Една е главна цел – да нема жртви од рак на дебелото црево до 2050 година.
Рак на дебелото црево е трет по смртност на светско ниво, но не мора да биде така. Болеста напредува бавно и може да се лекува и излекува, особено кога се дијагностицира во рана фаза. Со правилен скрининг и рана дијагностика, степен на преживувањето е охрабрувачки, а во последните години има голем напредок во опциите за третман на колоректален карцином.
НАЈЧЕСТИ СИМПТОМИ НА РАК НА ДЕБЕЛОТО ЦРЕВО
- Крварење од дебелото црево или крвава столица
- Промена во навиките на дебелото црево
- Столици кои се потенки од вообичаеното
- Општо проблеми во стомакот, како што се надуеност и грчеви
- Пролив, запек или чувство дека движењето во дебелото црево не е сосема целосно
- Слабеење без очигледна причина
- Малаксаност
- Повраќање
РИЗИК ФАКТОРИ
- Фамилијарна историја - Ракот на дебелото црево може да се појави кај повеќе луѓе кои во голема мера имаат фамилијарна историја на болеста. Причината за околу 5% од заболените со рак на дебело црево се смета дека е наследната предиспозиција;
- Возраст. Ракот на дебелото црево подеднакво е застапен и кај мажите и кај жените. Вообичаено се јавува на постара возраст од 50 години, но исто така може да се јави и кај помлади луѓе;
- Претходно заболување. Пациентите кои претходно имале отстранети полипи или оние кои имале рак на дебело црево, се со зголемен ризик за рак на дебелото црево;
- Воспалителни заболувања на дебелото црево. Луѓето со долга историја на Кронова (Chron) болест, или улцерозен колит, може да имаат зголемен ризик за појава на рак на дебелото црево;
- Дебелина. Клинички е докажано дека дебелината директно е поврзана со ракот на дебелото црево;
- Исхрана и животен стил. Исхрана сиромашна со растителни влакна, а богата со масти како и неактивен (седечки) животен стил, може да го зголеми ризикот за рак на дебелото црево.
ПРЕВЕНИРАЊЕ НА РИЗИЦИТЕ ОД КРК И РАНОТО ОТКРИВАЊЕ
Постојат неколку начини кои можат да придонесат за намалување на ризик од развој на колоректален карцином и други видови карциноми.
- Исхрана
Истражувањата покажуваат дека помалку мрсна храна, храна богата со влакна, големи количества свежо овошје и зеленчук (најмалку 5 порции дневно) и полнозрнести житарици, придонесуваат за намалување на ризик од колоректален карцином. Консумација на црвено месо и месни преработки се препорачува најмногу еднаш до два пати неделно.
- Физичка активност
Постојат многу докази кои укажуваат дека редовната физичка активност придонесува за намалување на ризик од колоректален карцином. Се препорачува најмалку 30 минути напорно вежбање најмалку 5 дена во неделата. Вежбите би требало да допринесат за забрзување на работата на срцето. Пример за ваков тип на вежби се брзото одење или искачување по нагорница.
- Здрава телесна тежина
Секој човек треба да направи напор за одржување на здрава телесна тежина. Промените во исхраната и редовната физичка активност можат да допринесат за одржување на телесната тежината под контрола.
- Пушење
Пушењето е една од водечките причини за појава на КРК, престанокот на пушење го намалува ризикот за рак на дебелото црево како и за останатите видови на канцери. Лицата кои спаѓаат во категорија со просечен ризик да заболат од колоректален карцином, треба да почнат со редовни скрининзи на 50-годишна возраст. Лица кои имаат зголемен ризик, треба да почнат со редовни скрининзи на порана возраст.
Разговарајте со вашиот лекар за да видите дали и кога треба да бидете прегледани за колоректален карцином.
Овој март – Помогнете во подигнувањето на јавната свест за превенција на колоректален карцином!
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести