• 19.10.2026

ОПШТИ МЕРКИ НА ПРЕВЕНЦИЈА ОД ГРИП/ ЗАБОЛУВАЊА ШТО ЛИЧАТ НА ГРИП


Општите мерки за заштита од грип се насочени кон сите акутни респираторни заболувања и може да се од голема корист, особено ако се применуваат во текот на целиот зимски период:

Ø Да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура.

Ø Често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекционо средство.

Ø Да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат.

Ø Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи.

Ø Да се пијат топли напитоци (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимон.

Ø Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (цитрони, лимони, портокали). Доколку не се располага секогаш со свежи прехрамбени продукти, може да се користат и мултивитамински напитоци и препарати.

Ø Практикување здрав начин на живот и навики, вклучително добар сон и одмор, здрава храна, одржувајте физичка и психичка активност, намалете го стресот.

Силниот имунитет ќе ви помогне да останете здрави или полесно да се справите со грипот и заболувањата слични на грип. Сепак, дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да заболите од грип или заболување слично на грип.

 

Што доколку се разболите од грип?

Следете ги следните препораки:

Ø Останете дома и не одете на работа, во училиште или на места каде има многу луѓе.

Ø Одморајте се и земајте многу течности и лесна храна.

Ø Избегнувајте блиски контакти со лицата со кои живеете, не примајте посети додека сте болни.

Ø Покријте го носот и устата со шамивче при кашлање и кивање. По употреба, фрлете ги во корпа за отпадоци.

Ø Носете заштитна маска кога контактирате со своите блиски во домот, кога кашлате и кивате.

Ø Практикувајте често и темелно миење на раце со топла вода и сапун.

Ø Користете влажни марамчиња кои содржат алкохол или средство за дезинфекција на рацете.

Ø Избегнувајте допирање на очите, носот и устата со раце.

Ø Често проветрувајте ја просторијата каде престојувате додека сте болни.

Ø Одржувајте ја чиста вашата околина – предмети, површини со средства за хигиена на домот.

Ø Ако сте над 65 години или имате хронични заболувања, или доколку симптомите на болеста се влошуваат или траат повеќе денови – побарајте лекарска помош.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

Ø Постарите лица (над 65 години)

Ø Деца на возраст од 6-59 месеци

Ø Лица постари од 6 месеци со хронични болести

Ø Бремени жени, и

Ø Здравствени работници.

Оддел за епидемиологија на заразни заболувања

Институт за јавно здравје