ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 50-та недела од 2017 година (од 11.12.2017 – 17.12.2017), во Република Македонија пријавени се 92 (I=4,5/100.000) новозаболени лица од грип/на грип слични заболувања, што претставува намалување за 17,9% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 112 заболени лица.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 853 случаи, постои значително намалување набројот на заболени во 50-тата недела, кое изнесува скоро 90%.

Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

 slika 1 grip 50 nedela

Во 50-та недела најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени (23 случаи) и највисока инциденца од 82,9/100.000 е регистрирана на територија на ПЕ Дебар.

Во 11 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а само во една (ПЕ Дебар) се регистрира ниска (сезонска) активност.

Кумулативни податоци

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 850 (I=41,1/100.000).

Регистрираниот број на случаи е помал за 59,4% споредено со истиот период од минатата сезона (2.096). Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 20 ЦЈЗ/ПЕ. Најголем број на заболени лица – 173 се регистрирани во ЦЈЗ Тетово, и 170 во ПЕ Гостивар.

Во однос на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 542 лица или 63,8%, а највисока инциденца се регистрира кај лицата над 65 години (I=54,2/100.000).

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 50-тата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 8 материјали за грип. Од тестираните материјали, еден е позитивен за присуство на вирусот на инфлуенца A(H1N1)pdm. Од почетокот на сезоната 2017/2018, ова е првиот позитивен резултат.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 61 хуман материјал од здравствените установи, од кои само еден (1,6%) е позитивен на присуство на вирусот на инфлуенца.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и нискиот процент на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на многу ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Република  Македонија.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација во јавните здравствени установи, за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини – вакцинацијата против сезонски грип е завршена на територијата на РМ. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична или локална детекција на вируси на грип во земјите од регионот. Во текот на оваа недела, 11% од тестираните материјали од сентинел надзорот се потврдени како позитивни, во споредба со 8,8% минатата недела, а поголем дел од позитивните се типизирани како инфлуенца Б.

Се забележува заедничка циркулација на инфлуенца А со 39,6% и инфлуенца Б типот, со 60,4% од тестираните позитивни. Притоа, 52,9% од инфлуенца А типизираните материјали припаѓаат на А (H3N2) подтипот, а дури 96,5% од инфлуенца тип Б припаѓаат на линијата B/Yamagata.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, сите припаѓаат или се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона.

Ситуацијата е вообичаена за овој период од годината.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје