Дијабетот е хронично метаболно заболување, кое се карактеризира со покачени нивоа на глукоза во крвта, поради недостаток или нарушена секреција на инсулин од панкреасот. Покаченото ниво на шеќерот во крв доведува до сериозно оштетување на срцето, крвните садови, бубрезите, очите и нервите. 100 години после откривање на инсулинот, милиони луѓе со дијабет ширум светот немаат пристап до соодветна нега. Затоа, темата за Светскиот ден на дијабетот за 2021-2023 е ,,Пристап до нега за дијабет”.
Околу 463 милиони луѓе ширум светот имаат дијабет, а мнозинството од нив живеат во земји со низок и среден приход. Во 2019 година, околу 9,3% од светската популација има дијабет, а со линеарниот пораст низ годините, се претпоставува дека оваа бројка ќе се искачи до 11% во 2045 година.[1] Околу 1.5 милиони смртни случаи биле директно предизвикани од дијабетот за истата година, а дополнителни 2.2 милиони смртни случаеви се препишуваат на состојбата на хипергликемија во кртвта. [2] Тоа го прави дијабетот една од водечките причини за смрт меѓу луѓето. И бројот на случаи и преваленцата на дијабетот, постојано се зголемуваат во последните неколку децении.
Во Република Северна Македонија, според регистарот за шеќерна болест за 2019 година, објавен од Институтот за јавно здравје, бројот на регистрирани новодијагностицирани болни со дијабет изнесува 5.378 случаи, односно стапка од 259,24/100.000, а вкупната преваленца изнесува 89.964 случаи, односно стапка од 4336,66/100.000.[3] Се претпоставува дека вистинската бројка е многу поголема.
Дијабет тип 1
Дијабетот тип 1 (инсулин-зависен дијабет, јувенилен или детски дијабет) се карактеризира со целосно отсуство на секреција на инсулин од панкреасот и бара дневна администрација на инсулин. Причините за него се непознати, но се претпоставува дека се јавува автоимуна деструкција на β-клетките на панкреасот. Главни симптоми се зголемена екскреција на урина (полиурија), жед (полидипсија), глад (полифагија), прекумерно губење на тежината, замор и друго.
Дијабет тип 2
Дијабетот тип 2 (инсулин-независен дијабет) е резултат на неефикасната употреба на инсулинот од телото. Физичката неактивност, прекумерната телесна тежина, исхраната како и фамилијарната историја се главните причини за дијабет тип 2. Главните симптоми се генерално слични со тие на дијабетот тип 1, но често се помалку изразени. Како резултат на тоа, болеста може да се дијагностицира неколку години од почетокот, откако веќе се јавени компликации. Поради оваа причина, важно е да се внимава на факторите на ризик. Дијабетот тип 2 се почесто се јавува и кај помладата популација.
Гестациски дијабет
Гестациски дијабет е состојба на покачени вредности на шеќерот во крв, но под оние дијагностички вредности за дијабетот. Тој се јавува за време на бременоста. Жените со гестациски дијабет се изложени на зголемен ризик од компликации за време на бременоста и породувањето. Овие жени и нивните деца имаат зголемен ризик за јавување на дијабет тип 2 во иднина.
Нарушена толеранција на глукоза (IGT) и нарушена гликемија на гладно (IFG)
Овие преддијабетни состојби, претставуваат транзицијата пред дијабетот, иако тоа не мора да се случи. Се карактеризираат со состојба на покачена гликемија, но недоволно за да се дијагностицира дијабет. Луѓето во преддијабетна состојба можат да превенираат јавување на дијабет тип 2 во иднина со здрава исхрана, зголемена физичка активност и менаџирање на стресот.
Дијабет тип 1 во моментов не може да се спречи. Достапни се ефективни пристапи за спречување на дијабетот тип 2, како и спречување на компликации и прерана смртност. Тие вклучуваат и мерки за заштеда на трошоци за популацијата кои може да се практикуваат и во одредени услови (училиштето, домот, работното место), без оглед на тоа дали имаат дијабет или не, како што се редовната физичка активност, здравата исхрана, избегнување на пушењето, контрола на крвниот притисок и липидите во крвта, употреба на лекови доколку е потребно, со цел подобро здравје и спречување на компликации. Нетретиран дијабет пројавува бројни компликации кои се јавуваат поради оштетување на малите крвни садови на очите (ретинопатија која може да доведе до слепило), бубрезите (нефропатија), нервите (невропатија), улцери и инфекции на стапалото, кардиоваскуларни болести, мозочен удар и друго.
Почетната точка за добро живеење со дијабет е раната дијагноза – колку подолго лице живее со недијагностициран и нетретиран дијабет, толку е веројатно дека ќе бидат полоши нивните здравствени исходи. Лесен пристап до базични дијагностични мерки, како што е мерење на глукозата во крвта, треба да биде достапна во примарната здравствена заштита. Но, пациентите сепак ќе имаат потреба од периодична проценка на состојбата од специјалист, како и за третман на компликации.
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести
[1] https://www.statista.com/statistics/271464/percentage-of-diabetics-worldwide/
[2] https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/diabetes
[3] http://iph.mk/wp-content/uploads/2020/10/РЕГИСТАР-ЗА-ДИЈАБЕТ-2019.pdf