ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на третата недела од 2016 година (од 18.01 – 24.01.2016), во Република Македонија од 25 извештајни единици пријавени се 802 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 38,8 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 31,3% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 8,4% споредено со третата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 876 случаиа во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони исто така постои намалување од 33,0% (Графикон 1).

Веќе четири недели пријавениот број на случаи е над бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип и расте, што говори во прилог на интензивирање на сезонската активност на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона 2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 Grafikon 1

Во третата недела од 2016, најголем број заболени (n=633) се пријавени во возрасната група од 15-64 години каде е регистрирана и најголема инциденца од 43,4 на 100.000 жители. Кај децата на возраст од 0-4 години се регистрирани се 44 случаи, но со втора највисока инциденца оваа недела, која изнесува 37,9/100.000.

Оваа недела најголем број заболени (121) се пријавени од ЦЈЗ Куманово, ЦЈЗ Струмица има регистрирано 119 заболени и ЦЈЗ Прилеп – пријавени 102 случаи.

Највисока инциденца оваа недела (I=324,0/100.000) е регистрирана во ПЕ Кратово каде е пријавено 31 заболено лице (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, трета недела 2016 година.

 мапа

Вкупниот број на пријавени случаи во текот на оваа сезона е 2.938, а кумулативната инциденца –142,0 на 100.000 жители.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 28 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (n=512; 17,4%), ЦЈЗ Куманово (n=507; 17,3%) и ЦЈЗ Прилеп (n=413; 14,1%), додека во останатите региони се регистрираат помал број на случаи. Највисока инциденца е забележана во Кратово и изнесува 815,1/100.000 (вкупно 78 заболени).

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 2.131 случај (72,5%), а најголема кумулативна инциденца од 191,1/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години (222 случаи), како и кај децата на возраст од 5-14 години (178,9/100.000 жители, 414 случаи).

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци:

  • октомври – 225 случаи или 7,7%
  • ноември – 431 случај или 14,7%
  • декември – 592 случаи или 20,1%

Во текот на три недели од месец јануари, пријавени се 1.690 случаи или 57,5% од вкупниот  број во сезоната.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела во ИЈЗ анализирани се 3 примероци за присуство на вирусот на грип, сите се негативни за присуство на инфлуенца вирусот. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 42 примероци, два  (4,8%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (Influenza A – нетипизиран и Influenza B).

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се вкупно 26.381 лице и потрошени  87,3% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на третата недела, вакцинирано е 61 лице, најголем број од нив во Скопје (31).

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,0% (n=15.830), 35,0% (n=9.226) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,9% (n=505) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 6 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 814 здравствени работници (3,1% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 17.967 или 68,1% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Нема податоци за бројот на ново-вакцинирани лица во ПЗУ. Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица и тоа во ПЗУ Медика во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години, од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%) и од 5-29 години – 57 лица (8,7% од сите вакцинирани).  Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци,  ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Бројот на регистриран случаи на грип е над границата за сезонска активност, но под очекуваниот број за овој период од сезоната.

Иако  географската распространетост проширува, односно 80,6% од ЦЈЗ/ПЕ пријавуваат случаи, сепак процентот на позитивни примероци е сè уште мал.

Може да се констатира дека, иако сè уште ниска, активноста на вирусот на грип се зголемува, исто како и географската распространетост на територијата на Р. Македонија. Се очекува понатамошно зголемување на активноста на грип во наредните недели.

 

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 2 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип се зголемува. Најголем дел од земјите кои обезбедиле податоци (40) пријавиле локална распространетост и среден интензитет, а само во Грција и Малта е регистрирано високо ниво на активност на вирусот на грип.

Influenza A(H1N1)pdm09 и понатаму е доминантен подтип уште од почетокот на сезоната, а во тековната недела на него се должат 59% од позитивните тестирани примероци.

Доминацијата на A(H1N1)pdm09 кореспондира со зголемениот број на случаи на тешка акутна респираторна инфекција (SARI) во источноевропските земји, претежно кај лица на возраст од 15-64 години.

Околу три четвртини (77%) од откриените вируси се тип А, а 23% се тип Б. Најголем дел од Influenza А e А (H1N1) pdm09 подтипот, а од Influenza B – B/Victoria.

Процентот на инфлуенца-позитивните примероци во сентинел надзорот е над 10% во пет последователни недели што укажува на почеток на сезоната на грип во 51 недела.

Оваа недела, 38% од тестираните примероци биле позитивни за присуство на вирусот на грип.

Досега типизираните вируси оваа сезона се генетски слични на соевите кои се препорачани за вклучување во вакцината за северната хемисфера за оваа сезона.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје