ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 52-ра недела од 2018 година (24.12-30.12.2018), во Република Македонија пријавени се 202 (I=9,8/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, што е намалување за 16,2% во споредба со минатата недела.

Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 57,8% споредено со 52-ра недела од минатата сезона (n=128), а во однос на бројот за 52-ра недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 8 сезони) постои намалување од 53,2% (Графикон 1).

Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=35,07/100.000). Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

grip 1

Како и претходната, во 52-ра недела најголем број заболени (n=136; 66,8%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 14,5/100.000 жители е регистрирана кај лицата на возраст над 65 години.

Оваа недела пријавени се заболени лица од 18 извештајни единици, а во 6 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар каде е регистрирана и највисока инциденца (n=85, I=71,0/100.000) (Табела 1 во Прилог).

Во 16 извештајни единици се регистрира многу ниска, додека во 2 се регистрира ниска (сезонска) активност на вирусот на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 52 недела 2018

52 nedela

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 1.218 (I=58,9/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=1.082), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 12,6%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=1.643) се регистрира намалување од 25,9%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 25 извештајни единици, а во 15 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е ≥10 (Табела 1 во Прилог).

Најголем број на заболени лица  се регистрирани во ПЕ Гостивар (n=215; 17,7%; I=179,5/100.000), ЦЈЗ Тетово (n=200; 16,4%; I=100,1/100.000) и ЦЈЗ Куманово (n=146; 12,0%; I=102,3/100.000) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Македонски Брод (I=250,1/100.000) каде се регистрирани вкупно 28 заболени лица, а висока инциденца е регистрирана и во ПЕ Свети Николе (I=229,1/100.000) (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 831 (68,2%), а највисока кумулативна инциденца од 102,4/100.000 се регистрира кај возрасната група од 0-4 години (Табела 1 во Прилог).

 

 

Графикон 2. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 2

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци (Табела 1 во Прилог):

  • октомври – 51 заболен или 4,2%
  • ноември – 383 заболени или 31,4%
  • декември – 784 заболени или 64,4%

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 52-рата недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 6 материјали за тестирање на грип, од кои еден е тестиран позитивен за присуство на Influenza A/H3.

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 45 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои два (4.4%) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца, еден Influenza A/H3 и еден Influenza A несубтипизиран.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и нискиот процент на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на многу ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Република  Македонија.

 

 

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • постари лица на возраст од 65 години и повеќе,
  • лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет,
  • деца на возраст од 6 месеци до 5 години,
  • бремени жени, во било кој стадиум од бременоста,
  • здравствени работници.

 

За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, во Р. Македонија започна бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 28.000 дози за лицата постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија и без примања. Дополнителни 19.387 дози се набавени од страна на Центрите за јавно здравје како комерцијални вакцини за останатото население.

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 05.11.2018, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 19.896 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип, односно 71,1% од вкупниот број на набавени вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 19.306 лица заклучно со 52-ра недела на територијата на Р. Македонија. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.943 лица или 56,7%, на возраст од 30-64 години – 7.362 лица или 38,1%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 196 или 1,0%. Вакцинирани се 4 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 801 лица или 4,1%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 14.073 лица или 72,9% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во текот на 52-ра недела, не е пристигнат извештај за вакцинирани лица против сезонски грип во ПЗУ. Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ Неуромедика, вакцинирани се вкупно 50 лица од вкупно 200 набавени вакцини (25,0%). Најголем дел од вакцинираните (42,0%) се во возрасната група од 30-64 години. Вакцинирана е една бремена жена и 11 здравствени работници. Од вкупниот број на вакцинирани лица во ПЗУ Неуромедика, 38,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 51 недела/2018) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, иако само 28 земји пријавиле податоци (44 во минатата недела), се забележува зголемување на активноста на вирусот на грип во Европскиот регион.

Оваа недела, позитивни се 21,8% (18% во минатата недела) од тестираните од сентинел надзорите во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во досегашниот период од оваа сезона предоминира инфлуенца А со 97,2%, а од нив 55,7% се субтипизирани како A(H1N1)pdm09.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје