- 18.06.2025
ЛИСТЕРИОЗА
Л И С Т Е Р И О З А
ИНФОРМАТИВНО ЕДУКАТИВЕН МАТЕРИЈАЛ
Листериоза е …
...сериозна инфекција која најчесто настанува по внесување на храна контаминирана со бактеријата Listeria monocytogenes.
Иако може да се манифестира како тешка, за среќа таа е релативно ретка инфекција регистрирана кај човекот.
Најчесто се регистрира кај одредени категории население т.н. ризични популации, во кои се вбројуваат постарите луѓе, особено оние над 65-годишна возраст, бремени жени и нивните плодови во развој но и новородените деца, имунокомпромитирани лица (лица со ослабен имунитет од различни причини).
Годишната стапка на регистрирање на ова заболување во поголем број на земји од Европската Унија се движи од 2-10 пријавени случаи на 1.000.000 жители (0,3/100.000 жители), асоцирана со висока стапка на смртност (30% и повеќе кај ризичните популации) и висок процент на хоспитализација (91%).
Во 2006 година листериоза била 5-та од најчестите зоонозни инфекции регистрирани во Европа, после Campylobacter, Salmonella, Yersinia, и VTEC-инфекции.
Од 2006-2010 стапката на пријавени потврдени случаи на листериа во земјите на ЕУ, се одржува на приближно исто ниво (инциденца 0,33-0,38/100.000). Во 2012 година, бројот на пријавени потврдени случаи на листериоза во ЕУ членките бележи покачување за 10,5 % во однос на 2011 година.
Во САД, оваа бактерија е одговорен за околу 1600 случаи на заболување и 260 смртни случаи годишно (инциденца од 0,28/100.000) и е трета водечка причина за смрт кај бактериските инфекции кои се пренесуваат преку храна, со стапка на смртност која ги надминува дури и Salmonella и Clostridium botulinum.
Високиот морбидитет и морталитет на оваа инфекција, како и високиот процент на хоспитализација на заболените придонесе за согледување на важноста на заболувањето и добивање приоритетот за подобрување на надзорот.
Предизвикувач на инфекцијата
Бактериите од родот Listeria се условно анаеробни бактерии, што значи дека се способни да преживуваат во присуство или отсуство на кислород.
Listeria monocytogenes, најчестиот предизвикувач на заболување кај човекот од овој род е грам-позитивната бактерија, именувана по пронаоѓачот Џозеф Листер.
Расте на температури во ранг од 1 до 44˚C , со оптимален раст на температура од 30-37˚C. Релативно брзо се размножува на 7-10˚C. Расте во разновидни прехранбени производи и средини, релативно е отпорна на замрзнување, сушење, сол (>10% ), и ph 5,0 и повеќе. Осетлива на температура на пастеризација (15 мин. на 71,7˚C или 30 мин. на 62,8˚C), и се смета дека пастеризираните производи не содржат листерија.
Бактеријата толерира ниски температури и сол, затоа може да преживее во преработена, конзервирана храна и храна што се чува во фрижидер.
Listeria monocytogenes е исто така толерантна на киселина, што е од суштинско значење за опстанокот во стомачната киселина. Толеранцијата на киселина се должи на присуството на ензимскиот систем глутамат декарбоксилаза.
Инфективната доза за овој патоген варира кај различни домаќини, лицата со нарушен имунитет и хронични болести се најмногу подложни на инфекција. Иако не постои студија која дава егзактни информации за инфективна доза, врз основа на епидемиолошки податоци, се проценува дека инфективната доза за имунокомпромитираните лица е во опсег од 100-1000 бактерии. Кај здравите лица, кај кои болеста се манифестира во помалку сериозна форма, потребната инфективна доза за настанување на инфекција изнесува 108 – 1010 бактерии.
Симптоми
Листериозата може да предизвика различен спектар на симптоми.
Некои пациенти може да немаат никакви симптоми - најчесто здрави лица.
Претходно здрави лица, како и жени кои не се бремени, често поминуваат со симптоми на акутна цревна инфекција - воспаление на желудникот и цревата (гадење, болки во стомакот и пролив, поспаност, главоболка, треска).
Исто така, може да се јават замор, болки во мускулите, болки во зглобовите, повраќање и болки во грлото (симптоми слични на грип).
Компликации
Инфекцијата со листерија може да предизвика сериозна болест, најчесто кај оние со хронични здравствени состојби, стари лица или лица со нарушен имунитет. Сериозните симптоми и состојби може да вклучуваат: сепса, воспаление на мозокот и мозочните обвивки, воспаление на обвивката на срцето, апсцеси, инфицирани или воспалени зглобови.
Кај инфицирани бремени жени, клиничката слика може да се презентира само како лесна болест, но може да предизвика и спонтан абортус, предвремено породување или раѓање на мртво дете.
Кај новороденчиња, исто така, може да се јават симптоми на тешко заболување, како на пр. менингитис, менингоенцефалитис, кој може да доведе до смрт.
Како се пренесува инфекцијата
Бактеријата која предизвикува листериоза е широко распространета во животната средина и може да се најде во почвата, површинските води, вегетацијата и голем број на диви и домашни животни.
Од домашните животни, листериозата е најчеста кај овци, кози, говеда и др. добиток, но се наоѓа и кај глодари, кучиња, мачки, свињи, живина, папагали и канаринци. Голем број на домашни и диви животни - цицачи, птици, потоа риби и ракови можат да ја носат бактеријата, но да немаат никакви симптоми.
Домашните животни обично се разболуваат преку контаминирана храна - загадена од глодари и диви животни, дополнително лошо ферментирана во силоси.
Повеќето луѓе заболуваат преку консумирање на загадена храна, но можно е пренесување на бактеријата преку директен контакт, како и со вдишување.
Најчесто инкриминирана храна која се поврзува со ширење на листериоза се смета: месо и преработки од месо (колбаси, виршли, паштети, деликатесни меса и нарезоци); непастеризирано млеко и млечни производи како што се меко сирење, кремови/намази, путер, особено ако се направени од непастеризирано млеко; свежа или чадена риба и морски плодови; замрзнато месо и месни продукти; свежо и замрзнато овошје и зеленчук; претходно подготвени салати и сендвичи, из'ртени семиња готови за консумирање.
Инфекцијата може да се пренесе и преку контаминиран свеж зеленчук и овошје, особено лубеница и диња (познати епидемии во светот).
Други патишта на пренесување на инфекција може да бидат: директен контакт со заразените животни, нивни органи, ткива и излачувања или контаминирана животна средина.
Бремените жени може да ја пренесат инфекцијата на новородените преку плацентата или за време на раѓањето.
Дијагноза
Лабораториските тестови за докажување на инфекција со листерија, се вршат на примероци од крв или цереброспиналната течност (ликвор).
Се прават и лабораториски тестови на храна и примероци од животната средина, со цел пронаоѓање на изворот на Listeria.
Лекување
Третманот е со соодветни антибиотици.
Како да се избегне ова заболување (мерки на превенција)
Мерките на превенција се слични на оние кај сите други заболувања кои се пренесуваат преку храна и зоонозите.
· Да не се консумира сирова храна од животинско потекло, животинските продукти темелно термички да се обработат - доволно долго и на доволно високи температури.
· Однапред приготвени (готови и полуготови производи) и замрзнати јадења како и брза храна, не треба да се чуваат премногу долго и треба да бидат повторно затоплени пред сервирањето, но не повеќе од еднаш.
· Да се консумира само пастеризирано млеко и млечни производи подготвени исклучиво од пастеризирано млеко, бидејќи во процесот на пастеризација доаѓа до уништување на бактеријата.
· Темелно миење на рацете, работните површини и користениот кујнски прибор и помагала, пред и после подготовката на храната/ракувањето со нив.
· Често и темелно чистење и миење на фрижидерите каде се складира и чува храната.
· Свежиот зеленчук, овошјето и салатите треба темелно и долго да се мијат под силен млаз вода - пред јадење, сецкање или готвење, па дури и кога се излупени.
Лицата изложени на поголем ризик - оние со ослабен имунолошки систем, повозрасни лица и бремените жени особено, треба посебно да обратат внимание на препорачаните мерки и да избегнуваат консумација на меки сирења, кремови и намази, непастеризирани млечни производи, месни производи - виршли, паштети, деликатесни сувомеснати производи и салати, да избегнуваат храна од кулинарски тезги, брза храна, да не се претоплува еднаш оладената храна, како и избегнување на контакт со бремени или новородени животни.
Вакцина
Не постои вакцина против листериоза.
МЕРКИ ВО ПРОИЗВОДСТВЕНИ КАПАЦИТЕТИ НА ХРАНА:
Ако во еден производствен капацитет се констатира прехранбен производ загаден со Listeria, тогаш фабриката која произвела контаминирани производи темелно се чисти, се подложува на соодветна санитација, се преиспитува примената на стандардните критериуми на НАССР системот, анализата на опасности и критични контролни точки, се додека не се произведат производи без Listeria monocytogenes.
Во прилог на контролните мерки во производствените/преработувачките капацитети, регулаторните агенции во Европските земји воведоа едукација на потрошувачите за да се намали листериозата од храна.
Ова вклучува едукација за темелно готвење на суровините од животинско потекло, темелно миење на суровиот зеленчук пред консумирање, чување на живото месо одвоено од зеленчукот, да не се употребува сурово млеко или производи направени од сурово млеко, миење на раце, миење на приборот - ножевите, плочите за сечење по ракувањето со сурова храна.