Неделни податоци

Во текот на 13-тата недела од 2021 година (од 29.03-04.04.2021), во Република Северна Македонија пријавени се 39 (I=1,9/100.000) случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, намалување за 31,6% во споредба со минатата недела (n=57).

Бројот на регистрирани случаи во 12-та недела е намален во споредба со минатата сезона (n=216) и со типичната сезонска крива (n=363).

Сите заболени оваа недела (n=39) се пријавени од ПЕ Дебар.

Во однос на возрасната дистрибуција, најголем број (22 лица) и највисока инциденца (18,9/100.000) се регистрира кај најмладите, децата на возраст од 0-4 години.

Во текот на 13-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнат е еден материјал за лабораториско тестирање на грип, а 567 материјали се тестирани паралелно за грип и КОВИД-19. Сите тестирани материјали се со негативен резултат за грип.

 

Кумулативни податоци

 

Во сезоната 2020/2021, вкупниот број на заболени изнесува 929 (I=44,9/100.000), 35,5 пати помалку во споредба со истиот период минатата сезона (n=32.952) и 27,8 пати помалку во однос на типичната сезонска крива (n=25.809).

Кумулативно, заболени се пријавени од 14 ЦЈЗ/ПЕ. Најголем број на заболени – 616 и највисока инциденца (2.219,4/100.000) се пријавени во Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 330 случаи (35,5%), а највисока инциденца (265,1/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

 

Од почетокот на сезоната 2020/2021, заклучно со 13-та недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнати се 33 материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип. Дополнителни 5.475 материјали се паралелно тестирани за грип и КОВИД-19. Детектирани се два позитивни материјали – Influenza B.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

 

 

Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2020/2021 започна на 10.11.2020 и се спроведува во Здравствените домови и Општите болници со проширена дејност (бесплатна вакцинација) и Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици (комерцијални вакцини). Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива кај матичен лекар, преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин. Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот ЦЈЗ или матичниот лекар за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

За сезоната 2020/2021, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 40.000 дози, наменета за приоритетните групи население.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 28.922 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

Од вкупниот број на набавени вакцини, 5.783 се дадени на здравствените установи за здравствени работници и вработени во здравствените установи. Дополнително се распределени 1.284 дози во дијализните центри, 1.573 дози во домовите за стари лица и 506 дози на останати категории на лица. До ИЈЗ не е пристигната информација од Министерството за здравство за тоа колку од распределените вакцини се аплицирани.

Заклучно со 13-та недела, вакцинирани се вкупно 28.922 лица со бесплатна вакцина.

Дополнителни 14.500 дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест како комерцијални вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од извештаите на Центрите за јавно здравје, вакцинирани се 10.582 лица, а во 13-та недела не се пријавени вакцинирани лица.

 

Заклучно со 13-та недела, во Р.С. Македонија, вакцинирани се вкупно 39.504 лица.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 12-та недела од 2021 година, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво низ Европскиот регион. Од рутинскиот и сентинел надзорот, спорадично се детектираат само Inluenza B вируси. Не се регистрирани хоспитализирани случаи со лабораториски потврдена болест.

Според квалитативните индикатори, во однос на интензитетот, најголем дел од земјите се на базично ниво, а според географската раширеност, само во 6 земји се пријавуваат спорадични случаи.

 

Сезоната на грип во Европскиот регион обично го достигнува пикот и активноста веќе почнува да се намалува овој период, но пријавената активност на грип оваа сезона сè уште останува на многу ниско ниво. Пандемијата (КОВИД-19) има негативно влијание врз здравствениот систем и капацитетите за тестирање на земјите во Европскиот регион, вкучително и Р.С. Македонија (намалено пријавување на епидемиолошки податоци и намалено тестирање за грип). Бројот на тестирани примероци во Европскиот регион е намален за 20%, но бројот на детектирани инфлуенца вируси е намален за 99%. Спроведените мерки за превенција против КОВИД-19 со оглед на начинот на пренос на двете заболувања, делуваат и за грипот што исто така може да го објасни малиот број на пријавени случаи. Затоа, презентираните податоци мора да се толкуваат со претпазливост.

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје