Неделни податоци

Во текот на 8-мата недела од 2021 година (од 22-28.02.2021), во Република Северна Македонија пријавени се 50 (I=2,4/100.000) случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, зголемување во однос на минатата недела кога беа пријавени 37 случаи.

Бројот на регистрирани случаи во 8-ма недела е намален во споредба со минатата сезона (n=5.654) и со типичната сезонска крива (n=3.113).

Заболените се пријавени од 6 ЦЈЗ/ПЕ, во Дебар – 38, во Охрид – 5, во Струмица – 3, во Кавадарци – 2 и во Куманово и Прилеп – по 1.

Во однос на возрасната дистрибуција, најголем број (21 лице) и највисока инциденца (18,1/100.000) се регистрира кај најмладите, децата на возраст од 0-4 години.

Во текот на 8-ма извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнати се 4 материјали за лабораториско тестирање на грип и дополнителни 281 материјал кој е тестиран паралелно за грип и КОВИД-19. Во текот на оваа недела е детектиран еден позитивен материјал – Influenza B, кај пациент од Прилеп.

Кумулативни податоци

 

Во сезоната 2020/2021 вкупниот број на заболени изнесува 666 (I=32,2/100.000), 33 пати помалку во споредба со истиот период минатата сезона (n=22.071) и 98,4% помалку во однос на типичната сезонска крива (n=19.660).

Кумулативно, заболени се пријавени од 14 ЦЈЗ/ПЕ. Најголем број на заболени – 412 и највисока инциденца (1.484,4/100.000) се пријавени во Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 268 случаи (40,2%), а највисока инциденца (176,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

 

Од почетокот на сезоната 2020/2021, заклучно со 8-ма недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнати се 22 материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип. Дополнителни 1.449 материјали се паралелно тестирани за грип и КОВИД-19. Детектирани се два позитивни материјали – Influenza B.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

 

Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2020/2021 започна на 10.11.2020 и се спроведува во Здравствените домови и Општите болници со проширена дејност (бесплатна вакцинација) и Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици (комерцијални вакцини). Закажувањето за бесплатните вакцини ќе се одвива кај матичен лекар, преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин. Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот ЦЈЗ или матичниот лекар за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

За сезоната 2020/2021, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 40.000 дози, наменета за приоритетните групи население.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 28.922 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

Од вкупниот број на набавени вакцини, 5.783 се дадени на здравствените установи за здравствени работници и вработени во здравствените установи. Дополнително се распределени 1.284 дози во дијализните центри, 1.573 дози во домовите за стари лица и 506 дози на останати категории на лица. До ИЈЗ не е пристигната информација од Министерството за здравство за тоа колку од распределените вакцини се аплицирани.

Заклучно со 8-ма недела, вакцинирани се вкупно 28.922 лица со бесплатна вакцина.

Дополнителни 14.500 дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест како комерцијални вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од извештаите на Центрите за јавно здравје, вакцинирани се 10.569 лица, а во 8-ма недела не се пријавени вакцинирани лица.

 

Заклучно со 8-ма недела, во Р.С. Македонија, вакцинирано е вкупно 39.491 лице.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 7-ма недела од 2021 година, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво низ Европскиот регион. Од рутинскиот и сентинел надзорот, спорадично се детектираат Inluenza A и Inluenza B. Не се регистрирани хоспитализирани случаи со лабораториски потврдена болест.

Според квалитативните индикатори, во однос на интензитетот, 33 земји се на базично ниво, а 2 се со низок интензитет. Според географската раширеност, 32 земји немаат активност, а 4 пријавуваат спорадични случаи.

 

Сезоната на грип во Европскиот регион обично го достигнува пикот овој период, но пријавената активност на грип сè уште останува на многу ниско ниво. Пандемијата (КОВИД-19) има негативно влијание врз здравствениот систем и капацитетите за тестирање на земјите во Европскиот регион, вкучително и Р.С. Македонија (намалено пријавување на епидемиолошки податоци и намалено тестирање за грип), а спроведените мерки за превенција против КОВИД-19 со оглед на начинот на пренос на двете заболувања, делуваат и за грипот што исто така може да го објасни малиот број на пријавени случаи. Затоа, презентираните податоци мора да се толкуваат со претпазливост.

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје