ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 19-та недела од 2017 година, во Република Македонија пријавено е 21  новозаболено лице од грип/заболувања слични на грип со инциденца од 1,0 на 100.000, што претставува зголемување од 16,7% во споредба со минатата недела кога беа пријавени 18 случаи.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела одговара на многу ниско ниво на интензитет според моделот за одредување на интензитет на активноста на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

1

Оваа недела, пријавени се случаи на заболување на подрачјето на 5 ЦЈЗ/ПЕ. Во сите ЦЈЗ/ПЕ кои пријавија заболени во текот на оваа недела, се регистрираат поединечни случаи.

Најголем број на заболени е регистриран во ЦЈЗ Тетово (7). Највисока инциденца од 21,6/100.000 е пријавена од подрачјето на ПЕ Дебар, што сепак одговaра на многу ниска (вон-сезонско) активност на инфлуенца вирусот исто како и во другите ЦЈЗ/ПЕ каде се регистрирани случаи. Во 26 ЦЈЗ/ПЕ не е регистриран случај на заболување од грип/заболување слично на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 19 недела 2017

19 nedela

Како и во претходната, така и во 19-та недела од 2017 најголем број заболени (n=16) односно 76,2% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години. Во пријавените случаи од 19-та недела, регистрирани се 4 случаи кај децата на возраст од 0-4 години, а еден случај е регистриран кај децата на возраст од 5-14 години.

Највисока специфична инциденца од 3,4/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години, кај лицата од 15-64 години – 1,1/100.000 жители и кај децата на возраст од 5-14 години инциденцата изнесува 0,4/100.000 (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017  

 2

Кумулативни податоци

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип заклучно со 19-та недела изнесува 35.053 со кумулативна инциденца од 1.694,1 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите Центри за јавно здравје и Подрачни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (n=4.566; 13,0%), ЦЈЗ Струмица (n=3.283; 9,4%), ПЕ Гостивар (n=3.010; 8,6%), ПЕ Кавадарци (n=2.998; 8,6%) и ЦЈЗ Битола (n=2.828; 8,1%) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.966,6/100.000), ПЕ Свети Николе (I=5.899,0/100.000), ЦЈЗ Струмица (I=3.466,1/100.000), ЦЈЗ Охрид (I=3.395,2/100.000) и ЦЈЗ Велес (3.226,8/100.000) (Графикон 3).

Во сезоната на грип 2016/2017 се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017     

 3

Според дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци, во текот на во месец октомври се пријавени 171 случај или 0,5%, во ноември се пријавени 532 случаи или 1,5%, а во  декември се регистрирани 15.073 случаи или 43,0%, од случаите во сезоната. Највисок број на заболени лица се регистрира во месец јануари – 17.158 случаи или 48,9% од случаите во сезоната 2016/2017. Во февруари пријавени се 1.396 случаи или 4%, во месец март – 519 случаи или 1,5%, а во месец април – 165 случаи или 0,5%. За две недели во текот на мај месец, пријавени се 39 случаи или 0,1% од сите регистрирани случаи во текот на оваа сезона.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 24.204 случаи (69,0%), а најголема кумулативна инциденца од 2.004,7 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години каде што кумулативно се регистрирани 4.640 случаи. Кај децата на возраст од 0-4 години инциденцата изнесува 1.955,4/100.000 (n=2.272), а кај лицата над 65-годишна возраст, кумулативниот број на случаи е 3.937, со инциденца од 1.501,9 на 100.000 жители (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи, кумулативно за сезона 2016/2017

 4

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 19-та недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, не е пристигнат примерок за тестирање за присуство на вирусот на грип.

Кумулативно во сезоната 2016/2017, од вкупниот број на тестирани биолошки материјали (n=170) добиени со рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, 63 (37,1%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа 60 – Influenza A/H3, 2 се нетипизирани Influenza A вируси и еден е Influenza B вирус (Графикон 5).

Графикон 5. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2016/2017

 5

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.670 лица и потрошени се сите набавени вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.326 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 720 лица или 2,7%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 деца. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.910 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната со пик на активноста кон крајот на декември 2016 и првата половина од јануари 2017 година.

Почнувајќи од 6-та недела, податоците од епидемиолошкиот и вирусолошкиот надзор укажуваат на многу ниска активност на грипот во Македонија, која континуирано опаѓа.

Активноста на вирусот на грип во Македонија речиси е завршена, а календарски сезоната на грип трае уште една недела. Веројатност за повторно зголемување на бројот на случаи скоро и да не постои.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (18 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на грип и понатаму се намалува и во 37 земји пријавена е ниска ниво на активност.

Процентот на позитивно тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е 12% и е благо зголемен во споредба со претходната недела (10%). Почнувајќи од 11 недела, најголемиот процент на примероци се инфлуенца Б. Иако се забележува зголемен број на инфлуенца Б, како што е и вообичаено за крај на сезоната, сепак бројот останува мал.

Меѓу хоспитализираните лица предоминираат лицата постари од 65 години, но бројот продолжува да се намалува, што одговара на претпоставката дека во сезона во која доминира активноста на А(H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Кај поголем дел од 19-те земји кои водат статистика за вишок на смртни случаи, се регистрира зголемен број на смртни случаи кај возрасната популација од 15-64 години и кај лицата постари од 65 години, што најверојатно се должи на циркулацијата на А(H3N2) вирусот.

По раниот старт на сезоната (46 недела/2016), сезоната на грип се смета за завршена во голем дел од земјите во регионот, а активноста на вирусот на грип е на интер-сезонски нивоа во сите земји и процентот на сентинел детекциите падна до епидемискиот праг (10%).

Досега доминира инфлуенца А типот (90%), а 99% од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Минатата сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје