ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 15-тата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 17 новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип со инциденца од 0,8 на 100.000, што претставува намалување од 66,0% во споредба со минатата недела кога беа пријавени 50 случаи.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела одговара на многу ниско ниво на интензитет според моделот за одредување на интензитет на активноста на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

1

Оваа недела, најголем број заболени (n=9) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Охрид. Во останатите ЦЈЗ/ПЕ се регистрирани поединечни случаи или воопшто не биле регистрирани заболени лица.

Највисока инциденца од 18,0/100.000 е пријавена од подрачјето на ПЕ Дебар што сепак одговaра на многу ниска (вон-сезонско) активност на инфлуенца вирусот. Според инциденцата на 100.000 жители, многу ниска (вон-сезонска) активност се регистрира на територија на уште 3 ЦЈЗ/ПЕ.

Во 27 ЦЈЗ/ПЕ не е регистриран случај на заболување од грип/заболување слично на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 15 недела 2017

15

Во 15-та недела најголем број заболени (n=15) односно 88,2% од сите случаи се пријавени во кај лицата на возраст од 15-64 години. Регистриран е по еден случај кај децата на возраст од 5-14 години и меѓу лицата над 65 години.

Инциденцата на грип кај лицата на возраст од 15-64 години изнесува 1,0/100.000 жители, а кај децата на возраст од 5-14 години и кај лицата постари од 65 години инциденцата изнесува 0,4/100.000. (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017  

 2

Кумулативни податоци

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип заклучно со 15-та недела изнесува 34.916 со кумулативна инциденца од 1.687,4 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите Центри за јавно здравје и Подрачни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (n=4.562; 13,1%), ЦЈЗ Струмица (n=3.280; 9,4%), ПЕ Гостивар (n=3.004; 8,6%), ПЕ Кавадарци (n=2.988; 8,6%) и ЦЈЗ Битола (n=2.828; 8,1%) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.943,3/100.000), ПЕ Свети Николе (I=5.864,9/100.000), ЦЈЗ Струмица (I=3.462,9/100.000), ЦЈЗ Охрид (I=3.348,8/100.000) и ЦЈЗ Велес (3.226,8/100.000) (Графикон 3).

Досега оваа сезона се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017     

3

Според дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци, во текот на октомври се пријавени 171 случај или 0,5%, во ноември се пријавени 532 случаи или 1,5%, а во  декември се регистрирани 15.073 случаи или 43,2%, од случаите во сезоната. Највисок број на заболени лица се регистрира во месец јануари – 17.158 случаи или 49,1% од случаите во сезоната 2016/2017. Во февруари пријавени се 1.396 случаи или 4,0%, а во месец март – 519 случаи или 1,5%. За две недели од месец април пријавени се 67 случаи или 0,2% од пријавените во текот на оваа сезона.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 24.115 случаи (69,1%), а најголема кумулативна инциденца од 1.997,4 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години каде што кумулативно се регистрирани 4.623 случаи, а кај децата на возраст од 0-4 години инциденцата изнесува 1.939,9/100.000 (n=2.254). Кај лицата над 65-годишна возраст, кумулативниот број на случаи е 3.924, со инциденца од 1.496,9 на 100.000 жители (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи, кумулативно за сезона 2016/2017

  4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 15-та недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнат е еден примерок за тестирање, негативен за присуство на вирусот на грип.

Кумулативно во сезоната 2016/2017, од вкупниот број на тестирани биолошки материјали (n=170) добиени со рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, 63 (37,1%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа 60 – Influenza A/H3, 2 се нетипизирани Influenza A вируси и еден е Influenza B вирус (Графикон 5).

Графикон 5. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2016/2017

  5

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.325 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.909 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната со пик на активноста кон крајот на декември 2016 и првата половина од јануари 2017 година.

Оваа недела, како и претходните неколку, епидемиолошкиот и вирусолошкиот надзор укажуваат на многу ниска активност на грипот во Македонија.

Ова значи дека активноста на вирусот на грип во Македонија завршува и покрај тоа што календарски сезоната на грип сé уште е во тек. Веројатноста за повторно зголемување на бројот на случаи е исклучително ниска.  

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (14 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на грип и понатаму се намалува и најголем дел од земјите пријавуваат ниско ниво на активност. Во 10 од 42 земји пријавена е нулта географска активност.

Процентот на позитивно тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е на слично ниво во споредба со претходната недела (17%). Четврта недела по ред, најголемиот процент на примероци се инфлуенца Б. Иако се забележува зголемен број на инфлуенца Б, како што е и вообичаено за крај на сезоната, сепак бројот останува мал.

Меѓу хоспитализираните лица предоминираат лицата постари од 65 години, но бројот продолжува да се намалува, што одговара на претпоставката дека во сезона во која доминира активноста на А(H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Кај поголем дел од 19-те земји кои водат статистика за вишок на смртни случаи, се регистрира зголемен број на смртни случаи кај возрасната популација од 15-64 години и кај лицата постари од 65 години, што најверојатно се должи на циркулацијата на А(H3N2) вирусот.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега доминира инфлуенца А типот (90%), а 99% од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Минатата сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје