ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 44-та недела од 2017 година (од 30.10.2017 – 05.11.2017), во Република Македонија пријавени се 130 (I=6,3/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што е зголемување за 2 пати во однос со минатата недела.

Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

44 nedela sl 1

Како и претходната, во 44-та недела најголем број заболени се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца е регистрирана кај лицата над 65 години.

Оваа недела најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Тетово – 39 и ПЕ Гостивар -31, додека највисока инциденца од 50,4/100.000 е регистрирана на територија на ПЕ Дебар каде се регистрирани 14 случаи.

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на заболени од грип изнесува 253 (I=12,2/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи. Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 18 ЦЈЗ/ПЕ, а само во 5 од нив бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број на заболени лица се регистрирани во ПЕ Гостивар.

Во однос на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 63,2%, а најголема инциденца се регистрира кај лицата над 65 години.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 44-тата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 2 материјали за тестирање на грип – негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 24 хумани материјали од здравствените установи – негативни за присуство на вирусот на грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација за оваа сезона се 27.997 дози на вакцина.

Според пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 27.376 лица заклучно со 44-та недела на територијата на РМ, или искористени се 97,8% од вкупно набавените вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 61,0%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична или локална детекција на вируси на грип во регионот. Потврдени се како позитивни 2,1% од тестираните од сентинел надзорот.

Досега предоминира инфлуенца А типот со 57,7%, а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2).

Ситуацијата е вообичаена за овој период од годината.

 

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје