Од 22-28 јануари се одбележува Неделата на подигнување на свеста за ракот на грлото на матката.

Ракот на грлото на матката (РГМ) е на второ место по зачестеност малигно заболување кај жените во светот и во Република Македонија. Над 80% од случаите на рак на грлото на матката и смртните случаи од оваа болест се регистрирани во земјите во развој.

РГМ најчесто се јавува кај жени на возраст од 30-45 години. [1]

Ризик фактори за појава на РГМ

Се смета дека одредени видови на Хуман папилома вирус (ХПВ) се поврзуваат со развојот на РГМ, иако кај најголемиот број лица кои имаат ХПВ не доаѓа до појава на РГМ.

Други ризик фактори вклучуваат: пушење, слаб имунитет, во некои случаи употреба на контрацептивни таблети, рано започнување со сексуални односи, промена на сексуални партнери, инфекции и слично.

РГМ се развива од преканцерозни лезии во период од 10-20 години. Во 90% случаите се работи за рак со сквамозни клетки, додека околу 10% е аденокарцином.

Знаци на болеста

На почетокот воопшто не постојат никакви симптоми на болеста. Покасно, може да се јави вагинално крвавење, болка во карлицата, болка при сексуален однос и крвавење по сексуален однос.

Резултати од скринингот на рак на грлото на матката во Република Македонија, 2016

Согласно програмата за рано откривање на малигни заболувања, во 2016 година опфатена е целна група жени на возраст од 36-45 години и жени на возраст од 24-60 години кои во текот на 2015 година не направиле Пап-тест.

Спорд податоците добиени од Центрите за јавно здравје, во 2016 година со програмата за скрининг на рак на грло на матката гинеколошките ординации испратиле 37589 покани за преглед на жени.

Во лабораториите се направени вкупно 36645 анализи на препарати од направени ПАП тестови, при што се добиени следните резултати:

  • Кај 87,4% добиени се нормални резултати, додека кај 12,6% се откриени клеточни абнормалности.
  • Со скринингот, се откриени 6 случаи на карцином од кои 3 плочест карцином суспектен за инвазија, 2 инвазивен плочест карцином, и 1 случај на цервикален аденокарцином.
  • Од вкупниот број патолошки лезии, најчесто застапен е ЦИН 1 (40,4%), ХПВ (33%) и АСЦУС (15,3%).

Во однос на бројот на жени умени од ракот на грлото на матката во РМ за периодот 2008-2015 година во просек секоја година умираат 35 жени, додека во 2015 умреле 35 жени.

   Табела: Број на умрени од рак на грло на матка во РМ

Година Вкупно умрени од РГМ
2008 43
2009 35
2010 31
2011 15
2012 39
2013 36
2014 42
2015 39

                      Извор: Државен завод за статистика

Превенција

ХПВ вакцината заштитува од појава на РГМ во околу 90% од случаите и се спроведува кај деца на возраст од 12 години (рано пред започнување со сексуални односи).

Се препорачува правење редовни контроли кај гинеколог со ХПВ и ПАП тест, како и користење на заштита (кондоми) при сексуален однос.

Подготвил:

Сектор за промоција,анализи и следење на незаразни болести

[1] https://eveappeal.org.uk/gynaecological-cancers/cervical-cancer/cervical-cancer-prevention-week/