група над 30 години – 838 (44,8%), а вкупната стапка на заболување кај оваа возрасна група изнесува 65,8 на 100.000 жители. Највисока стапка од 1.369,1 заболени на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст под една година, каде се пријавени 320 заболени (17,1%). Кај децата на возраст од 1-4 години се регистрираат 279 случаи (14,9%) со стапка од 300,6 на 100.000 жители (Графикон 1).

Графикон 1. Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Македонија според  возраст, декември 2018-јули 2019 (n=1.870)

grapp

Според вакциналниот статус, 1.501 или 80,3% од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 320 (21,3%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација. Од вкупно 279 заболени деца на возраст од 1-4 години, 86,7% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 838 заболени кај лицата над 30 годишна возраст, 72,2% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Од пријавените случаи, 842 или 45,1% биле хоспитализирани, а кај 296 (15,8%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации биле кај деца од 0-4 години (n=134; 45,3%), и тоа 77 (26%) – кај деца до една година и 57 (19,3%) – кај деца на возраст 1-4г, што укажува дека овие возрасни групи – најмалите, се најзасегнати и подложни на компликации.
Според резултатите добиени од примероците испратени во референтната лабораторија за мали сипаници во Луксембург, во државата циркулира генотипот B3 Dublin кој циркулира и во соседните држави.
Од почетокот на епидемијата, во Скопје се вакцинирани 16.333 деца, додека во останатиот дел од државата вакцинирани се 17.396 деца на возраст до 14 години кои подлежат на вакцинација. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 33.729.
Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани вкупно 6.032 дози на вакцина, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

Сектор за контрола и превенција на заразни болести
ИЈЗ Скопје