ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 48-ма недела од 2017 година (од 27.11.2017 – 03.12.2017), во Република Македонија пријавени се 121 (I=5,9/100.000) новозаболени од грип/на грип слични заболувања, што е намалување во споредба со минатата недела кога биле регистрирани 158 заболени лица.

Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

UntitledВо 48-ма недела најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар (26 случаи), додека највисока инциденца од 50,4/100.000 е регистрирана на територија на ПЕ Дебар.

Во 11 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а само во една (ПЕ Дебар) се регистрира сезонска активност (Картограм 1).

 Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 48 недела 2017

grafik 2

Кумулативни податоци

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на заболени од грип изнесува 646 (I=31,2/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 33,4%. Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 20 ЦЈЗ/ПЕ, а во 9 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број на заболени лица (164) се регистрирани во ПЕ Гостивар.

Во однос на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 63,8%, а најголема инциденца се регистрира кај лицата над 65 години.

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 48-мата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 10 материјали за тестирање на грип – негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 48 хумани материјали од здравствените установи, сите биле негативни за присуство на вирусот на грип.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини – вакцинацијата против сезонски грип е завршена на територијата на РМ. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

  

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична или локална детекција на вируси на грип во земјите од регионот. Потврдени се како позитивни 6,3% од тестираните од сентинел надзорот.

Се забележува заедничка циркулација на инфлуенца А со 46,5% (60,3% – А (H3N2)) и инфлуенца Б со 53,5% (97% – B/Yamagata).

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, сите припаѓаат на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона.

Ситуацијата е вообичаена за овој период од годината.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје