• 29.09.2025

Светски ден на срцето


Институтот за јавно здравје го одбележа Светскиот ден на срцето со здравствена акција во Дајмонд мол.

По повод Светскиот ден на срцето – 29 Септември, Институтот за јавно здравје организираше теренска акција во трговскиот центар Дајмонд Мол, со цел подигнување на свеста за превенцијата од кардиоваскуларните заболувања.

На настанот, граѓаните имаа можност бесплатно да ги измерaт нивото на крвен притисок, шеќер во крвта, холестерол, како и висината и телесната тежина, со што се овозможи пресметување на индексот на телесна маса (BMI) – еден од индикаторите за ризик од срцеви заболувања.

Дополнително, присутните добија индивидуални совети и препораки за здрава и урамнотежена исхрана, редовна физичка активност, како и поддршка и мотивација за откажување од пушење – три клучни фактори во заштитата на здравјето на срцето.

На настанот присуствуваа директорката на Институтот за јавно здравје, науч.сор. д-р Марија Андоновска, како и министерот за здравство, г. Азир Алиу, кои ја истакнаа важноста на примарната превенција и активниот пристап кон сопственото здравје.

,,Светскиот ден на срцето е можност да се потсетиме дека здравото срце значи и квалитетен живот. Институтот за јавно здравје ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на здравјето на населението и поддршка на здрави животни навики" изјави директорката на Институтот за јавно здравје Науч.сор. д-р Марија Андоновска.

"Здравото срце е основа за здрав живот. Како Министерство за здравство, ќе продолжиме да ги поддржуваме и унапредуваме превентивните активности кои се клучни за намалување на кардиоваскуларните заболувања кај нашето население. Секако како министер ќе продолжам да давам континуирана поддршка за унапредување на процесите кои што значат подобра здравствена услуга давајќи акцент на новите медицински технологии опрема и едуциран кадар" изјави министерот за здравство г.Азир Алиу.

НЕ ГУБИ РИТАМ. ПЕШАЧИ ЗА ЗДРАВО СРЦЕ.