На прес конференцијата одржана на 21 ноември 2018 година во Институтот за јавно здравје, беа презентирани резултати од скринингот на ракот на грлото на матката во Р. Македонија, како и податоци за морбидитет и морталитет од ова заболување во Македонија и во светот.

Преку запознавање на јавноста, со поддршка на средствата за јавно информирање, целта е да се подигне свеста кај жените за редовни превентивни прегледи и рано откривање на првите симптоми на ракот на грлото на матката, со што ќе се намали заболеноста и смртноста од овој вид малигно заболување.

Американското здружение за рак ја објави листата на ризик фактори за појава на рак на грлото на матката:

  • инфекција со хуман папилома вирус (ХПВ),
  • голем број на сексуални партнери и некористење на кондом
  • инфекција со ХИВ
  • инфекција со хламидија
  • пушење
  • стрес и нарушувања поврзани со стрес
  • начин на исхрана
  • хормонални контрацептивни средства
  • повеќекратни бремености
  • фамилијарна историја на рак на грлото на матката.

 

Во светски рамки, ракот на грлото на матката учествува со 3,2% во вкупниот број на новооткриени случаи на рак, како и во бројот на смртни случаи од рак.

Во Република Македонија кај жените најчеста локализација на ракот (новооткриени случаи) е на дојките, после што следи ракот на матката, ракот на дебелото црево, белите дробови и желудникот.

thumbnail 1

Бесплатниот ПАП тест за прв пат се воведе во 2007 година. Пилот скринингот за откривање на ракот на грлото на матката се спроведуваше во 4 општини во периодот 2009-2011 година. Од 2012 година се започна со организиран скрининг на рак на грлото на матката кај жени од 24-60 годишна возраст. Владата на Република Македонија донесе Програма за рана детекција на малигни заболувања која стартуваше од 01.04.2012 година.

Почнувајќи од 2012 година до денес се бележи позитивен тренд во бројот на жени опфатени со скринингот. Оправданоста на спроведувањето на оваа програма се потврдува со фактот што секоја година се откриваат случаи на карцином кај жени кои немале никакви знаци на болеста. На пример, воо периодот од јануари до септември 2018 година се откриени 8 случаи на рак на грлото на матката.

Со скринингот преку ПАП тестот се откриваат клеточните абнормалности. Од вкупно направени 31630 ПАП тестови за периодот јануари-септември 2018 година, клеточни абнормалности се откриени кај 2946, што претставува 9,3%. Најчесто застапен е ЦИН 1 и ХПВ.

Во 2017 година е забележан најнизок број на лица кои умреле од рак на грлото на матката во споредба со последните 10 години со вкупно умрени 30 лица.

Преку организираниот скрининг, се очекува да продолжи трендот на намалување на инциденцата и смртноста на жените од рак на грлото на матката во Република Македонија, што е и основна цел на оваа Програма.

Затоа, апелираме:

- младите да се грижат за своето здравје, особено сексуалното здравје со неменување често на многу партнери, практикување безбеден сексуален однос со задолжително користење на заштита (пр. кондоми), покасно започнување со сексуални односи, исл.

- жените и посебно жените од ранливите групи да прават редовни контроли кај гинеколог,

-  дел од ПАП тестирањата кои се по превентивната програма се бесплатни за одредени возрасни групи.

Оваа година тоа се жените на возраст од 24-35 години, како и жени на возраст од 36-60г. кои не направиле ПАП тест во 2017 година.

Следната година бесплатни ПАП тестирања според Програмата за рана детекција на малигни заболувања во РМ за 2019 година ќе се прават на жени на возраст 36-48 години, со приоритет на жените од ранливите групи, но и на оние од 24-35 години  кои не направиле ПАП тест во оваа година.

Преземи презентација за Резултати од скринингот за превенција и рано откривање на ракот на грлото на матката во Р.М.