ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 3-та недела од 2018 година (од 15.01.2018 – 21.01.2018), во Република Македонија пријавени се 637 (I=30,8/100.000) новозаболени лица од грип/на грип слични заболувања, што е зголемување за 74% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 428 заболени лица.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 2.417 случаи, постои значително намалување на бројот на заболени во 3-тата недела, кое изнесува 73,6%.

Активноста на вирусот на грип е сеуште на многу ниско ниво (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

1

Во 3-та недела најголем број заболени – 412 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 61,1/100.000 жители се регистрира кај најмалите – децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (n=187) и највисока инциденца (156,1/100.000 жители) се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, на подрачјето на ПЕ Гостивар и ПЕ Дебар се регистрира средна активност, на подрачјето на ЦЈЗ Прилеп, ЦЈЗ Струмица, ЦЈЗ Тетово и ПЕ Кичево се регистрира ниска (сезонска) активност, во 14 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а останатите 11 извештајни единици оваа недела не пријавиле заболени од грип/ заболувања слични на грип (Картограм 1).

 Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 3 недела 2017

3 nedela

Кумулативни податоци

Досега во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 2.393 (I=115,7/100.000).

Регистрираниот број на случаи е повеќекратно помал споредено со истиот период од минатата сезона (31.735).

Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 25 ЦЈЗ/ПЕ.

Досега, најголем број на заболени лица – 595 се регистрирани во ПЕ Гостивар и 348 во ЦЈЗ Тетово, а највисока инциденцата од 897,1 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 1.608 случаи (67,2%), а највисока кумулативна инциденца од 151,5/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 3-тата недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 13 материјали за грип. Од тестираните материјали, еден е позитивен за присуство на вирусот на инфлуенца – Influenza B (Yamagata).

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се вкупно 111 хумани материјали од здравствените установи од кои 13 (11,7%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, од кои 6 се Influenza A (5 суптипизирани како А(H1N1)pdm и еден А несуптипизиран), а 7 се Influenza B (Yamagata).

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Иако се зголемува бројот на регистрирани случаи, сепак и во третата недела бројот е под неделната граница на сезонска активност на грип. Во изминатите 3 недели бројот на примероци и процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, се зголемува. Активноста на грип е сé уште на многу ниско (вон-сезонско) ниво и оваа недела, со очекување на пораст на активноста во следните недели.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација во јавните здравствени установи, за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини – вакцинацијата против сезонски грип е завршена на територијата на РМ. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, активноста на вирусот на грип се зголемува во земјите од западниот, северниот и јужниот дел од континетот. Низок интензитет на активност се регистрира во 15 земји, а во 5 (Ирска, Луксембург, Швајцарија, Велика Британија и Италија) се регистрира висок интензитет на активност на активност на вирусот на грип. Во однос на географската распространетост, во 14 земји се регистрира спорадична, во 7 локална, во 4 регионална и во 18 широка распространетост.

Во текот на оваа недела, како позитивни се потврдени 46% од тестираните материјали од сентинел надзорот (во однос на 42-50% минататите недели), со заедничка ко-циркулација на Influenza А (33%) и Influenza B вирусот (67%).

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на Influenza А со 34,7% (60,2% – А (H1N1)pdm09) и Influenza B со 65,3% (96,7% – B/Yamagata) во сентинел надзорот.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, 64% припаѓаат на вакциналниот сој, а 36% се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, во текот на изминатите недели се зголеми смртноста кај старите лица, особено во југозападниот и северниот дел од Велика Британија.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје