Антраксот е акутно заразно заболување од групата на зоонози и е примарно заболување на бројни видови тревопасни животни, но кое при одредени услови може да се пренесе и на човекот.

Антраксот кај луѓето предизвикува тешка акутна инфективна болест, која често е проследена со интоксикација и создавање на специфична кожна промена т.н. црн пришт или малигна пустула.

Кожната форма на болеста доминира во 95-99% од случаите, а во помал процент се среќаваат цревната и белодробната, кои претставуваат тешки форми на болест. Најретко настанува примарната антраксна сепса, која е следена со висока смртност.

 

Етилогија

Антраксот го предизвикува Bacillus anthracis, кој во ткивата и органите на заразените животни и луѓе се наоѓа во вид на инкапсулирана бактерија, а во надворешната средина преживува во вид на спори. Спорите се многу отпорни на разни физички и хемиски фактори и други надворешни влијанија и можат долго, со децении да преживеат во надворешната средина.

 

Епизоотологија и епидемиологија

Примарен извор на зараза кај заболените животни се нивните излачувања – фецес, мочка, млеко, но и мршите на животни умрени од антракс кои не се ракувани и закопани според прописите; потоа месото од принудно закланите животни и разни органи и ткива кои служат како суровини, како на пример кожа, влакна, коски и крв.

Секундарен извор на зараза се контаминираната храна, вода и почва со антраксни бацили. Спорите од почвата ги контаминираат сеното и тревата. Крупниот добиток се заразува на пасиштата каде што има антраксни спори, кои при поволни услови можат да преживеат во почвата и по неколку десетини години.

Луѓето можат да се разболат од антракс ако дојдат во контакт со заразени или умрени животни или загадени животински производи, вклучително мрши, кожа, волна, месо, коскено брашно, кои се извор на зараза. Болеста најчесто е поврзана со дерење, колење и закопување на животните умрени од антракс, како и користење на месо или други животински продукти од принудно заклани или умрени животни од антракс, за исхрана.

Најважни патишта на пренесување на антраксот од животно на човек се:

  • Директен контакт со заболено животно – негови ткива и органи и негови продукти, што претставува најчест пат на пренесување;
  • Алиментарен (цревен) пат – настанува поради консумирање на сирово или недоволно термички обработено месо или млеко од животни заболени или умрени од антракс, и
  • Респираторен пат – со вдишување на антраксни спори (при дерење, колење, работа со кожа или волна од заболени или умрени од антракс животни, или во лабораториски услови).

 

Причинителот на инфекцијата во човечкиот организам најчесто влегува преку кожата и слузокожата. Кожниот и инхалациониот антракс најчесто настануваат кај лабораториски работници.

Иако излачувањата од кожните промени кај човек се потенцијално заразни, пренесување на заболувањето од човек на човек практички не се случува,  заради што антраксот се смета за неконтагиозна болест.

Но, поради стабилноста и издржливоста на спорите во надворешни услови, можноста за нивно распрскување во воздухот и високата стапка на смртност кај инхалациониот антракс, антраксните  бацили може да бидат употребени како биолошко оружје.

 

Клиничка слика

Инкубациониот период за сите форми на антракс генерално е помалку од 2 недели. Симптомите на заболувањето варираат во зависност од начинот на настанување на инфекцијата, но вообичаено се јавуваат во тек на првите 7 дена после експозицијата  (најчесто првите 48 часа).

 

Хуманиот антракс се јавува во три клинички форми:

Кожната форма е најчест облик на манифестација на болеста. Започнува со појава на единечни или група мали плускавци (везикули) кои вообичаено чешаат, на местото каде влегол антраксниот бацил. Кожните промени се шират и во тек на ден-два улцерираат во центарот, при што се добива карактеристичен изглед на лезијата: црн централен дел, црвенило наоколу и бледожолта поширока околина на раната. Околу болното место може да се појави оток, а самата рана е безболна. Најчесто ваквите промени се локализирани на кожата на лицето, вратот, рацете или дланките. Регионалните лимфни јазли се отечени, а може да има и придружни симптоми од типот на треска, малаксаност и главоболка.

Кај најголем број случаи болеста завршува во оваа фаза – раната зараснува, а на самото место останува белег.

Многу ретко болеста може да добие потежок клинички ток, со влошување на општата состојба, иако со соодветна антибиотска терапија прогнозата на болеста е добра.

Кај мал број случаи болеста прогредира во септичен антракс, што претставува извонредно тешка форма, со висока смртност.

Белодробната форма на антракс поретко се јавува и во почетокот може да наликува на обична настинка. Настанува по инхалација (вдишување) на антраксните спори и се карактеризира со висока температура и треска, болка во градите, отежнато дишење, кашлица, главоболка и болки во телото, истоштеност, гадење, повраќање, вртоглавица. После неколку дена симптомите прогредираат во тешка општа интоксикација, се јавува конфузија,  респираторна инсуфициенција и шокова состојба. Болеста најчесто се манифестира како бронхопневмонија и хеморагичен плеврит. Оваа форма е една од најтешките манифестации на антраксната болест и ако навремено не се примени антибиотска терапија, болеста секогаш завршува со смрт.

Цревната форма на антраксот е ретко заболување кое започнува акутно, а тешка интоксикација се јавува во првите часови на болеста – се покачува температурата, се јавува општа слабост, главоболка, несвестица, болки во стомакот, гадење, повраќање често со крв, а поретко и крвав пролив. Болниот има изглед на тешко болен, а многу често и покрај адекватната терапија настапува смрт.

 

Дијагноза

Дијагнозата кај кожниот антракс се потврдува со наод на антраксни бацили во директен размаз од материјал земен од кожната промена.

Лабораторискиот наод на антраксни бацили во соодветен клинички материјал (крв, ликвор, респираторен секрет) кој е претходно култивиран или директно микроскопиран, ја потврдува дијагнозата на другите форми на антракс.

Дијагностичко тестирање на антракс со докажување на антиген или антитела во хуман материјал исто така се прави со примена на други методи – полимераза верижна реакција (PCR дијагностика), како и практикување на имунохистохемиски тестови, реакции на имунофлуоресценција и ензимски есеи за докажување и мерење на нивото на имуноглобулини.

Материјалот за тестирање треба да биде земен пред да се отпочне со антибиотска терапија.

 

Лекување

Лекувањето  на заболените од антракс со антибиотици е суштинско и секое одложување на третманот ги намалува шансите за преживување. Лек на избор е пеницилинот, но се дава и доксициклин, како и флуорокинолони.

 

 

Превенција и сузбивање

Противепизоотолошките мерки се состојат во откривање на заболените животни и нивно прописно, контролирано уништување и безбедно отстранување (спалување, закопување).

За заштита на почвата од контаминација со антраксни спори, треба да се забрани закопувањето на умрените животни без поставена дијагноза. Мршите на животните треба да се спалуваат или се закопуваат на длабочина од 2 метра, по претходна дезинфекција.

Задолжително да се врши дезинфекција, перење и стерилизација на волната, кожата и коскеното брашно кои се користат како суровини во индустријата.

Постои вакцина против антракс и нејзината примена е значајна превентивна мерка за имунизација на животните.

Согласно препораките на ветеринарните служби, во региони каде е присутен антракс меѓу животните, вакцинацијата се врши на есен, секоја година во наредните дваесет години.

Превентивните мерки за спречување на инфекција кај луѓето, особено кај оние кои се професионално изложени се состојат во користење на заштитна облека и опрема: одела, наметки, чизми, ракавици, маски, очила и др. заштитни средства во процесот на работата.

Во лабораториите, кога се ракува со инфективен материјал сомнителен на антракс, потребно е да се спазуваат сите стандардни процедури за заштита на персоналот при работа кои ги налага праксата, односно ракување со материјалот со примена на био-сигурносно ниво 3.

Во исхраната не смее да се употребува месо и други животински продукти од заболени и принудно заклани животни.

Потребна е темелна и правилна термичка обработка на храната од животинско потекло за да биде безбедна за употреба.

Лицата кои биле изложени на непосредна опасност и можна инхалација на антраксни бацили/спори (лабораториски работници, други професионално изложени лица), после индивидуална проценка, се подложуваат на превентивна хемиопрофилакса со давање на антимикробни средства – ципрофлоксацин или доксициклин.

Постои лиценцирана вакцина против антракс за хумана употреба, но имунизација на луѓето против антракс не се препорачува, освен во случаи кога постои ризик за повторувана експозиција на антраксни спори.

 

Распространетост

Антраксот е заболување кое е распространето во целиот свет. Во Европа денес, тој е ретка болест, додека поголеми епидемии сé уште се регистрираат во некои држави во Африка и Азија.

 

Состојба во Македонија

Во Македонија, во последните 30-тина години антраксот се регистрира со не многу високи бројки на клинички потврдени случаи на кожен антракс  –  двоцифрени до 1991 година, со најголем број пријавени случаи во 1988 година  (вкупно 30).

Од 1992 наваму, бројот на регистрирани болни од антракс на годишно ниво е едноцифрен, а во 2004 година за прв пат нема антракс во Македонија (Табела 1).

Од 2005 година до крај на 2018 година се регистрирани само 15 случаи на  антракс, во шест одделни години (најголем број 4, во 2005) (Табела 2).

Во 2019 година нема регистрирано случај на антракс кај луѓе во Македонија.

 

Табела 1.

Година 1992 1993 1994 1995 1996 1997 1998 1999 2000 2001 2002 2003 2004
Број на заболени 9 9 9 5 5 9 3 3 8 6 1 2 0

 

Табела 2.

Година 2005 2006 2007 2008 2009 2010 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2017 2018
Број на заболени 4 0 3 2 0 0 3 2 0 1 0 0 0 0

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

Институт за јавно здравје

 

 

 

 

14.08.2019

Скопје