ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 47-та недела од 2017 година (од 20.11.2017 – 26.11.2017), во Република Македонија пријавени се 158 (I=7,6/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што е зголемување за 2,4 пати во споредба со минатата недела (67).

Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

grafikon 1

Во 47-та недела најголем број заболени се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца е регистрирана кај највозрасните, лицата над 65 годишна возраст.

Оваа недела најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар (38), додека највисока инциденца од 39,6/100.000 е регистрирана на територија на ПЕ Дебар.

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на заболени од грип изнесува525 (I=25,4/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи. Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 19 ЦЈЗ/ПЕ, а само во 8 од нив бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број на заболени лица се регистрирани во ПЕ Гостивар.

Во однос на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 62,9%, а најголема инциденца се регистрира кај лицата над 65 години.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 47-тата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 5 материјали за тестирање на грип – негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 38 хумани материјали од здравствените установи – негативни за присуство на вирусот на грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација за оваа сезона се 27.997 дози на вакцина.

Заклучно со 47-та недела, согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, искористени се сите набавени вакцини, вакцинацијата против сезонски грип е завршена на територијата на РМ. Во периодот од 42-та до 47-та недела од сезоната 2017/2018, вакцинирани се вкупно 27.997 лица.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 46 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична или локална детекција на вируси на грип во земјите од регионот. Потврдени се како позитивни 3,7% од тестираните од сентинел надзорот.

Досега предоминира инфлуенца А со 50,4%, а 53,8% од нив се субтипизирани како А (H3N2).

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, сите припаѓаат на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона.

Ситуацијата е вообичаена за овој период од годината.

 

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје