• 17.07.2026

JАВНОЗДРАВСТВЕНИ ПРЕПОРАКИ ЗА БРЕМЕНИТЕ ЖЕНИ ПРИ ТОПЛО ВРЕМЕ


 Бремените жени претставуваат една од ранливите групи на населението кај кои високите амбиентни температури можат да го зголемат ризикот од дехидратација, топлотна исцрпеност и нарушување на терморегулацијата. Поради физиолошките промени во бременоста, организмот има намалена способност за ослободување од вишокот топлина, а потребите за течности се зголемени.

Изложеноста на високи температури, особено ако е придружена со физички напор и недоволен внес на течности, може да го зголеми ризикот од здравствени компликации кај мајката и плодот.

Препораки за бремените жени

За бремените жени важат сите јавноздравствени препораки на Институтот за јавно здравје за заштита од топло време и топлотни бранови, а дополнително се препорачува:

· да избегнуваат директно изложување на сонце и престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

· да внесуваат доволно течности во текот на целиот ден, без да чекаат да почувствуваат жед;

· доколку е неопходен престој на отворено, да престојуваат во сенка, да прават почести паузи, да носат лесна, светла и комотна облека, заштитни очила и капа со висок свод и со широк обод, секогаш да имаат вода за пиење, а при подолг престој надвор и мобилен телефон за навремено барање медицинска помош доколку се појават симптоми на топлотен стрес;

· да престојуваат во климатизирани или добро проветрени простории кога тоа е можно;

· да избегнуваат продолжен физички напор и активности кои можат да доведат до прегревање на организмот;

· да консумираат лесни и почести оброци и да избегнуваат тешка и висококалорична храна;

· редовно да ја земаат препишаната терапија и да не ја менуваат или прекинуваат без претходна консултација со избраниот гинеколог или лекар.

Препораки за заштита на бремените жени на работното место

Бремените жени кои работат, особено на отворено или во простории со високи температури, бараат дополнителна заштита од топлотен стрес.

Во услови на високи амбиентни температури се препорачува работодавачите да обезбедат:

· организација на работното време со намалување на изложеноста во најтоплиот дел од денот, кога тоа е можно;

· прилагодување на работните задачи со избегнување на тежок физички напор и продолжена изложеност на директно сонце;

· почести паузи во разладени или засенчени простории;

· постојан пристап до безбедна вода за пиење и можност за редовна хидратација;

· соодветна природна или механичка вентилација и разладување на работните простории;

· можност за привремено прилагодување или прераспределување на работните задачи кај бремените работнички, кога проценката на ризикот укажува на зголемена изложеност на високи температури;

· избегнување на работа на директно сонце и работа во најтоплиот дел од денот, кога природата на работата тоа го дозволува;

· информирање на вработените за препознавање на раните знаци на топлотен стрес и навремено постапување при појава на симптоми.

Кога е потребно да се побара медицинска помош?

Бремените жени треба веднаш да се јават кај својот матичен гинеколог или да побараат итна медицинска помош доколку се појават:

· изразена вртоглавица, изнемоштеност или губење на свеста;

· силна и перзистентна главоболка;

· покачена телесна температура или топла и сува кожа;

· отежнато дишење, забрзана срцева работа или конфузија;

· болки во стомакот или појава на контракции;

· значително намалени или отсутни движења на плодот.

 

Институтот за јавно здравје апелира бремените жени, членовите на нивните семејства, здравствените работници и работодавачите доследно да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен стрес. Навремената примена на овие мерки придонесува за зачувување на здравјето на мајката и плодот и за намалување на ризикот од здравствени компликации за време на топлотните бранови.