
Институтот за јавно здравје на Република Македонија во соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија во рамките на Регионалниот проект за техничка соработка ќе одржи дводенвна национална работилница за превенција и ремедијација на радонот од објектите за живеење и работа, на 17 и 18 февруари.
Пренесување на светски искуства од експерти на МААЕ, за градба на безбедни од радон објекти како и искуства за мерки и зафати за ремедијација на радонот од изградени објекти, дискусија, размена на мислења и сугестии, преставува главна цел на оваа работилница.
Заради воведување на еден проширен, мултисекторски пристап во контролата на изложеноста на населението на радонот, Институтот за јавно здравје како координатор на Програмата и работната група за следење на радонот, иницира повеќе активности во насока на вклучување на надлежни институции и сектори кои треба да дадат свој придонес во контролата и намалувањето на изложеноста на радон.
Радонот како гас со потекло од природата е главен контрибутор на дозата на изложеност на населението на радиоактивно зрачење од природата, преку негова акумулација во различен обем во домови, работни места и објекти за престој.
Меѓународната агенција за истражувања на канцерогените заболувања го класифицира радонот во првата група на хумани канцери додека според Светската здравствена организација, радонот е втор ризик фактор за развој на канцер на белите дробови, по пушењето.
Затоа превенирањето на акумулацијата на радонот преку примена на протоколи, технологии и техники уште во фаза на проектирање на објектите како и во тек на градбата е од особено значење при градење на објектите.
Учесниците на оваа работилница доаѓаат од градежниот сектор, министерствата, општините, производство на градежни материјали, дирекции и институти кои понатаму ќе ги пренесат тука стекнатите знаења и со тоа ќе придонесат во унапредување на стандардите за безбедна од радон градба чија крајна цел е намалување на ризиците на изложеност на населението и намалување на ризикот од појава на канцерогени заболувања на белите дробови во иднина.
Институтот за јавно здравје преку работната група за следење на состојбата со радонот, планира изготвување на една поширока и долгорочна предлог национална стратегија за намалување на ризиците од радонот, која ќе содржи препораките на Светската здравствена организација за еден поширок пристап во намалувањето на овој ризик фактор.