- 03.12.2025
3 Декември - Меѓународен ден на лицата со попреченост
Денес го одбележуваме денот посветен на подигнување на свеста, почитта и поддршката за лицата со попреченост.
Лицата со попреченост — физичка, интелектуална, сензорна или комбинирана — често се соочуваат со зголемени здравствени и социјални предизвици. За да се обезбеди целосна, достапна и квалитетна здравствена и јавноздравствена заштита, неопходен е системски пристап кој ќе ги земе предвид нивните специфични потреби. Во Република Македонија, една од институциите која има значајна улога во ова е Институтот за јавно здравје.
Меѓународниот ден на лицата со попреченост е ден кој се слави секоја година на 3 декември низ целиот свет. За прв пат беше прогласено годишното одбележување на овој меѓународен ден во 1992 година со резолуцијата 47/3 на Генералното собрание на Обединетите нации.
Почитувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост има за цел да промовира разбирање за прашањата за попреченост и да мобилизира поддршка за достоинството, правата и благосостојбата на лицата со попреченост.
Посветеноста на Обединетите нации за исполнување на сите човекови права за лицата со попреченост е зајакната со широко ратификуваната Конвенција за правата на лицата со попреченост и со 2030 - Агендата за одржлив развој.
Со оглед на повеќекратните кризи на денешниот свет, постигнувањето на Целите за одржлив развој (ЦОР) е во опасност. Во средината од периодот на имплементација на Агендата 2030 година, светот не е на пат да постигне бројни цели до 2030 година.
За жал, најсиромашните и најранливите во светот често се најтешко погодени во време на криза. Прелиминарните наоди од претстојниот Извештај на ОН за попреченост и развој за 2023 година покажуваат дека напредокот не е добар и постои опасност од неисполнување на неколку ЦОР за лицата со попреченост.
Нашите напори да ги спасиме ЦОР за, со и од лицата со попреченост треба да се интензивираат и забрзаат, имајќи предвид дека лицата со попреченост историски биле маргинализирани и честопати биле меѓу оние кои се најдалеку оставени.
Суштинската промена во посветеноста, солидарноста, финансирањето и делувањето е критична. Составен дел на ова е вклучувањето на гласовите, потребите и приоритетите на глобалната заедница на лицата со попреченост во сета нивна различност.
Охрабрувачки е тоа што со усвојувањето на Политичката декларација на неодамнешниот Самит за ЦОР, светските лидери повторно се обврзаа на постигнување одржлив развој и заеднички просперитет за сите, со фокусирање на политиките и активностите што ги таргетираат најсиромашните и најранливите, вклучително и лицата со попреченост.
Ова бара повторно засилени напори од страна на земјите-членки, системот на Обединетите нации, граѓанското општество и глобалната заедница на лицата со попреченост, преку засилени акции и меѓународна соработка, да ги направат ЦОР реалност за, со и од лицата со попреченост.
На 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, уште еднаш ја истакнуваме нашата силна и трајна определба за унапредување на здравствената заштита, еднаквоста и вклученоста на лицата со попреченост во сите општествени текови.
Институтот за јавно здравје континуирано работи на:
- Подобрување на пристапот до здравствени услуги за лицата со попреченост;
- Развивање програми за рано откривање, превенција и поддршка, со цел подобрување на квалитетот на живот;
- Унапредување на јавноздравствените политики во насока на создавање инклузивна здравствена средина;
- Соработка со институции, здруженија и локални заедници за промоција на правата и благосостојбата на овие лица;
- Едукација и подигање на јавната свест за значењето на почитта, разбирањето и интеграцијата.
Овој ден е потсетник дека секој човек има право на достоинство, поддршка и можност за активно учество во општеството. Нашата мисија е да создадеме систем кој ги препознава потребите и ги гради решенијата за подобра, поздрава и поправедна иднина за сите.
Заедно, градиме општество без бариери.

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести