ПО ПОВОД 10 МАЈ – МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ 

 

10 maj mk

Редовната физичка активност, како што се пешачењето, возењето велосипед или танцувањетo, не само што ве прави да се чувствувате добро, туку има и значајни придобивки за здравјето. Физичката активност го намалува ризикот од кардиоваскуларните заболувања, дијабетесот и некои видови на рак, помага во контролата на тежината и придонесува за ментална благосостојба. Учество во физичката активност ги зголемува можностите за дружење и чувство на припадност во заедницата.

Активното живеење е корисно за здравјето на било која возраст, но тоа е особено важно за здрав развој на децата и младите и може да направи значителна разлика за доброто на постарите луѓе. Додека, физичката неактивност и седечкиот начин на живот се два водечки ризик фактори за здравјето и се причина за околу еден милион смртни случаи во Европскиот регион на СЗО.

 

Зголемување на физичката активност низ секторите

Постојат многу начини да се зголеми физичката активност и тоа во рамките на училиштата, на работните места, во превозот или во местото на живеење. СЗО ги повикува сите сектори, вклучувајќи го здравството, транспортот, домувањето и образованието на меѓусебна соработка која ќе донесе ефективни политики и соодветни интервенции, во зголемувањето на физичката активност.

 

 

ПОЛИТИКИ

Глобална стратегија

Благодарение на опсегот на убедливи наоди во текот на изминатата деценија во врска со физичката активност како важна здравствена одредница, сега постои солидна основа за јасен и силен повик за акција. Глобалниот акционен план на СЗО за спречување и контрола на хронични незаразни болести (ХНБ), 2013-2020 е еден од одговорите на овој повик. Оваа стратегија им обезбедува на земјите-членки политички мандат, да иницираат или да ги прошират активностите за спречување на хроничните болести и прекумерната телесна тежина, преку адресирање на четири главни ризик фактори, меѓе кои се и физичката неактивност и исхраната.

Европско ниво

Претходно, Европската повелба за борба против дебелина постави цел за спречување на епидемија на прекумерната телесна тежина и менување на сегашниот тренд во регионот, и детално ги нагласи клучните активности потребни за поттикнување на здрава исхрана и физичка активност. Европскиот акционен план за храна и исхрана 2015-2020 сега има за цел да направи оперативни концепти во повелбата. Важноста на физичката активност за справување со епидемијата на гојазност и пошироко беше нагласена на конференцијата во Повелбата и се рефлектира во водечкиот документ “Чекори за здравје: рамка за акција во Европскиот регион на СЗО”.Исто така Декларацијата за животната средина и здравјето, усвоена од страна на европските земји-членки на СЗО на Петтата министерска конференција, одржана во Парма- Италија, на 10-12 март 2010 година, ја нагласува важноста во обезбедување на безбедна средина која ќе овозможи поголема физичка активност и ги обврзува земјите членки да работат на постигнување на поставените цели.СЗО/Европа соработува со ХЕПА Европа (Европска мрежа за промоција на физичка активност за подобрување на здравјето), која промовира подобро здравје преку зголемена физичка активност, во безбедни услови.

Национално ниво

На национално ниво се потребни активности во различни сектори за да се воведат клучните стратегии за зголемување на физичката активност во различни услови. Многу земји веќе имаат развиени национални политики за физичка активност и акциони планови. СЗО/Европа ги собра во информативниот систем, со цел да им обезбеди на земјите-членки лесно достапни информации за унапредување на физичката активност и ширење на постојните искуства за поддршка на развојот на политиките.

Локално ниво

Локалните власти имаат клучна улога во создавањето на средини и можности за физичката активност и активно живеење. Градските водачи и други носители на одлуки можат да обезбедат лидерство, легитимитет и поволно окружување за развој и спроведување на политики кои го поддржуваат активното живеење за сите граѓани.

 

 

АКТИВНОСТИ

СЗО промовира активно живеење преку поддршка и спроведување на активностите во земјите-членки. Во тек се многу нови иницијативи кои им помагаат на луѓето да ја зголемат својата физичка активност, почнувајќи од градење на безбедни велосипедски патеки во градовите, до семејните лекари кои имаат важна улога во зголемување на активноста на граѓаните, тие даваат “рецепти за физичка активност” и поддршка на групи во заедницата, кои можат да ги зближат луѓето и да помогнат да се вклопат. Една од активностите на СЗО е иницијатива „движење за здравје“, која ги застапува придобивките од физичката активност и генерира јавна свест преку истакнување на добри практики. СЗО/Европа, ја олеснува европската мрежа за промоција на физичката активност за подобрување на здравјето (ХЕПА Европа), која работи на промовирање на физичката активност во здравствената политика и во другите релевантни сектори во Европа. Мрежата на европски експерти изготвува практични алатки, насоки, спроведува студии на случај и учествува во истражувачки активности, кои се користат во целиот регион.

 Физичката активност наспроти вежбањето

Физичката активност претставува, секое физичко движење кое го активира мускулно скелетниот систем, и ја зголемува енергетската потрошувачка. Физичката активност, е основно средство за подобрување на физичкото и менталното здравје на луѓето и истата ги намалува ризиците од многу незаразните болести. Физичката активност се постигнува низ игра, работа, пешачењето, домашните работи и рекреативните активности и таа не треба да се меша со вежбањето. Вежбањето е под-категорија на физичката активност, кое е планирано, структурирано, повторувачко и намерно, со цел подобрувањето или одржувањето на една или повеќе компоненти на физичката кондиција.

 

ПОДАТОЦИ И СТАТИСТИКА

Во светот, физичката неактивност е проценета како примарна причина за појава на 21-25% на рак на дојка и дебело црево, 27% на дијабетес и околу 30% на исхемична срцева болест. Во Република Македонија, истражувањето за здравствено однесување кај децата (HBSC), на возраст од 11,13 и15 години, спроведено во 2014г. покажа дека препорачаната 60 минутна секојдневна физичка активност, ја практикуваат само 32% момчиња и 22% девојчиња. Резултатите од секојдневната физичката активност, говорат дека момчињата и помладите испитаници се во поголем процент физички активни во повеќето денови. Драстичен пад на физичката активност има кај девојчињата и таа разлика е скоро за три пати помала кај 15-годишните девојчиња во однос на 11-годишните девојчиња. Во меѓународни рамки Македонија е меѓу земји со висока преваленца на секојдневната физичка активност и девојчињата се подобро рангирани од момчињата. Испитаниците од Македонија имаат повисока преваленца од просекот на студијата, која изнесува 25% за момчињата и 16% за девојчињата. 

Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести