• 12.09.2025

Септември - Месец за превенција на самоубиства – Време е за слушање, поддршка и делување


Септември е месецот за превенција на самоубиствата!

Месец посветен на подигнување на свеста за менталното здравје, намалување на стигмата и поттикнување отворен дијалог за еден од најсериозните предизвици за јавното здравје – самоубиството.

Секоја година, илјадници луѓе ширум светот го губат животот од рака на тивката епидемија – менталната болка.

Според податоците на СЗО проценето е дека на годишно ниво се извршуват 720 000 самоубиства. Во однос на двата пола, во глобални рамки, преваленцата кај мажите изнесува 12,8 на 100 000 жители, додека кај женскиот пол преваленцата изнесува 5,4 на 100 000 жители. Од севкупната бројка, заклучено е дека дури 73% од самоубиствата се јавуваат во земји со низок или среден доход.

Во Македонија, според последните податоци, најголем број самоубиства се регистрирани кај лица над 50 години, но загрижувачки е и порастот на случаи меѓу младите на возраст од 15 до 29 години. Самоубиството е меѓу водечките причини за смртност меѓу младите, и тоа бара итна реакција од сите сектори на општеството.

Менталното здравје во Македонија станува сè поважна тема, особено по ковид пандемијата, економските предизвици и промените во социјалната поврзаност. Министерството за здравство, заедно со Институтот за јавно здравје, работи на унапредување на системот за ментално здравје преку реформи во примарната здравствена заштита, отворање нови центри за психосоцијална поддршка и обука на здравствени работници и соработници за рано препознавање на ризик-фактори.

Но, борбата против самоубиствата не е задача само на здравствениот сектор.
Секој од нас има улога – како пријател, член на семејство, колега или сосед.

Едно слушање, една подадена рака, може да спаси живот!

🔹 Ако забележите знаци на повлекување, безнадежност или очај кај некој близок – не чекајте-pазговарајте.
🔹 Ако вие се чувствувате преоптоварено – побарајте стручна помош. Не сте сами.

Овој месец, треба да се потсетиме: секој живот е вреден!
Со емпатија, навремена поддршка и грижа, можеме да го намалиме бројот на загубени животи и да изградиме општество кое се грижи – за сите!