- 03.12.2025
Норовирусни инфекции информативно едукативен материјал за јавност
Клучни факти
· Норовирусот предизвикува гастроинтестинални симптоми на повраќање, дијареа и болка во стомакот.
· Можат да заболат и развијат симптоми лица од сите возрасти.
· Правилното миење на рацете и одржување основни хигиенски навики значително го намалуваат ризикот од инфекција и пренос на норовирусот.
Што претставува норовирусот?
Норовирусот е високо заразен вирус кој предизвикува акутен гастроентеритис, со симптоми на повраќање и дијареа. Вирусот може да опстане со недели на контаминирани површини и предмети (работни површини, рачки од врати, телефони, мебел) што овозможува брз и лесен пренос од човек на човек. Поради тоа, може брзо да се прошири во средини од затворен тип, како што се училишта, градинки, болници, домови за стари лица, ресторани, казнено поправни установи, кампови. Често се нарекува „стомачен вирус“ или „стомачен грип“, но не е поврзан со инфлуенцата. Повеќето заболени оздравуваат за 1–3 дена, но можат да го шират вирусот неколку дена по исчезнување на симптомите.
Инфекциите се можни во текот на целата година, но инциденцата е највисока во периодот ноември–април.
Како се пренесува норовирусот?
Норовирусот се елиминира преку фецесот и повратени маси од инфицираните лица. Повраќањето може да генерира аеросоли што ја контаминираат околината. Фекално-оралниот механизам на пренос е доминантен, а преносот со контаминирани, нечисти раце е чест пат на пренос.
Лицето е заразно од почетокот на симптомите, па сè до неколку дена по нивното повлекување, а вирусното елиминирање може да трае две недели или подолго.
Постојат многубројни типови и генотипови на норовируси, поради што инфекцијата може да се појави повеќепати во текот на животот. Инфицирањето со еден тип на норовирус не штити од можна инфекција со друг тип на вирусот.
Имунитетот е тип-специфичен и неговото траење не е јасно утврдено, што го објаснува фактот, зошто едно лице од било која возраст може повторно да се инфицира за време на епидемии.
Патишта на пренос:
Норовирусот е многу заразен и се пренесува лесно и брзо преку:
· директен контакт со заразено лице (нега, споделување храна/прибор, консумација на храна подготвена од страна на заболено лице, менување пелени).
· консумирање контаминирана храна или пијалоци.
· консумирање контаминирана вода со норовирус, вклучително и вода од базени.
· контакт со контаминирани површини и внесување на вирусот преку уста, ставање прсти во уста (особено кај мали деца).
· користење на заеднички тоалет, со лица кои веќе се инфицирани со норовирусот.
· неправилно чистење на повратени маси или фецес од лица заразени со норовирус, без користење соодветна лична заштита (ракавици, маска).
· продолжено вирусоносителство — лицето може да го пренесува вирусот и до две недели или подолго по закрепнување.
· норовирусот може со недели да преживее на површини и предмети.
Кој е изложен на ризик?
Секој човек може да се инфицира со Norovirus.
Поголема веројатност за тешка форма на болест имаат:
· деца <5 години
· постари лица
· имунокомпромитирани лица
Клинички манифестации:
Инкубациониот период, односно времето од изложување на вирусот до појава на симптомите, обично изнесува 12–48 часа. Симптомите обично траат 1–3 дена.
Најчести симптоми се:
· акутно повраќање
· дијареја (пролив)
· гадење
· болка и грчеви во стомакот
Дополнителни симптоми:
· субфебрилност (благо покачена телесна температура)
· главоболка
· болки во мускули
Симптомите се исти и кај возрасните и кај децата, но кај возрасните може да доминираат симптоми на дијареа, додека кај децата можно е да доминират симптоми со обилно повраќање.
Дехидратација
Норовирусната инфекција може да предизвика многубројни епизоди на повраќање и дијареа во текот на денот, што може да доведе до дехидратација, особено кај:
• мали деца
• постари лица
• лица со хронични заболувања
Знаци на дехидратација:
· намалена диуреза (намалено мокрење)
· темна урина
· сува уста и грло
· вртоглавица при станување
· кај деца: плачење без солзи или малку солзи, поспаност или раздразливост
Тестирање и дијагноза:
Дијагнозата се поставува лабораториски, преку детекција на вирусот во фецес (најчесто со RT-PCR) и детекција на вирусни антигени. За време на епидемии, лабораториската потврда е клучна за идентификација на изворот и превземање контролни мерки.
Одделението за вирусологија при Институт за јавно здравје располага за тестови за дијагностика на Norovirus по клинички (со упат од матичен лекар, инфектолог) и епидемиолошки индикации, достапно за граѓаните во прва и втора смена секој работен ден.
Третман:
Не постои специфична антивирусна терапија, a норовирусот не реагира на антибиотици (бидејќи е вирус, а не бактерија). Терапијата е симптоматска и се заснова на орална (внес на течности преку уста) или интравенска рехидратација.
₋ Внесување на големи количини течности е најважна мерка.
₋ Орални рехидратациски раствори се најсоодветни.
Повеќето заболени оздравуваат за 1–3 дена.
Кога е потребна медицинска помош?
Тешката дехидратација може да бара болнички третман со интравенска рехидратација. При забележување на знаци за дехидратација потребно е да се побара лекарска помош.
Превентивни мерки:
Иако норовирусот е многу контагиозен (заразен), инфекцијата може да се спречи со следниве мерки:
· Oдржување основни хигиенски навики, значително го намалуваат ризикот од инфекција и пренос на норовирусот.
· Често и темелно миење на рацете со сапун и вода (≥20 секунди, посебно по користење тоалет, менување пелени и пред манипулација со храна).
· Темелна термичка обработка на храната, миење овошје и зеленчук.
· Избегнување ракување со храна и грижа за други лица додека трае заразноста.
· Домашно лекување и отсуство од работа/училиште за време на симптомите. Лицата кои работат во здравствени и прехранбени установи треба да избегнуваат работа најмалку 48 часа по исчезнување на симптомите.
· Чистење и дезинфекција на контаминирани површини (имајќи во предвид дека алкохолните дезинфициенци се помалку ефикасни против норовирус).
· Перење на облека и постелнина на висока температура над 60°.
· Дезинфекција на контаминирани површини со раствор што содржи натриум хипохлорит.
· Останување дома најмалку 48 часа по исчезнување на симптомите.
· При патување во странство, консумирање зготвена храна, избегнување улични тезги со храна, консумирање флаширана вода.
· Зачестено проветрување, чистење на површини и дезинфекција.
Извор:
https://www.cdc.gov/norovirus/about/index.html
https://www.cdc.gov/norovirus/index.html
https://www.ecdc.europa.eu/en/norovirus-infection/facts
https://www.cdph.ca.gov/Programs/CID/DCDC/Pages/Norovirus.aspx