Неделни податоци

Во текот на 46-та недела од 2019 година (11.11.2019 – 17.11.2019), пријавени се 44 (I=2,1/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е за 5 заболени повеќе во споредба со минатата недела (n=39).

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 9 материјали за тестирање на грип. Сите тестираните материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 46-та недела од минатата сезона (n=87), како и во однос на бројот за 46-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (n=82), постои двојно намалување (Графикон 1).

Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=36,38/100.000), односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020

slika 1 grip 46

Како и претходната, во 46-та недела најголем број заболени (n=17; 38,6%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 7,8/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата од 0-4 години.

Оваа недела пријавени се заболени лица од 9 извештајни единици, од кои во две извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е ≥10. Најголем број заболени се пријавени од Дебар (n=15) и Гостивар (n=11). Највисока неделна инциденца (I=54,0/100.000) е регистрирана во Дебар.

 

Кумулативни податоци

Во сезоната 2019/2020 вкупниот број на заболени од грип изнесува 169 (I=8,2/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=270), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 37,4%, а во однос на моделот за последните 9 сезони (n=380) се регистрира намалување од 55,6%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 13 извештајни единици, а во 6 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е ≥10. Најголем број на заболени лица (n=46; 27,2%) се регистрирани во Гостивар, а највисока кумулативна инциденца (I=79,3/100.000) е регистрирана во Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 81 случај (47,9%), а највисока кумулативна инциденца од 18,9/100.000 се регистрира кај децата од 0-4 години.

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2019/2020, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 40 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на грип.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на државата.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

За сезоната 2019/2020, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 28.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Од истите, 1.000 дози се наменети за деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а преостанатите 27.000 дози се наменети за лица над 65 годишна возраст, лица со хронични заболувања и бремени жени во било кој период од бременоста, како и за здравствени работници.

 

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува во ЦЈЗ/ПЕ, секој за своето подрачје. За територијата на Скопје, покрај ЦЈЗ Скопје, оваа сезона вакцинацијата ќе се врши и во Поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир. Закажувањето за бесплатните вакцини ќе се одвива кај матичен лекар, преку електронскиот систем „Мој Термин“.

Дополнителни 21.000 дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест (650 денари).

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или матичниот лекар за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 45-та недела 2019 година, активноста на вирусот на грип е на ниско сезонско ниво низ Европскиот регион. Инфлуенца вирусите се детектираат спорадично кај пациенти со респираторни заболувања, а изолирани се типовите Influenza A и Influenza B.

Од сентинел надзорот, од почетокот на сезоната, 3,7% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите:

  • 98 Influenza A:
    • A(H1N1)pdm09 – 36
    • A(H3N2) – 59
    • А несубтипизиран – 3
  • 61 Inluenza B:
    • Victoria lineage – 12
    • Yamagata lineage – 1
    • Неодредена линија – 48

 

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје