Менталното здравје вклучува емоционална, психолошка и социјална благосостојба. Менталното здравје влијае на тоа како размислуваме, што чувствуваме и како дејствуваме. Исто така, од менталното здравје зависи како се справуваме со стресот, како се однесуваме со другите и како ги правиме изборите. Менталното здравје е важно во секој период од животот, во текот на детството и адолесценцијата вклучувајќи ја и зрелоста.
Постојат различни ментални нарушувања, со различно претставување. Тие обично се карактеризираат со комбинација на абнормални мисли, перцепции, емоции, однесување и односи со другите.
Менталните нарушувања вклучуваат: депресија, биполарно афективно нарушување, шизофренија и други психози, деменција, интелектуална попреченост и нарушувања во развојот, вклучувајќи аутизам.
Постојат ефикасни стратегии за спречување на менталните нарушувања како што е депресијата.
Постојат ефикасни третмани за менталните нарушувања и начини за ублажување на страдањата предизвикани од нив.
Клучот е пристапот до здравствена заштита и социјални услуги кои можат да обезбедат третман и социјална поддршка.
Оптоварувањето со ментални нарушувања продолжува да расте со значително влијание врз здравјето предизвикувајќи големи социјални и економски последици и последици врз човековите права во сите земји во светот.
Кој е изложен на ризик од ментални нарушувања?
Детерминантите на менталното здравје и менталните нарушувања не вклучуваат само индивидуални карактеристики како што е способноста да се управува со сопствените мисли, емоции, однесувања и интеракции со другите, туку и социјални, културни, економски, политички и еколошки фактори како што се националните политики, социјалната заштита, стандардите на живеење, услови за работа и поддршка на заедницата.
Стресот, генетиката, исхраната, перинаталните инфекции и изложеноста на опасности по животната средина, исто така, придонесуваат за појава на ментални нарушувања.
Здравје и поддршка
Здравствените системи сè уште не дале соодветен одговор на оптоварувањето од менталните нарушувања. Како последица на тоа, јазот помеѓу потребата за третман и неговото обезбедување е длабок низ целиот свет. Во земјите со низок и среден приход, помеѓу 76% и 85% од лицата со ментални нарушувања не добиваат третман за нивното нарушување. Во земјите со високи приходи, помеѓу 35% и 50% од лицата со ментални нарушувања се во иста ситуација.
Друг проблем е лошиот квалитет на грижата на многу од оние кои добиваат третман.
Покрај поддршката од здравствениот систем, лицата со ментални болести имаат потреба од социјална поддршка и грижа. Честопати им е потребна помош во пристапот до образовни програми кои одговараат на нивните потреби, како и во наоѓање на вработување и домување, што ќе им овозможи да живеат и да бидат активни во нивните локални заедници.
Р.Македонија во 2016 година располага со 1377 болнички постели за лекување на ментални и невролошки заболувања распределени во психијатриските и невропсихијатриските одделенија во општите и клинички болници, специјалните психијатриски болници (Психијатриска болница “Скопје“, Невропсихијатриска болница “Негорци“ и Болница за душевни болести “Демир Хисар“) и Универзитетската клиника за психијатрија. Во истата година од ментални и невролошки заболувања се регистрирани 7772 лекувани болни кои оствариле 383910 болнички денови.
При тоа, од органски, вклучувајќи симптоматски душевни растројства, се лекувани 249 болни, од кои 118 мажи и 131 жени. Од шизофренија, шизотипни и налудничави растројства се лекувани 974 мажи и 607 жени, односно вкупно се лекувани 1581 болни. Од растројства на расположението (афектот) – депресија се лекувани 1163 болни, односно 368 мажи и 795 жени. Бројот на лекувани болни од невротски растројства поврзани со стрес и соматоформни растројства изнесува 887, од кои 262 се мажи, а 625 жени, од растројства на личноста и на обноските кај возрасен се лекувани 71 мажи и 45 жени, односно вкупно се лекувани 116 болни.
Препораки
Акциониот план за ментално здравје 2013-2020, одобрен од Собранието на Светска здравствена организација во 2013 година, ја признава суштинската улога на менталното здравје во остварувањето на здравјето за сите луѓе. Планот вклучува 4 главни цели:
- поефективно лидерство и управување со менталното здравје;
- обезбедување на сеопфатни, интегрирани услуги за ментално здравје и социјална грижа во заедницата;
- спроведување на стратегии за промоција и превенција; и
- зајакнати информациски системи, евиденции и истражувања.
СЗО се фокусира на градење на капацитети – неспецијализирани здравствени установи во интегриран пристап кој го промовира менталното здравје на сите нивоа на заштита.
Подготвил: Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести