РАНАТА ДИЈАГНОЗА НА РАКОТ СПАСУВА ЖИВОТИ, ГИ НАМАЛУВА ТРОШОЦИТЕ ЗА ЛЕКУВАЊЕ
3 февруари, 2017 | Женева: Новите насоки од Светската здравствена организација (СЗО), промовирани пред Светскиот ден на ракот (4-ти февруари), имаат за цел да ги подобрат шансите за преживување на луѓето кои живеат со рак со обезбедување на здравствени услуги со кои може да се дијагностицира и лекува болеста во порана фаза.
СЗО оваа недела објави податоци кои покажуваат дека секоја година 8,8 милиони луѓе умираат од рак, главно во земјите со низок и среден приход. Една од причините за ваквата состојба е што голем број случаи на рак се дијагностицираат доцна односно во напредната фаза на болеста. Дури и во земји со оптимален здравствен систем и услуги, многу случаи на рак се дијагностицираат во напредната фаза, кога е многу потешко да се третираат успешно.
“Дијагностицирањето на рак во доцна фаза, и немањето можност да се обезбеди третман, осудува многу луѓе на непотребно страдање и прерана смрт”, вели д-р Етјен Круг, директор на одделот за управување со незаразни болести, инвалидитет, насилство и превенција на повреди при СЗО.
“Со преземање на чекори за спроведување на новото упатство на СЗО, креаторите на здравствената политика може да ја подобрат раната дијагноза на ракот и да обезбедат навремено лекување, особено за ракот на дојка, ракот на грлото на матката и ракот на дебелото црево. Ова ќе резултира со поголем број на луѓе преживеани од рак. Исто така третманот и лекувањето на пациентите со рак ќе бидат многу поефтини. “
Сите земји да преземат чекори за рано дијагностицирање на ракот, согласно новото “Упатство за рана дијагноза на рак”.
Трите чекори за рана дијагноза на ракот се:
- подобрување на јавната свест за различни симптоми на ракот и поттикнување на луѓето да бараат здравствена заштита кога ќе ги забележат;
- инвестирање во зајакнување и опремување на здравствените установи и обуката на здравствените работници, за да може да се постави точна и навремена дијагностика;
- луѓето кои живеат со рак да може да имаат пристап до безбеден и ефикасен третман, вклучувајќи ослободување од болка, без да предизвика премногу лични или финансиски тешкотии.
Предизвиците се поголеми во земјите со низок и среден приход, кои имаат помали можности да обезбедат пристап до ефективни дијагностички услуги, вклучувајќи снимки, лабораториски тестови и патохистолошки испитувања – сите клучни да помогнат во откривањето на ракот и неговиот третман. Земјите, исто така, во моментов имаат различни капацитети да ги упатуваат заболените од рак на соодветно ниво на здравствена заштита.
СЗО поттикнува овие земји да дадат приоритет на основните и веродостојни услуги и услугите со ниска цена за дијагноза и третман на ракот. СЗО, исто така, препорачува намалување на потребата луѓето да плаќаат за здравствените услуги од сопствените џебови, што е можност многу заболени да побараат помош веднаш штом ќе ги забележат првите симптоми.
Рано откривање на ракот, исто така, во голема мера ги намалува финансиските трошоци за дијагностицирање и третман на ракот: не само што трошоците за лекување на ракот во рана фаза се многу помали, туку луѓето, исто така, може да продолжат да работат и понатаму да бидат поддршка на нивните семејства. Во 2010 година, вкупниот годишен економски трошок за рак преку здравствените трошоци и губење на продуктивноста била проценета на 1.16 трилиони американски долари.
Стратегиите за подобрување на рана дијагноза може лесно да се вградат во здравствените системи за ниска цена. За возврат, ефективната рана дијагноза може да помогне во откривање на карцином кај пациенти во порана фаза, и со тоа овозможувајќи им третман кој е многу поефикасен, помалку сложен и поефтин. На пример, студии во земјите со висок приход покажале дека третманот на пациентите со рак кои биле дијагностицирани во рана фаза е два до четири пати поефтин во споредба со лекување на пациентите кај кои ракот бил дијагностициран во понапредната фаза.
Д-р Олег Честнов, помошник-генерален директор на СЗО за незаразни болести и ментално здравје, забележува: “Забрзаната акција на владата за зајакнување на рана дијагноза на ракот е клучот за да се исполнат глобалните здравствени и развојни цели, вклучително и целите за одржлив развој (ЦОР).”
ЦОР Цел 3 има за цел да се обезбеди здрав живот и да се промовира благосостојба за сите луѓе од сите возрасти. Земјите се согласија цел да биде намалување на прераната смрт од рак и други незаразни болести за една третина до 2030 година. Тие исто така се согласија да се постигне универзално здравствено осигурување, вклучувајќи ја и заштитата од финансиски ризик, пристап до квалитетни здравствени услуги од суштинско значење и пристап до безбедни, ефикасни, квалитетни и прифатливи основни лекови и вакцини за сите. Во исто време, да се направат напори за исполнување на други цели ЦОР, како што се обезбедување на здрава животната средина и намалување на социјалната нееднаквост што исто така може да помогне да се намали оптоварувањето од рак.
Ракот во моментот е одговорен за речиси 1 од 6 смртни случаи на глобално ниво. Секоја година кај повеќе од 14 милиони луѓе се дијагностицира рак, и оваа бројка се очекува да се зголеми на повеќе од 21 милион до 2030 година. Напредокот во поставување на рана дијагноза на ракот и обезбедување на основен третман за сите, може да им помогне на земјите во исполнување на националните цели врзани за целите за одржлив развој ЦОР.
Белешка за уредниците:
Најмногу од луѓето кај кои е дијагностициран рак живеат во земјите со низок и среден приход, каде се случуваат две третини од смртните случаи од рак. Помалку од 30% од земјите со ниски приходи имаат општо достапни услуги за дијагноза и третман, а системи за упатување на случаите каде постои сомневање за рак често се недостапни што резултира со одложена и фрагментирана заштита. Состојбата со услуги од патологија е уште поголем предизвик: во 2015 година, околу 35% од земјите со низок приход објавија дека услугите од патологија се достапни во јавниот сектор, во споредба со повеќе од 95% во земјите со високи приходи.
Сеопфатна контрола на ракот се состои од превенција, рана дијагностика и скрининг, третман, палијативна грижа и нега. Сите треба да бидат дел од националните планови за контрола на ракот. СЗО има дадено сеопфатни насоки за контрола на ракот со цел да им помогне на владите да развијат и имплементираат вакви планови за заштита на луѓето од заболување од ракот, а да се третираат оние на кои им е потребна нега.
Ракот, заедно со дијабетесот, кардиоваскуларните заболувања и хроничните заболувања на белите дробови, се исто така познати како хронични незаразни заболувања (ХНБ), кои се одговорни за 40 милиони смртни случаи (70%) од 56 милиони смртни случаи во светот во 2015 година. Повеќе од 40% од луѓето кои починале од ХНБ се под 70-годишна возраст.
СЗО и меѓународната заедница, имаат поставено цели за намалување на предвремените смртни случаи од ХНБ за 25% до 2025 година и за една третина до 2030 година, како дел од целите за одржлив развој. Земјите ги поддржаа поголемиот број на цели за решавање на ХНБ, вклучувајќи обезбедување на достапна и пристапна основна медицинска технологија и основни лекови за лекување на рак, како и други услуги во здравствените установи.
Превод и адаптација:
Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести