Појава на кластер на случаи со пневмонија во Кина, поврзан со појава на нов Corona virus

 

На 31 Декември 2019 година, кинеските здравствени власти пријавија до СЗО кластер на случаи на пневмонија од непознато потекло во градот Вухан, провинција Хубеи во Кина.

Вкупниот број на заболени поврзани со овој кластер достигна до 59 случаи на заболување од кои 7 со потешка клиничка слика и еден смртен случај. Заедничка за сите случаи е изложеноста на пазарот на морска храна во Вухан (трговија на големо, пазар на морска храна и живи животни).

Заболените имале симптоми на висока температура, треска и тешкотии во дишењето, со радиолошки тест компатибилен со обострани лезии на белите дробови.

Сите случаи се ставени во изолација, а во тек се активности за пронаоѓање на контакти. Истовремено се преземени и мерки и активности за хигиено-епидемиолошка санација на просторот на посочениот пазар, кој е затворен за јавноста на 1 јануари 2020 година.

Досегашните истражувања идентификуваа вкупно 739 блиски контакти, од нив 419 се здравствени работници. Сите се ставени под здравствен надзор, а досега не е докажана никаква поврзаност со пријавените случаи на заболени лица. Нема новорегистрирани случаи од 3 јануари наваму.

Според кинеските власти, до овој момент не може да се документира ниту еден случај на пренос на оваа инфекција од човек на човек.

Нема пријавени случаи меѓу здравствени работници.

 

Прелиминарните истражувања сугерираа на вирусна пневмонија.

Првичните вирусолошки и молекуларни тестирања кај заболените случаи ги исклучија вирусите на сезонски грип, вирусите на птичји грип, аденовирусите, досега познатите коронавируси – САРС и МЕРС, како предизвикувачки агенс на ова заболување.

Понатамошните тестирања детектираа и потврдија дека се работи за нов корона вирус, а дополнителните истражувања за генетско секвенционирање на изолираните вируси од овие пациенти дадоа позитивен резултат, така што сега е официјално потврдено дека Вухан-вирусот е дел од родот бета-коронавируси, подрод Sarbecovirus.

Wuhan-CoV се чини дека во 89% е сличен на коронавирусите кај лилјаци, најслични со САРС вирусите во споменатиот подрод.

Почетокот на симптомите на досега 41 потврден случај на нов коронавирус (nCoV) до денес, се движи од 8 декември 2019 до 2 јануари 2020 година.

По пријавувањето на овој настан, неколку соседни земји и територии (Хонг Конг, Тајван, Тајланд, Малезија, Филипини, Виетнам и Сингапур), спроведоа активности за скрининг на влез на сите дојдовни патници од погодената област – на аеродромите и железничките станици.

Медиумски извори исто така објавија дека се идентификувани сомнителни случаи на пневмонија од непозната причина со историја на патувања во Вухан, во неколку околни земји/територии (Тајван, Сингапур, Макао и Хонг Конг).

Иако сите претходно сомнителни случаи се отфрлени како случаи поврзани со кластерот во Вухан, јавно-здравствените власти во Тајланд вчера го пријавија првиот случај на потврдена инфекција со новиот коронавирус – nCoV надвор од Кина, кај лице кое развило симптоматологија и е хоспитализирано по враќање од Вухан (епидемиолошки поврзано со кластерот во Кина).

Состојбата редовно се следи од страна на  СЗО и Европскиот Центар за контрола на болести (ЕЦДЦ) и новите информации се споделуваат  во реално време. Стручните тимови од ИЈЗ – Секторот за контрола и превенција на заразни заболувања и Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика (ЛВМД) ги следат внимателно настаните преку информации на споменатите референтни институции.

Проценка на ризикот : Потребно е да се продолжи со истражувања за добивање на посеопфатни информации за да се разбере актуелната состојба и можниот иден развој на ситуацијата, да се утврди изворот, начините на пренесување, можноста за ширење на инфекцијата и потребните противепидемиски мерки.

СЗО продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и, заедно со своите партнери, е подготвена да обезбеди техничка поддршка на Кина за да ја истражи и да одговори на епидемијата.

Прелиминарното одредување на новиот вирус ќе им помогне на властите во другите земји да спроведат мерки за откривање и одговор на болеста.

ИЈЗ во континуитет ги следи новините и препораките на СЗО и  во сезоната на грип врши дијагностика на соодветен материјал од пациентите со Сериозна Акутна Ресипираторна Инфекција (САРИ – ситем за следење) во ЛВМД, кој се тестира на инфлуенца и широка палета на други вирусни причинители, вклучително и на Коронавирус ХКУ1, Коронавирус ОЦ43, Коронавирус 229E, Коронавирус НЛ63.

Исто така, постојат капацитети и за детекција на МЕРС корона вирусот.

 

Препорака на СЗО: Врз база на информациите обезбедени од националните здравствени авторитети на Кина, препораките на СЗО за јавно-здравствени мерки и надзор над инфлуенцата и тешките акутни респираторни инфекции сéуште се применуваат (остануваат на сила).

СЗО не препорачува било какви специфични мерки за патниците.

Во случај на појава на симптоми кои сугерираат респираторно заболување, било во тек или после патувањето, патниците се советуваат да побараат медицинска помош и да споделат информација за патувањето со здравствениот работник.

СЗО советува против примена на какво било ограничување на патувањето или трговијата во/со Кина, врз основа на информациите што се моментално достапни за овој настан.

Повеќе информации за Корона Вируси