• 27.07.2026

ИНФОРМАЦИЈА ЗА СЛУЧАИ СО ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА


 Состојба во 2026 година во Европа

Согласно последните достапни информации за Западно-нилска треска од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, од почетокот на сезоната на пренос во 2026 година, а заклучно со 22 јули, идентификувани се 35 региони погодени од вирусот на Западно-нилска треска (WNV) во шест земји во Европа.

Овие региони се наоѓаат во Италија (20), Грција (6), Романија (4), Македонија (2), Шпанија (2) и Франција (1).

Шесте земји пријавиле вкупно 81 автохтон (локално стекнат) случај на инфекција со вирусот на Западно-нилска треска. Од нив, Италија пријавила 46 случаи, Грција 21, Македонија 5 (заклучно со 22 јули, а вкупно 8), Романија 5, Шпанија 3 и Франција 1 случај.

Во оваа сезона, првиот регистриран случај кај луѓе во Европскиот регион е од Македонија.

 

Картограм. Региони со циркулација на Западно-нилска треска во Европа

 

 

 https://www.ecdc.europa.eu/en/west-nile-fever/surveillance-and-disease-data/disease-data-ecdc

 

Состојба во 2026 година во Македонија

Западно-нилската треска за прв пат во Македонија е регистрирана во 2011 година. Во периодот од 2011 година до крајот на 2025 година, регистрирани се вкупно 54 лабораториски потврдени случаи. За истиот период, регистрирани се пет смртни случаи асоцирани со оваа болест.

Во 2026 година, а заклучно со 27.07.2026 година, во Македонија се регистрирани вкупно осум случаи на Западно-нилска треска.

§ Од регистрираните случаи, а согласно дефиниција на случај, седум се водат како потврдени, а еден како веројатен.

§ Регистрирани се шест автохтони случаи од Скопје и Велес и еден случај од Скопје со историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија.

§ Од регистрираните случаи (8), 7 се машки, а едно е женско лице. Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел се лица на возраст над 60 години – 6, а две се лица на возраст од 50-59 години.

§ Сите регистрирани случаи во 2026 година се кај лица кај кои е регистрирана невроинвазивна инфекција и сите биле хоспитализирани.

§ Почетокот на симптомите кај најголем дел од заболените – 5 е регистиран во месец јули. Кај два случаи почетокот на симптомите е во месец јуни, а кај еден случај во месец мај.

 

Карактеристики на заболувањето

West Nile вирусот (WNV) е арбовирус кој припаѓа на родот флавовируси, откриен  во 1937 година во Уганда, а неговото присуство е дoкументирано речиси на сите континенти - во Африка, Америка, Азија, Австралија, Европа и Блискиот Исток.

Западно нилска треска e вектор-пеносливо вирусно заболување предизвикано од West Nile Virus (WNV) кое се одржува преку еден ензоотски циклус меѓу комарците (Culex, Aedes) и птиците (најчесто дивите птици). Луѓето и коњите се случајни, крајни домаќини на заболувањето. Инфекцијата помеѓу нив се пренесува преку комарците. Луѓето и цицачите, а особено коњите се случајни домаќини и имаат ограничена улога во природниот циклус.

Луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец. Болеста од човек на човек не се пренесува, ако се исклучи можноста за пренесување преку трансфузија и трансплантација.

Периодот на инкубација вообичаено трае од 3 до 14 дена.

Околу 80% од инфекциите кај луѓето поминуваат без манифестација на симптоми. Останатите 20% симптоматски инфекции, најчесто се манифестираат како треска која поминува сама од себе, а помалку од 1% од WNV-инфекциите кај луѓе се манифестираат со  сериозни форми, со тешка клиничка слика и се потенцијално смртоносни (пр. воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или појава на парализи).

Не постои специфична терапија, а третманот воглавно е насочен кон лекување на симптомите. Соодветната интензивна медицинска нега дава можност за поголемо преживување на заболените со тешки форми. Кај тешките случаи, стапката на смртност е од 3-15% и се зголемува кај повозрасните. Опоравувањето кај потешките форми е долготрајно, со перзистентен  умор, слабост на мускулатурата, тешко одење, загуба на помнењето, депресии и слично.

Не постои вакцина за луѓето.

Најдобар начин за превенција е избегнување на убод од комарци кои се преносители на заболувањето.

Сезонскиот надзор над ова заболување во Европа се врши од месец јуни до месец ноември, односно во сезоната на можно пренесување, во услови на масовно присуство на комарците, како вектор за заболувањето.

Проценка на ризик: 

Оваа болест во Македонија се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста.

Вектор преносливите заболувања се почесто сè пријавуваат и стануваат сè поактуелни. Климатските промени, дистрибуцијата на векторите, зголеменото глобално патување вклучително и на граѓаните на Македонија во ендемските региони го потенцираат ризикот од можност за заболување од овие болести, но и нивно воведување во Македонија.

Имајќи го во предвид претходно наведеното, постои веројатност за понатамошно пријавување на нови случаи на цела територија на Македонија. Постои среден ризик за населението во периодот на активност на комарците, но истиот може да се минимизира со држење до препораките за превенција од надлежните институции.

 

Препорачани мерки: 

1. Со цел превенција и контрола на заболувањето, потребна е едукација на населението за болеста, начините на пренос, како и можностите за превенција преку изработка на соодветен едукативен материјал. Потребно е едукативниот материјал да биде поставен на веб страните на ИЈЗ и 10-те ЦЈЗ, како и ЦЈЗ да го достави до туристичките агенции со цел споделување со патниците во ендемските региони за болеста.

2. Потребно е ЦЈЗ да ги известат матичните лекари и инфектолозите за појавата на ова заболување со цел подигање на свеста за можноста за појава и вклучување во диференцијална дијагноза.

3. Спроведување на надзор над комарци, нивно присуство и тип, присуство на WNV вирусот, како и причинители на други вектор-преносливи заболувања.

4. Планско извршување на превентивна дезинсекција (согласно елаборат/План доставен до општината) – ларвицидна и адултицидна дезинсекција од страна на општините, но и дезинсекција по епидемиолошки индикации по регистрирани случаи која е во надлежност на Центрите за јавно здравје на територијата која ја покриваат во околината на домот.

5. Изработка на Национална програма за зоонози и вектор-преносливи заболувања, како и Акционен план за справување со овие заболувања, превентивно, но и при појава на импортиран или автохтон случај.

6. Координирани активности и соработка со институциите од ветеринарниот и секторот екологија, во духот на пристапот Едно здравје, особено во превенцијата и справувањето со зоонози и вектор-преносливите заболувања.

 

Превенција од болести кои се пренесуваат преку комарци: 

1. Мерки насочени кон животната средина (намалување на популацијата на комарци и нивен престој во животниот простор на луѓето).

ü Спречете го размножувањето на комарци во вашата средина:

§ Не оставајте отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница.

§ Редовно чистете ги олуците за да се овозможи истекување на водата.

§ Одржувајте ги чисти базените за капење, украсни базени, фонтани.

§ Не создавајте бари (застоени води) по дворовите.

 

 

ü Намалете ја можноста да бидете изложени на убоди од комарци:

§ Користете миризливи свеќи, спирали, како заштитни репелентни средства додека престојувате во надворешни услови (градина, двор).

§ Користете специјални сијалици, фенери (спржување на комарците), апаратчиња кои со звук ги одбиваат комарците.

§ Поставете заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот.

§ Одбегнувајте излегување и престој надвор во зори или на самрак, кога комарците се најактивни.

2. Мерки за лична заштита од убоди на комарци.

ü Носете соодветна облека, најдобро во светли бои, која ќе остава што помалку откриени делови од телото/кожата (долги ракави, долги панталони, чорапи, шапки...).

ü Применувајте заштитни средства (репеленти) во облик на лосион, стик, аеросол-спреј или крем за кожата и за облеката, кои ги одбиваат комарците.

ü Не употребувајте средства за заштита на посекотини, отворени рани, под облека, околу очи и уста, на дланките! Внимание кај мали деца.

ü Патниците кои патуваат/престојуваат во земји или предели каде се евидентираат болести кои се пренесуваат со комарци, задолжително да употребуваат репеленти за време на престојот, а прозорците и креветите за спиење да се затворени со заштитни мрежи, импрегнирани со адекватен инсектицид.

ü По враќањето дома, овие лица да бидат свесни за можното нивно заразување додека престојувале во такви предели, и да ја следат својата здравствена состојба. Доколку се појават симптоми на заболување, веднаш да побараат лекарска помош и да го известат докторот за скорешниот престој во предели каде што егзистираат болести кои се пренесуваат со комарци. Раното дијагностицирање и навремен третман, можат да спречат појава на тешка форма на болест, која може да заврши со сериозно нарушување на здравјето и тешки последици или смртен завршеток.

 

Институтот за јавно здравје располага со реагенси за тестирање на хумани материјали за присуство на вирусот на Западно-нилска треска.

Одделот за епидемиологија на заразни болести редовно информира за состојбата во месечните билтени за движњето на акутните заразни заболувања во државата.

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје на РСМ

27.07.2026