logo bisera

За кампањата “Не претпоставувај”

Овој март, не претпоставувај

Не претпоставувај дека си премногу млад за колоректален карцином (КРК), не претпоставувај дека си сам и не претпоставувај дека не ни треба твојата поддршка за да ставиме крај на оваа болест во нашите животи.

“Не претпоставувај” е кампања за подигање на јавната свест за колоректален карцином во 2019 година, под водство на „Алијансата за колоректален карцином“. Целта на алијансата е, да ги оспори претпоставките и заблудите поврзани со оваа болест, по пат на отфрлање митови, подигнување нa јавната  свест и поврзување на луѓето низ целата земја со информации и поддршка. Кога луѓето ќе престанат да претпоставуваат, кога ќе бидат информирани за болеста, тие ќе побараат поддршка, ќе внимаваат на симптомите и ќе се залагаат за нивното здравје. Алијанса за колоректален карцином до 2018 година, постави цел со скрининг да бидат опфатени најмалку 80% од населението на возраст од 50+, во сите делови на земјата и во урбана и во рурална средина и дури тогаш ќе можат да кажат дека скринингот е успешен. Оваа цел се пренесува и во 2019 година. Со постигнување на 80% скринирани лица на возраст 50+, половина од случаите со КРК можат да се спречат. Во месец март се залагаме за 0% заболени од КРК, во секоја заедница.

 

МЕСЕЦ НА КОЛОРЕКТАЛЕН КАРЦИНОМ ВО 2019 ГОДИНА

  1. ВОВЕД

 

Националната Програма за рана детекција на малигните заболувања е во согласност со резолуцијата за превенција и контрола на малигните неоплазми, усвоена од страна на Светската здравствена организација  на 58-то, заседание во Женева, 2005 година и со препораките на ЕУ (2003/878/EU) од 2003/12/02 година. Програмата за рано откривање на колоректален карцином го вклучува скринингот, кој значително го подобрува здравјето на населението, како превентивна мерка за откривање на ракот на дебелото црево во почетна фаза или фаза на т.н. премалигна лезија – полип, кога шансите за лекување и /или излекување се многу поголеми.

Насоките и препораките за скрининг на КРК, се однесуваат на популација со просечен ризик од ова заболување и без специфични симптоми. Во Република Македонија се спроведува опортунистички скрининг со ФОБ тестови, и ги опфаќа лицата на возраст од 50 до 74 години. Лицата со веќе присутни симптоми, кои имаат зголемен или висок ризик да заболат од  колоректален карцином, треба да се подложат на стандардни дијагностички процедури на порана возраст и истите да се одвиваат со претходно утврдени интервали.

Светските икуства во примена на тестот за окултно фекално крварење (ФОБТ),  како скрининг тест за рано откривање на ракот на дебелото црево се дадени во студиите направени во САД (Њујорк, 10 – годишно следење спроведено на 22.000 лица, покажува намалување на смртност од КРК за 43% , целна популација биле лицата на возраст од 40 или повеќе години), Велика Британија (Нотингам, 7-8 годишно следење спроведено на 152.850 лица, покажува намалување на смртност од КРК за 15 %; целна популација биле лица на возраст од 50-74 години). Резултати од 18-годишна студија спроведена во Минесота на 46.000 испитаници на возраст помеѓу 50-80 години покажува 33% намалување на морталитетот од КРК, ако тестот за окултно фекално крварење се повторува секоја година, или 21% доколку тестот се повторува на две години.

Програмата за рано откривање на колоректален карцином е ефективна во секундарна превенција од причина што ракот на дебелото црево најчесто се развива од аденоматозни полипи. Аденоми можат да се појават било каде по должината на колонот, по серијата мутации кои предизвикуваат формирање на епителните неоплазии. Аденомите се зголемуваат и можат да развијат дисплазија од висок степен, но доколку ја зафатат и субмукозата стануваат малигни. Околу 5-6% од населението развива КРК . Транзиција од бенигни аденоми во малигна фаза е долг процес, кој трае во просек од околу 10 години, со што се овозможува рано откривање и отстранување на пре-малигните лезии. Прогнозата е многу подобро ако ракот се открие во асимптоматска или рана симптоматска фаза, затоа што тогаш туморот е најчесто локализиран, третманот е полесен и ја зголемува можноста за целосно излекување. Кога ќе се открие во фаза на аденом, отстранувањето на аденомот ја превенира стапката на инциденца на КРК. Дури и кога ќе се открие карцином во рана фаза, прогнозата е значително подобра отколку во понапредна фаза. Програмата за рано откривање на колоректален карцином значително го подобрува здравјето на населението, ако е добро дизајнирана и ако е сумирана од страна на вкупната целна популација.

Скрининг програмата може да биде успешна само ако покрај  активностите насочени кон рано откривање на КРК, се обезбедат и услови за соодветна дијагностика, лекување и подобар квалитет на животот на пациентите. Организирање на програмата за рано откривање на ракот е мултидисциплинарна дејност. Потребна е силна и неоспорна поширока општествена, политичка и финансиска поддршка, која е гаранција за постигнување на поставените програмаски цели.

 

  1. ЕПИДЕМИОЛОШКА СОСТОЈБА

 

Стапките на инциденца и морталитет на колоректален карцином (КРК) значително се разликуваат во целиот свет. Глобално, КРК е трет најчесто дијагностициран рак кај мажите и кај жените, со 1,8 милиони нови случаи и 861.000 смртни случаи во 2018 година, според базата на податоци на Светската здравствена организација GLOBOCAN. Фреквенција на заболувањето е значително повисоки кај мажите отколку кај жените.

 

Во САД и инциденцата и морталитетот, полека но постепено се намалуваат. На годишно ниво, се дијагностицираат околу 145.600 нови случаи на рак на дебелото црево, од кои 101.420 се на дебелото црево, а остатокот се ректални карциноми. Годишно, околу 50.630 Американци умираат од КРК, со околу 8% од сите смртни случаи од рак. Според достасаните пријави во Институтот за јавно здравје, во 2017г. имаме 232 ново заболени лица од КРК, а истата година умреле  3715 лица  од  малигни неоплазми  како  основна  причина  за  смрт. Малигните неоплазми се втора причина за смрт кај населението во Република Македонија, во  структурата  на  вкупно  умрени  лица, веднаш  после  болестите  на  циркулаторниот  систем.

 

Инциденца – Глобално, регионалната инциденца на КРК варира повеќе од 10 пати. Највисоките стапки на инциденца се во Австралија и Нов Зеланд, Европа и Северна Америка, а најниски стапки се наоѓаат во Африка и Јужна Централна Азија. Овие географски разлики се припишуваат на разликите во исхраната и животната средина, кои се наметнуваат врз основа на генетски утврдени предиспозиции.

Нискиот социоекономски статус (СЕС) исто така е поврзан со зголемен ризик за развој на КРК; една студија проценила дека ризикот е зголемен за приближно 30% кај  населението со најнизок (СЕС), во однос на населението со највисок (СЕС). Се смета дека потенцијално модифицираното однесување, како што е физичката неактивност, нездравата исхрана, пушењето и дебелината, претставуваат значителен процент (проценки од една третина до една половина), од социоекономскиот диспаритет за ризик од КРК. Пониски стапки на скрининг за КРК, се значителни кај посиромашното население.

 

Во Соединетите Американски Држави, стапките на инциденца на КРК се намалуваат за околу 2 проценти годишно. Стапките на инциденца кај повеќето западни земји беа стабилни или се зголемија во текот на овој период. Спротивно на тоа, стапките на инциденца на КРК брзо се зголемија во неколку области со историски низок ризик, вклучувајќи ја Шпанија и голем број земји во Источна Азија и Источна Европа.

 

Возраста е главен ризик фактор за спорадични КРК. Ракот на дебелото црево е невообичаен пред 40 години; инциденцата почнува значително да се зголемува на возраст меѓу 40 и 50 години, а стапката на инциденца специфична за возраста се зголемува во секоја наредна деценија потоа (слика 1).

 

Поновите податоци од базата на податоци на САД за надзор и епидемиологија и други западни регистри за рак, укажуваат дека инциденцата на КРК се зголемува во групата под 50 години, додека се намалува кај постарите групи. Во САД, инциденцата на КРК кај мажите и жените на возраст под 50 години постојано се зголемува со стапка од 2 проценти годишно од 1992 до 2013 година. Некои регистри пријавуваат зголемена инциденца на КРК, дури и кај млади лица на возраст од 20 до 39 години, иако апсолутната инциденца кај оваа возрасна група останува далеку помала отколку кај лица на возраст 50+. Тековната литература сугерира дека над 86% од оние дијагностицирани под 50-годишна возраст се симптоматски при дијагностицирање, а ова е поврзано со понапредна фаза при дијагностицирање и послаби исходи. Во моментов, повеќето упатства не препорачуваат скрининг за асимптоматски лица помлади од 50 години, освен ако немаат позитивна семејна историја. Меѓутоа, во 2018 година, Американското здружение за рак издаде “квалификувана” препорака да започне скрининг на лица со просечен ризик за КРК на 45 годишна возраст.

 

  1. РИЗИК ФАКТОРИ

Ризикот од колоректален карцином се зголемува по 40–та, година на животот, така што КРК се јавува во 90%, кај лицата над 50-годишна возраст. Секое лице на возраст над 50 години носи 5% ризик дека  до 74 година ќе развие рак на дебелото црево, односно 2,5% ризик дека ќе умре од рак на дебелото црево. Симптомите кои упатуваат на рак на дебелото црево во раните фази се без симптоми, додека во понапредна фаза можат да се најдат следните симптоми: крварење од дебелото црево или крвава столица, промена во навиките на дебелото црево, столици кои се потенки од вообичаеното, општо проблеми во стомакот, како што се надуеност и грчеви, пролив, запек или чувство дека движењето во дебелото црево не е сосема целосно, слабеење без очигледна причина, малаксалост, повраќање и анемија. Во однос на ризикот од КРК сите поединци се поделени на: оние со просечен ризик (како општо население), со умерено зголемен ризик и со висок ризик за развој на колоректален карцином, така што Американското здружение за канцер издаде препорака во однос на ризикот за мониторинг на целата популација. Лицата кои имаат или некој од нивните блиски роднини имале полипи и/или рак на дебелото црево или доколку боледуваат од одредени воспалителни болести на цревата (улцерозен колитис, Кронова болест) спаѓаат во група со умерено-зголемен ризик.

 

Со висок ризик се лицата кои во семејството имаат некои од полипозни синдроми  и/или наследен неполипозен колоректален карцином (HNPCC). Луѓето со претходна анамнеза на рак на желудникот, градите, јајниците, уретрата, мочниот меур, бубрезите, матката, белите дробови и рак на простата, исто така, имаат зголемен ризик да развијат рак на дебелото црево. Бројни епидемиолошки студии го испитувале влијанието на надворешните фактори (исхраната и хигиено-диететскиот режим и физичката активност), како ризик фактори кои можат да придонесат за развој на рак на дебелото црево. Дебелината и дијабетесот се поврзани со умерено зголемен ризик, додека пушењето е поврзано со зголемен ризик за КРК, а уште повеќе со развојот на аденоми.

Превенирање на ризиците од КРК и раното откривање

Постојат неколку начини кои можат да придонесат за намалување на ризик од развој на колоректален карцином и други видови карциноми.

  • Исхрана

Истражувањата покажуваат дека помалку мрсна храна, храна богата со влакна, големи количества свежо овошје и зеленчук (најмалку 5 порции дневно) и полнозрнести житарици, придонесуваат за намалување на ризик од колоректален карцином. Консумација на црвеното месо и месните преработки се препорачуваат најмногу еднаш до два пати неделно.

  • Физичка активност

Постојат многу докази кои укажуваат дека редовната физичка активност придонесува за намалување на ризик од колоректален карцином. Се препорачува најмалку 30 минути напорно вежбање најмалку 5 дена во неделата. Вежбите би требало да допринесат за забрзување на работата на срцето. Пример за ваков тип на вежби се брзото одење или искачување по нагорница.

  • Здрава телесна тежина

Секој човек треба да направи напор за одржување на здрава телесна тежина. Промените во исхраната и редовната физичка активност можат да допринесат за одржување на телесната тежината под контрола.

  • Пушење

Пушењето е една од водечките причини за појава на КРК, престанокот на пушење го намалува ризикот за рак на дебелото црево како и за останатите видови на канцери. Раното откривање на КРК, може да го спаси животот! Лицата кои спаѓаат во категорија со просечен ризик да заболат од колоректален карцином, треба да почнат со редовни скрининзи на 50-годишна возраст. Лица кои имаат зголемен ризик, треба да почнат со редовни скрининзи на порана возраст. Лица постари од 75 години, треба да се консултираат со матичниот лекар дали треба да продолжат со понатамошните скрининзи.

  1. МЕТОДИ ЗА РАНО ОТКРИВАЊЕ НА КОЛОРЕКТАЛЕН КАРЦИНОМ

Скрининг е  метода  за  откривање на болест  пред  да  се  појават  симптомите. Скринингот овозможува  откривање  на  ракот  во  рана фаза пред  да  стане инвазивен, истиот се однесува на луѓето со просечен ризик (како и општата популација). Скринингот има за цел да обезбеди преживување, да го намали морбидитетот и да го унапреди квалитетот на животот на оние кои развиле канцер. Неговата цел е намалување на ризикот, но тој не дијагностицира болест. Постојат неколку методи на скрининг и тоа се: годишни – двогодишни тестови за присуство на окултно крварење. Иако теоретски се достапни широк спектар на различни скрининг методи за колоректален карцином, истражувањата  кои  имале  за  цел  да го  идентификуваат  најефективниот скрининг  протокол  за  употреба  во  општата  асимптоматска популација воглавно се предлага тест за детекција на окултното крварење или таканаречен (ФОБ-тест).

Тест за окултно крварење во столицата се покажа како соодветна метода за рано откривање на колоректален карцином, поради релативно едноставна апликација и релативно ниска цена.

Тестови, со кои се открива пред-канцерозна и канцерозна состојба  и Скрининг интервали:

  • Тест за детекција на окултнотокрварење(FOBT) Секојагодина
  • Имунохемискитест на столицата(FIT) Секојагодина
  • ДНКтест на столица (sDNA) Секојагодина
  • КолоноскопијаСекои10години
  • Виртуелна колоноскопијаСекои 5години
  • ФлексибилнасигмоидоскопијаСекои 5години
  • ИригографијаСекои 5години

 

Абнормален резултат на виртуелна колоноскопија или двоен контраст бариум клизма, или позитивна ФОБТ структура, имунохемиски тест и ДНК тест, треба да се следат со колоноскопија.

  • Колоноскопија

 

Колоноскопија е современа дијагностичка метода, со која директно под контрола на окото може да се испита целосно дебелото црево. Оваа процедура се изведува со помош на колоноскоп, флексибилен стерилен инструмент со дебелина на прст, кој благодарејќи на флексибилноста и оптичките влакна, овозможува сигурен и прецизен преглед по должина на целото црево. Колоноскопија како почетна скрининг метода е поскапа и поинвазивна метода од ФОБ-тестот. Колоноскопија игра клучна улога во секој скрининг на колоректален карцином претставувајќи златен стандард за потврдување на секој позитивен резултат добиен од другите скрининг методи на КРК. Колоноскопија е чувствителна метода која ги открива и најмалите промени, дури и помали од 5 mm, така што сите туморозни промени може да се откријат во многу рана фаза. Повеќето промени можат и да се отстранат, така што колоноскопија покрај дијагностичка претставува и терапевтска метода. Со колоноскопија се откриваат 90-95% од сите туморозни промени на дебелото црево и на ректумот, но поради високите цени се применува за следење на лица со умерен и висок ризик, како дијагностичка метода и кај лица со позитивен ФОБ-тест. Во моментов Полска е единствената  земја  во  ЕУ  која  врши  колоноскопија  како  единствен  скрининг метод во популација со просечен ризик на национално ниво.

  • Флексибилна сигмоидоскопија

 

Флексибилна сигмоидоскопија е преглед кој се користи за проценка на долниот дел на дебелото црево (колонот). Сигмоидоскопијата не овозможува да се види дебело црево во целост. Како резултат, било каков облик на рак на дебелото црево или полип во подлабоките регии на дебелото црево не можат да се откријат со оваа постапка.

  • Иригографија

Иригографија се изведува на ист начин како кај испирање на цревата. Бариум сулфатов раствор е посебен вид на течност, кој јасно се гледа на рендгенската снимка. Во текот на процедурата, бариум-сулфатов раствор се надувува во цревата и на тој начин се гледа како се движи течноста низ цревата. Тоа е корисно за да се воочат необични испапапчувања или запушувања во цревата.

 

  1. ТРЕТМАН НА КРК

Третманот на КРК зависи од стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и од други фактори.

Тераписки опции за ракот на дебелото црево се:

  • хируршки третман,
  • радиотерапија (зрачна терапија),
  • хемотерапија,
  • таргет (целна) терапија.

 

Хируршкиот третман е главна и најчеста тераписка опција за ракот на дебелото црево. Хирургијата има важна улога во третманот на ракот на дебелото црево.

Целта на оперативното лекување е отстранување на целиот примарен тумор со дел од здравото црево. При тоа се отстрануваат и лимфните јазли кои го дренираат тој дел од дебелото црево, а кои што ги следат крвните садови кои го снабдуваат со крв тој дел од цревото. Доколку се зафатени и соседните ткива и органи со малигниот процес, и тие оперативно се отстрануваат. Кога ракот е локално напреднат или метастазиран се спроведува комбинирана терапија (радиотерапија, хемотерапија и таргет – целна терапија).

Радиотерапијата е локална терапија, која ги уништува малигните клетки само во регијата која се озрачува. Се спроведува со специјални машини (линеарни акцелератори), кои произведуваат рендгенски зраци со висока енергија. Зраците кога минуваат низ телото на пациентот од надвор се нарекува надворешна радиотерапија.

Надворешната радиотерапија се применува само во лекувањето на ракот на ректумот и не се применува кај ракот на колонот. Најчесто се комбинира со другите третмански модалитети (операција, хемотерапија, целна терапија).

Хемотерапијата се применува со лекови наречени цитостатици. Тие дејствуваат така што ја блокираат делбата на раковите клетки инхибирајќи го на тој начин растот и инвазијата на ракот. Хемотерапијата се применува кај локално напреднат и метастатски рак на дебело црево. Најчесто се дава во комбинација со другите третмани.

Целната терапија е нова ефикасна терапија за напреднат и метастатски рак на дебело црево. Се спроведува со целни лекови кои селективно ги напаѓаат само малигните клетки, a не ги оштетуваат здравите клетки на организмот. Целните лекови најчесто се даваат во комбинација со класичните цитостатици, а поретко самостојно како монотерапија.

 

 

  1. ПРЕПОРАКИ

Малигните  неоплазми  се  големо оптоварување за општеството, како во светот, така и кај нас. Лекување на болни од малигни неоплазми, претставува големо оптоварување и трошок, како за државата така и за болниот, што претставува особено голем проблем во помалку развиените региони во светот, во кои се вбројува и Р. Македонија. Од оваа причина е неопходно преземање на систематски активности, насочени кон намалување на морбидитетот и морталитетот од овие заболувања. Колоректален карцином влегува во првите пет причинители за смрт од малигни неоплазми во Р. Македонија. За подобрување на општата состојба, неопходно е да се преземат следните активности:

  • Набавка на нови апарати за колоноскопија во регионите во кои нема колоноскопи и обучување на стручен кадар за работа со истите;

 

  • Склучување на договор помеѓу Фонд за здравствено осигурување и приватните ординации кои работат колоноскопија, во регионите, во кои нема колоноскопи во рамките на јавното здравство, со цел да се добијат повратни резултати и вистинска слика за состојбата со заболените од КРК во Р. Македонија;

 

  • Отстранување или намалување на дејството на ризик факторите во животната и работната средина на населението;

 

  • Промена во однесувањето на возрасните лица, поврзано со навиките во исхраната, пушењето и физичката активност, како ризик фактори;

 

  • Продолжување на скрининг програмата за КРК, со цел да се намали ризик во општата популација од заболувањето со КРК. Скринингот овозможува откривање на малигни промени во рана фаза, кога болеста е се уште локализирана;

 

  • Водење на регистар за КРК со систематско, перманентно и квалитетно ажурирање  на податоците за новозаболените. Регистарот ќе овозможи адекватен мониторинг и евалуација на пациентите, на државно ниво;

 

Овој март не претпоставувај!

Најдобро време да се започне со скрининг е пред да се појават било какви симптоми.

 

 

ФЛАЕР ЗА КОЛОРЕКТАЛЕН КАРЦИНОМ (МК)

ФЛАЕР ЗА КОЛОРЕКТАЛЕН КАРЦИНОМ (АЛ)