Неделни податоци

Во текот на 16-та недела од 2019 година (15.04-21.04.2019), во Република Северна Македонија се пријавени 123 (I=5,9/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е за 39,1% намалување во споредба со минатата недела (n=202).

Регистрираната инциденца оваа недела укажува на ниска активност на вирусот на грип согласно МЕМ моделот за одредување на интензитетот (Графикон 1).

Во текот на изминатата недела, не се регистрирани смртни случаи асоцирани со грип.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 9 материјали за тестирање на грип, од кои 2 (22,2%) позитивни за присуство на вирусот на грип – еден Influenza A(H3) и еден Influenza А несубтипизиран (Графикон 5).

Графикон 1.  Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични

                        на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

cd_1

 

Во 16-та недела, најголем број заболени лица (n=87; 70,7%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 11,2/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години (Гарфикон 2).

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

cd_2

Оваа недела пријавени се заболени лица од 15 извештајни единици, од кои во 12, бројот на регистрирани заболени лица е под 10. Најголем број заболени лица се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар (n=48) каде е регистрирана и највисока инциденца од I=40,8/100.000.

Во една извештајна единица се регистрира сезонска, во 14 – многу ниска активност, додека во 16 извештајни единици не е регистрирана активност на вирусот на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 16 недела 2019

мапа

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 21.265 (I=1.027,7/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=23.847), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 10,8%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=25.828) се регистрира намалување од 17,7%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите извештајни единици (31).

Најголем број на заболени лица се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=3.694), ЦЈЗ Струмица (n=2.476), ПЕ Кавадарци (n=1.885), ПЕ Гостивар (n=1.627) и ЦЈЗ Прилеп (n=1.576) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца од 4.380,3/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци и ЦЈЗ Струмица (2.614,1/100,000). Висока инциденца над 1.500,0/100.000 жители, регистрирана е во ПЕ Ресен, ПЕ Дебар, ПЕ Свети Николе, ПЕ Кратово и ЦЈЗ Прилеп (Графикон 3).

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона

                        2018/2019

cd_3

Во текот на сезоната 2018/19, регистрирани се вкупно 28 смртни случаи асоцирани со грип, на возраст од 5 до 86 години. Најголем број од починатите лица се жители на подрачјето на ЦЈЗ Скопје (13), 4 лица се од Охрид, по 2 од Кичево, Кавадарци, Делчево и Тетово и по еден смртен случај е пријавен во Ресен, Крива Паланка и Валандово. Кај 20 лица (71,4%) е утврдено постоење на коморбидитет.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 13.525 (63,6%), а највисока кумулативна инциденца од 2.015,6/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години.

Најголем број од пријавените случи се регистрирани во февруари – 11.076 заболени или 52,1% (Графикон 4) (Табела 1 во Прилог).

 

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2018/2019

cd_4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнат е вкупно 831 биолошки материјал од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот. Од пристигнатите материјали, 430 (51,7%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, сите инфлуенца А. Според субтипот 323 (75,1%) се Influenza A(H1)pdm, 56 (13,0%) се Influenza A(H3), а 51 (11,9%) се Influenza А несуптипизиран (Графикон 5).

Оваа сезона почнувајќи од 6 недела, па се до 10 недела процентот на позитивни резултати беше над 50%, а во пикот на сезоната во 7 недела процентот на позитивни примероци беше над 70% (Графикон 5).

Графикон 5.  Неделна и кумулативна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2018/2019

cd_5

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Инциденцата на регистрираните случаи на заболувања слични на грип, го достигна пикот во 8-та недела од 2019, неколку недели подоцна од очекуваното.

Намалениот број на пријавени случаи од епидемиолошкиот надзор, како и малиот бројот на пристигнати материјали и процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, укажува на вонсезонско ниво на активност на вирусот на грип. Оваа сезона, најголем број од докажаните инфлуенца вируси припаѓаат на поттипот Influenza A(H1)pdm (75,1%), а ко-циркулира и Influenza А(H3) која беше докажана кај 13,0% од примероците. Во последните недели се забележува зголемување на процентуалното учество на Influenza А(H3).

Оваа сезона се одликува со задоцнет старт и задоцнет пик на заболувањето, висока вирулентност на вирусот на грип, со голем број на пријавени сериозни респираторни инфекции и највисок број на смртни исходи асоцирани со грип, по пандемијата во 2009 година.

Во следниот период се очекува да се одржува вонсезонско ниво на активност на вирусот на грип.

 

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 15 недела/2019) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, од 41 земји во Европскиот регион кои известуваат за географска распространетост, само 5 пријавиле широка географска распространетост. Сите земји пријавиле низок интензитет на вирусот на инфлуенца.

Оваа недела, позитивни се 20% од тестираните примероци, според сентинел надзорот во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Податоците од земјите-членки кои известуваат до EuroMOMO покажуваат дека морталитетот (од сите причини) се врати на нормално ниво.

Во тек на сезоната 2018/2019, двата субтипови на инфлуенца А циркулираат, со тоа што некои земји регистрираат ко-циркулација, додека други земји пријавуваат доминација на A(H1N1)pdm09 или на A(H3N2) субтипот.

Од почетокот на 40 недела, 99% од инфлуенца А вирусите детектирани од САРИ (сериозна акутна респираторна инфекција) случаи беа субтипизирани, а 80% од нив беа A(H1N1)pdm09.

Генерално, тековните вакцини против грип имаат тенденција да делуваат подобро против вирусот на грип A(H1N1) pdm09 и вирусот на инфлуенца Б, отколку против вирусот на инфлуенца A(H3N2). Прелиминарните проценки за ефективноста на вакцината продолжуваат да ја поддржуваат употребата на вакцините. Првичните податоци сугерираат дека вакцините се ефикасни, но проценките се разликуваат во зависност од испитуваната популација и пропорциите на субтипови на циркулирачки вируси А.

 

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија