Тема: СОРАБОТКА НА РЕГИОНАЛНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ РАЗВОЈНИ ЦЕНТРИ И ГРАДЕЊЕ НА НОВИ МОЖНОСТИ ЗА ОДРЖУВАЊЕ И ЗАЈАКНУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ВО ЈУГО ИСТОЧНА ЕВРОПА ВО ОБЛАСТА НА ЈАВНО-ЗДРАВСТВЕНИТЕ УСЛУГИ

Почитувани дами и господа,

Република Македонија стана членка на Здравствената мрежа на Југо Источна Европа во 2001 година, кога беше потпишана Повелба во Дубровник, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Романија и Федеративна Република Југославија,од која во 2006 година кон мрежата се приклучија како посебни држави Србија и Црна Гора. Партнерите на мрежата помогнаа да се формираат регионалните здравствени развојни центри, пришто во Р. Македонија во 2010 година се оформил Регионалниот Центар за јакнење на  јавно-здравствени услуги со седиште во Институтот за јавно здравје на Р. Македонија во Скопје.

Есенцијалните функции на овој центар се:

  • Промоција на политиките и приоритетите во различни сфери на јавното здравје
  • Прибирање и дисеминација на информации, преку развој на регионални ресурси
  • Учество во колаборативни истражувања под водство на Здравствената мрежа,вклучувајќи планирање, спроведување, мониторинг, евалуација и промоција на истражувањата
  • Хармонизација на стандарди, упатства и обуки во специфични области на јавното здравје
  • Развој, мониторинг и евалуација на регионални политики, стратегии и добри практики
  • Поддржување на умрежување
  • Кооперација со интернационални и регионални владини и невладини организации.

Во досегашниот период овој центар спроведе истражување за самопроценка на состојбите со јавно-здравствените услуги во ЈИЕ, што претставуваше употреба на специјална алатка за самопроценка од СЗО.

Соработката на регионалните здравствени развојни центри за унапредување на јавноздравствените услуги во 9-те земји членки на Здравствената мрежа ќе продолжи понатаму со позасилена динамика, и особено на регионално ниво.

Зошто? Затоа што земјите од регионот имаат заеднички проблеми на кои треба да се насочат следните активности, пред се со градење на нови можности за соработка во јавното здравство.

Целта е да се зајакне пристапот Здравје во сите политики во ЈИЕ, што значи компрехензивен пристап за здравје кој ќе обезбеди економски раст и ќе го забрза интегративниот процес на дел од земјите од ЈИЕ во Европската унија.

Регионалниот здравствен развоен центар за јавно-здравствени услуги во Р. Македонија во наредниот период ќе ја зајакне соработката со националните контакт лица од другите 8 земји, како и членките партнери и поддржувачи на здравствената мрежа преку имплементација на мерките и активностите од  Акцискиот план на Здравствената мрежа за периодот 2018-2019 година со цел за имплементација на повелбата од Кишењев, Република Молдова.  Во оваа смисла, ќе се преземаат  акции за поголемо влијание врз владите на земјите членки на здравствената мрежа во областите и вон здравството, промовирајќи го и заштитувајќи го здравјето на граѓаните.

Регионалниот здравствен центар за јавно-здравствени услуги од Р. Македонија заедно со земјите од здравствената мрежа на ЈИЕ и Кишењев повелбата ќе дејствуваат на спроведување на кампањата на СЗО за универзална здравствена покриеност преку:

  • Зголемување на можностите за заштита од ризици по здравјето
  • Обезбедување на пристап до високо-квалитетни здравствени и превентивни услуги
  • Обезбедување безбедни, квалитетни, ефективни и неопходни лекови и вакцини за сите
  • Обезбедување на обуки и поддршка за развој на здравствените ресурси
  • Натамошно подобрување на јавно-здравствените услуги и капацитети преку формирање на ЈИЕ платформа за решавање на преку-гранични проблеми во јавното здравство.

Пристапите за цело општество, цела влада и здравје во сите политики,  ќе обезбедат подолгорочно остварување на Европската стратегија Здравје 2020 и Агендата 2030 на Обединетите нации за постигнување на Одржливите развојни цели.

Во овие процеси, секако поддршката од партнерите на Здравствената мрежа на ЈИЕ е добредојдена со цел да се зголеми препознаеноста на Здравствената мрежа на ЈИЕ и нејзината улога во зајакнување на јавно-здравствените услуги во регионот, преку поддршка на размена на искуства и информации, спроведување на истражувања во регионот и градење на капацитети, идни неопходни ресурси за добри практики и Здравје за сите преку универзална здравствена покриеност секому и секаде!

Ви благодарам.