ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на шестата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 386 (I=18,7/100.000) новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што претставува намалување од 31,4% во споредба со минатата недела кога беа пријавени 563 случаи.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела одговара на многу ниско ниво на интензитет согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

Графикон 1 (2)

Оваа недела, најголем број заболени (n=66) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Охрид, следат ПЕ Гостивар (n=46), ЦЈЗ Струмица и ЦЈЗ Прилеп (n=35).

Највисока инциденца од 117,6/100.000 е пријавена од подрачјето на ЦЈЗ Охрид каде што единствено се регистрира средна активност на инфлуенца вирусот. Според инциденцата на 100.000 жители, ниска (сезонска) активност се регистрира на територија на 10 ЦЈЗ/ПЕ, а во 15 ЦЈЗ/ПЕ активноста е на многу ниско (вон-сезонско) ниво. Во ПЕ Неготино, ПЕ Берово, ПЕ Пехчево,  ПЕ Крушево и ПЕ Валандово не е регистриран случај (Картограм 1).

 Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 6 недела 2017

мапа 6та недела

Како и во претходната, така и во 6-та недела од 2017 најголем број заболени (n=304) односно 78,8% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, што е незначајна промена од претходната недела (73,7%). Во пријавените случаи од 6-та недела, лицата над 65 години учествуваат со 9,3% (n=36),  децата од 5-14 години со 8,3% (n=32), а со најмал процент – децата на возраст од 0-4 години  (3,6%;  n=14).

Највисока специфична инциденца од 20,8/100.000 жители е регистрирана кај лицата на возраст од 15-64 години, кај децата на возраст од 5-14 години неделната инциденца е 13,8/100.000 жители, инциденцата кај лицата постари од 65 години изнесува 13,7/100.000, а најниска инциденца се регистирира кај  децата на возраст од 0-4 години – 12,1/100.000 жители (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000  жители, сезона 2016/2017

Графикон 2 (2)

Кумулативни податоци

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип заклучно со 5-та недела изнесува 33.883 со кумулативна инциденца од 1.637,5 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите Центри за јавно здравје и Подрачни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (n=4.535; 13,4%), ЦЈЗ Струмица (n=3.201; 9,4%) и ПЕ Кавадарци (n=2.954; 8,7%) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.864,3/100.000), ПЕ Свети Николе (I=5.684,5/100.000) и ЦЈЗ Струмица (I=3.379,5/100.000) (Графикон 3).

Досега оваа сезона се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона  2016/2017

Графикон 3 (1)

Според дистрибуција по месеци на заболените на грип/заболувања слични на грип,  во  октомври се регистрирани 0,5% или 171 случај, во ноември – 1,6% (532 случаи), во декември се регистрирани 15.073 случаи или 44,5%, a  највисок број се регистрира во јануари – 17.158 случаи или 50,6% од вкупниот број на случаи во сезоната. За две недели од месец февруари, пријавени се 949 случаи или 2,8% од вкупниот број на заболени во текот на оваа сезона (1,7%).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 23.329 случаи (68,9%), а најголема кумулативна инциденца од 1.953,8 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години и децата на возраст од 0-4 години (1.897,7/100.000), каде што кумулативно се регистрирани 4.522, односно соодветно 2.205 случаи. Кај лицата над 65-годишна возраст, кумулативниот број е 3.827 со инциденца од 1.459,9 на 100.000 жители (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи, кумулативно за сезона 2016/2017

Графикон 5

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 6-тата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, тестирани се 8 примероци на присуство на вирусот на грип, 7 добиени од редовниот надзор над заразни болести и еден добиен од надзорот над САРИ. Од вкупниот број примероци оваа недела еден или 12,5% е позитивен за присуство на вирусот на грип, субтипизиран како A/H3 вирус.

Кумулативно во сезоната 2016/2017, од вкупниот број на тестирани биолошки материјали добиени со рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, 58 (40,0%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа 55 – Influenza A/H3, 2 се нетипизирани Influenza A вируси и еден е Influenza B вирус (Графикон 5).

Графикон 5. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2016/2017

 graf

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.324 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.908 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната со пик на активноста кон крајот на декември 2016 и првата половина од јануари 2017 година.

Оваа недела, само на територија на еден ЦЈЗ се регистрира средна активност, во останатиот дел од земјата активноста на вирусот на грип е на ниско или многу ниско ниво, што говори во прилог на многу ниска и локализирана активност на инфлуенца вирусот. 

Бројот на случаи во 6-та недела како и локализираната географска активност укажува на понатамошно намалување на активноста  грип. Сепак, сезоната на грип е сѐ уште во тек, па во претстојниот период до 20 недела од 2017, не може да се исклучи евентуално зголемување на бројот на заболени, но со помал интензитет.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (5 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, најголем број од земјите пријавуваат стабилен или тренд на намалување на активноста споредено со претходната недела.

Процентот на позитивно тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е 45% што е намалување во споредба со претходната недела и периодот од 51 недела 2016 (51%). Најголемиот процент (94%) на примероци се инфлуенца А, а од нив 97% се А/H3N2. Сепак, забележан е мал раст на бројот на детектирани инфлуенца Б вируси што е карактеристично за завршетокот на сезоната на инфлуенца.

Меѓу хоспитализираните лица предоминираат лицата постари од 65 години.

Кај поголем дел од 18-те земји кои водат статистика за вишок на смртни случаи, се регистрира зголемен број на смртни случаи кај возрасната популација од 15-64 години и кај лицата постари од 65 години, што најверојатно се должи на циркулацијата на А(H3N2) вирусот.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега доминира инфлуенца А типот (96%), а 99% од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Минатата сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09.

Во сезона во која доминира активноста на А(H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје