Меланомот е најсериозната форма на рак на кожата во однос на морталитетот. Меланомот може да се развие било каде на кожата, а во 30-50% од случаите се развива од веќе постоечките невуси. Најчеста локализација кај мажите е на трупот, а кај жените на нозете и трупот.
Една од најважните причини за меланом е изложеноста на ултравиолетовите зраци на сонцето, особено епизодите на изгореници од сонце. Исто така, постои силна поврзаност меѓу епизодите на изгореници од сонце здобиени во детството и подоцнежниот развој на меланом. Оштетувањето на генетскиот материјал здобиен со секоја епизода на изгореници од сонцето е неповратен процес. Како последица, овие кумулативни оштетувања имаат тенденција да се претворат во карцином на кожата декади подоцна.
Меланомот се појавува како кафеава/црна дамка или израсток (грутка) со неправилни карактеристики. АБЦДЕ критериумот обезбедува корисно насочување кон дијагноза на меланом.
А-Асиметрија (меланомот е асиметричен, односно не може да се подели на две еднакви половини).
Б-Граница (меланомот има неправилна вовлечена граница што е спротивно на мазна заоблена граница)
Ц- Боја (Меланом има повеќе од една боја, од светло кафеава до црна)
Д-Дијаметар (кај меланомот дијаметарот е поголем од 6 mm. Овој последен критериум важи само кога бемката има абнормални форма и боја)
Е-Развој (промени во големината, обликот и бојата, појава на спонтано крварење, и иритација).
Кои се другите штетни ефекти на кожата предизвикани од сонцето?
Покрај меланомот сонцето предизвикува други форми на рак на кожа, кои иако обично не се фатални, често резултира со значителна изобличеност. Ултравиолетовите зраци на сонцето, исто така предизвикуваат предвремено стареење на кожата во форма на брчки, флеки, пукнати капилари и груба и сува кожа.
Кој има најголем ризик да добие меланом?
Ризикот за развој на меланом е повисок кај лица со светла кожа и пеги што лесно гори, и кај лица со многу бемки. Кај лица кои имале изгореници од сонце, особено во детството и адолесценцијата, кај лица кај кои друг член во семејството имал меланом, исто така, имаат повисок ризик од меланом. Меланомот може да се појави на било која возраст, но тој е многу редок во детството.
Колку е чест меланомот во светот и во Република Македонија?
Меланомот за разлика од другите канцери на кожа поретко се јавува. Но, меланомот е многу поопасен и е причина за најголем број (75%) смртни случаи предизвикани од рак на кожа. Во светот годишно се дијагностицираат околу 160000 нови случаи на меланом. Меланомот е почест кај жените отколку кај мажите, и е особено честа појава кај населението од белата раса кое живее во сончеви предели, со висока стапка на инциденца во Австралија, Нов Зеланд, Северна Америка и Северна Европа.
Според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), околу 48.000 смртни случаи поврзани со меланом се случиле во светот на годишно ниво (2006).
Во Р.Македонија во 2015 година од меланом умреле 67 лица со стапка од 3.2 на 100 000 жители, од кои 40 се мажи, а 27 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 3.9 на 100 000 мажи, а стапката на умрени жени 2.6 на 100 000 жени.
Стапката на инциденца на меланом во последните неколку децении се зголемува повеќе кај популацијата со светла кожа.
Што предизвика зголемување на инциденцата на меланом?
Освен намалувањето на озонската обвивка, однесувањето на луѓето на сонце е главната причина за пораст на стапката на рак на кожата во последните децении. Зголемувањето на популарноста на активностите на отворено и сончањето доведуваат до прекумерна изложеност на УВ зрачење. Многу луѓе сметаат дека сончање е пријатно социјално поминување на времето и, за жал, дури и гледаат на потемнетиот тен како симбол на привлечност и добро здравје. Сепак, потемнувањето е само знак на оштетување на кожата од УВ зраци и претставува обид на кожата да се намали понатамошната штета.
Колку е опасен меланомот?
Случаите каде меланомот од кожата се проширил на други органи во телото, често имаат фатални последици. Хируршко отстранување на меланомот во рана фаза доведува до 5 годишно преживување во 90-95% од случаите. Прогнозата за преживување од меланом штом меланомот се проширил надвор од кожата е лоша. На Малтешките острови, од вкупно 617 дијагностицирани случаи на инвазивен меланом во период од 19 години 1993-2011 (270 мажи, 347 жени), 107 имале смртен исход (57 мажи, 50 жени) во текот на истиот период, односно 17,3% од заболените умреле. Ова значи дека околу 1 од 6 случаи на меланом на Малтешки острови бил дијагностициран премногу доцна!
Како може да се подобрат шансите за преживување од меланом?
Клуч за поволен исход е рано откривање и навремен хируршки третман на меланомот. Периодичниот авто-преглед на кожата задолжително бара медицинска помош кога има сомневање и тоа треба да стане стандардна пракса доколку сакаме да се задржи стапката на смртност од меланом на најниско можно ниво.
Дали меланомот може да се спречи?
На генетски утврдените ризик фактори за меланом, како што е светол тен, голем број на невуси и семејна историја на меланом не може да се влијае. Но, значајно може да намали влијанието на надворешните ризик фактори кои доведуваат до развој на меланом со минимизирање на изложување на штетните фактори на средината како што е ултравиолетовото зрачење од сонцето. Пред сè, треба да се има за цел да се спречат изгореници (благо црвена кожа со или без меури кои се резултат на акутна прекумерна изложеност на сонце), а посебно внимание треба да се обрне на децата и адолесцентите со оглед на нивната осетливост.
Како може да се намали изложеноста на УВ зраци?
Изложеноста на УВ зраци може да се намали со комбинирање на две стратегии: Избегнување на изложување на сонце во период кога сонцето е најјако, односно во период од 11 – 16 часот.
Покривање на телото како заштита од штетните УВ зраци на сонцето особено кога сонцето е најјако.
Заштитата од сонце не е неопходна само на плажа или покрај базен, туку во текот на секоја активност на отворено. Во многу случаи лица се изненадени кога ќе добијат изгоретини бидејќи не ја препознале потребата за заштита особено на пролет. Децата може да бидат изложени на јако сонце на балкон во домот, за време на одморите меѓу часовите во школо и за време на спортските активности на отворено. Трансмисијата на сончевите зраци низ прозорците на автомобил е исто така значајна.
Како може да се постигне ефикасна заштита од сонце?
Облеката е најдобра заштита од сонце и истата треба да биде направена од лесни, цврсто ткаени ткаенини со светла боја, а ракавите и ногавиците да бидат што подолги.
Капа со широка периферија обезбедува добра заштита од сонце за очите, ушите, лицето, грбот или вратот. Очилата за сонце кои обезбедуваат 99-100 проценти УВ – А и УВ – Б заштита во голема мера ќе го намалат оштетувањето на очите од изложување на сонце.
Да се користат високо-квалитетни средства за сончање со заштитен фактор (SPF) најмалку 30, со водоотпорна формула. Заштитните средства е потребно да се користат дури и кога се оди на отворено само за кратко време.
Заштитните средства да се нанесуваат најмалку 30 минути пред изложување на сонце и да се додаваат често (на секои два часа), особено после капење, потење и бришење со крпа. Да се нанесуваат на кожата рамномерно и во дебел слој. Посебно внимание да се обрне на усните, веѓите и ушките. Да не се заборави на одбивањето на сончевите зраци од различни површини, снег, вода, песок, бетон и трева и на продирањето на сончевите зраци низ облаците. Заштитни средства треба да се користат и кога времето е облачно. Лицата кои спаѓаат во ризичната група за развој на рак на кожа (на пр. луѓе со црвена или светла коса и светла кожа, лица со голем број на бемки, лица кои веќе се лечеле од рак на кожа итн.) би требало изложените делови на кожа да ги заштитуваат со заштитни средства во текот на целата година.
Дали е безбедно да се остане на сонце долго време ако имаш нанесено лосион за сончање?
Целосна заштита од штетните УВ зраци на сонцето во вистинска смисла на зборот се уште не постои. Два главни вида на УВ зрачење на кои сме изложени навлегуваат во кожата на различни длабочини и не се филтрираат целосно со лосионите за сончање кои во моментот се произведуваат. Кумулативниот ефект од овие нефилтрирани зраци се уште може да доведе до рак на кожата и предвремено стареење на кожата. Затоа, примената на лосиони за сончање треба да се комбинира со заштитна облека. Пред сè, не треба да се остане на сонце под лажна импресија дека сончевите зраци се целосно блокирани со користењето на лосиони за сончање.
Дали е во ред да се добие темен тен со ( солариуми) тен легла или кабини?
Неколку збора на предупредување за тен леглата и кабини (солариумите), кои се повеќе се промовираат од страна на голем број спа центри и салони. Со овие легла или кабини (солариумите) може да се добие потемен тен со помош на ултравиолетова радијација која иако е многу ефикасна во потемнувањето на кожата без притоа кожата да изгори, тие сепак значително го зголемуваат ризикот од рак на кожата, и без сомнение доведува до предвременото стареење на кожата. Клиентите во овие салони имаат право да бидат информирани за таквите ризици. Нешто за кое што можеби и повеќето луѓе не се свесни е дека тенот добиен (во солариумите) со тен леглата и кабините не ја штити кожата од изгореници, кога тие излегуваат на сонце и заради тоа е потребно да користат средства за сончање со заштитен фактор.
Што е (УВ) индекс на ултравиолетово зрачење?
УВ индексот денес е составен дел на прогноза на локалните временски услови. Тоа е показател на интензитетот на штетните УВ зраци околу пладне. Индексот се движи од 0 до 11+ и е одличен водич за препорачаното ниво на заштита од сонце во текот на денот:
УВ индекс препорачана категорија за заштита од сонце
0-2 Минимално зрачење. Носете капа!
3-4 Ниско зрачење. Носете капа и нанесете средство за сончање SPF 20 +!
5-6 Умерена зрачење. Носете капа, нанесете средство за сончање SPF 20 +, останете во сенка од 11 -16 часот!
7-9 Високо зрачење. Носете капа, нанесете средство за сончање SPF 20 +, и по можност останете во затворена просторија од 11 -16 часот!
10-11 + Многу високо зрачење. Носете капа, нанесете средство за сончање SPF 20 +, и вложете поголем напор да остане дома од 11 -16 часот!
Извор: Dermatology Department, Sir Paul Boffa Hospital
http://gov.mt/en/Pages/Melanoma.aspx
Извор: World Health Organization
Подготвил: Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести