На иницијатива на националниот координатор и националната мултисекторска комисија за антимикробна резистенција, на 15 септември 2017 година, во Скопје се одржа националниот годишен CAESAR состанок и работилница со наслов “EUCAST КРИТЕРИУМИ ЗА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА АНТИМИКРОБНАТА ОСЕТЛИВОСТ НА ГРАМ НЕГАТИВНИТЕ БАКТЕРИИ“. Состанокот беше во организација на Здружението на микробиолози на Македонија, Институтот за јавно здравје на РМ, Медицинскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Медицинскиот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип и Центарот за регионални истражувања и соработка “Студиорум”, а беше поддржан од Регионалната канцеларија на СЗО – Европа и СЗО канцеларијата во Скопје.

Состанокот беше поделен на два дела, практичен дел (работилница) и предавања од двајца еминенти професори, проф. д-р Е. Трајковска Докиќ од Македонија и проф. д-р Р. Кантон Морено, како претставник на Европскиот центар за контрола на болестите (ECDC).

media-share-0-02-05-3d00fde640a140c80d9706afea420f9666f25600f8aa5d5126495b109b171a0a-e31a9711-89be-41d9-a969-358d54128d37

Целта на практичниот дел беше учесниците да вежбаат детектирање и можности за натамошно испитување на карбапенемаза продуцирачките соеви од родот Enterobacteriaceae, како и на соевите Pseudomonas aeruginosa и Acinetobacter spp.; фенотипско испитување на типот на резистенција користејќи модифициран Hodge Test (MHT) и метода на комбиниран диск тест при што беше користен комерцијален сет на дискови. За споменатите бактерии беа презентирани EUCAST тестовите за одредување на осетливоста кон антибиотици. Имајќи го во предвид фактот што според EUCAST стандардите, по кои што работат микробиолошките лаборатории во Македонија, не се валидни методите за одредување осетливост кон антибиотикот COLISTIN ниту со градиент Е-тест агар-дифузионата метода, ниту одредување на МИК со било која автоматизирана метода, на учесниците на работилницата им беше презентирана комерцијална бујон микродилуциона метода за одредување на МИК за COLISTIN.

На 24-цата учесници на практичниот дел, поделени во две групи, прво им беше презентирана куса powerpoint презентација од страна на координаторите, а потоа поделени на 4 работни места, ротирајќи меѓу себе имаа можност секој да ја изработи секоја од вежбите.

media-share-0-02-05-1db2f046e33b784f1b5af68d696080cef1841814d082cfe81054970b0b247120-0749f516-4380-49b2-a729-42dd77e1b3b1

Вториот дел од состанокот започна со свечено отворање од страна на националниот координатор за АМР, Доц. д-р Голубинка Бошевска, која ја потенцираше уште еднаш важноста на CAESAR мрежата, зголемениот интерес за приклучување кон истата и зголемениот број на микробиолошки лаборатории кои соработуваат со оваа мрежа. Следно, како домаќин на настанот, поздравна реч имаш Доц. д-р Ана Кафтанџиева, претседател на Здружението на микробиолози на РМ и како претставник на Медицинскиот факултет од Скопје, ја најави презентацијата на специјалниот гостин од ECDC, професорот Рафаел Кантон, директор на Одделот за микробиологија во Универзитетската болница “Ramón y Cajal” во Мадрид, Шпанија и професор по клиничка микробиологија на Универзитетот “Complutense”, исто во Мадрид, Шпанија. Пред аудиториумот составен од доктори специјалисти по микробиологија, клиничари и специјализанти од Медицинскиот факултет во Скопје (вкупно 51), д-р Морено ги сподели EUCAST перспективите што се однесуваат на тестирањето на осетливоста наспроти тестирањата на отпорност на бактериите кон некој антибиотик. Втората презентација се однесуваше на детекција на ESBL, pAmpC и карбапенемаза продуцирачки изолати на Salmonella, од страна на проф. Д-р Елена Трајковска Докиќ, Институт за микробиологија и паразитологија, Медицински факултет, Скопје. По завршувањето на презентациите, следеше богата дискусија во врска со темите, но и дополнителни информации кои се однесуваа на работењето на CAESAR мрежата, како и дискусија за EQA резултатите, можностите да се направат поголеми напори за промоција на хемокултурите како алатка за рационална употреба на антибиотиците, информација околу започнувањето со рапортирање во GLASS мрежата и секако важноста од пријавување на Salmonella соевите во CAESAR мрежата.