- 09.07.2025
ПРЕПОРАКИ ЗА ЗАШТИТА ОД ЗАБОЛУВАЊА ПРИ ПАТУВАЊЕ
Со започнувањето на летниот период од годината и топлото време, време е да го планирате вашиот летен одмор. Тие што ќе одлучат летниот одмор да го поминат надвор од Република С. Македонија, треба да ги знаат ризиците по здравјето како и начините за превенција. Без разлика каде одите – планински предели, плажи или раздвижени градови - започнете ја вашата авантура подготвени.
Одвојте кратко време да се запознаете со дестинацијата каде ќе патувате. Дури и ако сте запознаени со местото, може да има нови и важни здравствени ризици кои би можеле да го нарушат Вашето патување.
Контактирајте го Центарот за јавно здравје надлежен за местото каде живеете за да добиете информација за тоа дали Ви се потребни некои лекови или дополнителни вакцини за дестинацијата каде ќе патувате.
Исто така, доколку спаѓате во групата на лица кои имаат хронични заболувања (заболувања на органите за дишење, срцето, црниот дроб, бубрежни заболувања, дијабет, намален имунитет од било кое заболување), побарајте совет од вашиот матичен лекар или специјалист, кој ќе го процени ризикот од патувањето.
v Конзумирајте безбедна храна и вода за пиење.
· Јадете само храна која е добро зготвена и се служи веднаш (топла).
· Јадете овошје и зеленчук што сте го измиле со безбедна вода или сами сте го излупиле.
· Пијте вода или газирани пијалаци кои се флаширани и запечатени или многу топло кафе или чај.
· Користете мраз направен од флаширана или дезинфицирана вода.
· Мијте ги рацете често и долго со сапун и вода.
Контаминирана храна или пијалоци може да предизвикаат дијареа и други цревни заболувања. Патничката дијареа е најчестата болест поврзана со патувањето.
На следниот линк превземете флаер со информации за безбедна храна и вода за пиење.
1-ФЛАЕР ЗА БЕЗБЕДНА ХРАНА
2- ФЛАЕР ЗА МИЕЊЕ РАЦЕ
v Спречете убоди од инсекти. Користењето на репеленти може да ве заштити од сериозни болести што се шират преку каснувања од комарци, како што се Западно-Нилска треска, Зика, денга, чикунгуња, жолта треска и маларија.
v Доколку патувате во планински предели, престојувате во шуми или тревнати површини, заштитете се од убоди од крлежи кои може да пренесат сериозни заболувања: хеморагични трески, лајмска треска итн.
· Користете репеленти со една од следните активни состојки: DEET, picaridin, IR3535, масло од лимонски еукалиптус, пара-ментан-диол или 2-ундеканон.
· Прво нанесувајте крем за сончање, а потоа репелент. Следете ги упатствата на етикетата.
На следните линкови превземете флаер со информации за Практични совети за заштита од убоди од комарци кај патници, како и од крлежи
3- ФЛАЕР Практични совети за заштита од убоди од комарци кај патници
4- ФЛАЕР Практични совети за заштита од убоди од крлежи кај патници
v Доколку патувате во некоја егзотична земја на Блискиот Исток, особено во Саудиска Арабија, каде во континуитет се регистрира MERS CoV инфекција, тогаш:
· Избегнувајте близок контакт со лица кои покажуваат симптоми на респираторна болест (особено во болнички установи!).
· Одржувајте добра респираторна хигиена и редовна хигиена на раце.
· Се препорачува употреба само на термички обработено млеко и месо, и добро измиено или излупено овошје и зеленчук.
На следниот линк превземете флаер со информации за Блиско Источен респираторен синдром Коронавирус (MERS CoV).
5- ФЛАЕР Блиско Источен респираторен синдром Коронавирус (MERS CoV).
Во многу популарни дестинации во моментов има епидемии на мали сипаници - не патувајте незаштитени!
Институтот за јавно здравје им препорачува на сите патници да го проверат својот вакцинален картон и вакциналните картони на своите деца, за да се сигурни дека се целосно вакцинирани согласно Календарот за имунизација, вклучувајќи и две дози со вакцина против мали сипаници, или соодветно на возраста.
На следниот линк превземете флаер со информации за мали сипаници.
6- ФЛАЕР МАЛИ СИПАНИЦИ
Mpox е вирусна зооноза (вирус кој се пренесува на луѓето од животни), со симптоми многу слични на оние забележани во минатото кај пациенти со големи сипаници, иако клинички ова е помалку тешка болест. Над 120 земји пријавиле Mpox во периодот од јануари 2022 до август 2024 година, со над 100.000 лабораториски потврдени случаи и над 220 смртни случаи меѓу потврдените случаи.
Mpox се шири од човек на човек главно преку близок контакт со заболен, вклучително и членови на домаќинство. Блискиот контакт вклучува контакт на кожа со кожа (допирање или сексуален однос) и контакт на слузокожи или кожа со слузокожа (бакнување), а може да вклучува и пренос од човек на човек при зборување или дишење блиску еден до друг, преку заразни респираторни честички.

Врз основа на достапните податоци, се регистрира ниско (меѓусезонско) ниво на активност на респираторни вируси во сите земји-членки на ЕУ/ЕЕА. Забележани се зголемувања на индикаторите за активност на SARS-CoV-2 во многу земји, иако вкупната активност останува ниска.
Во текот на последниот период континуирано се регистрира низок процент на позитивност. Ниската стапка на трансмисија на SARS-CoV-2, намаленото известување и малиот број на примероци за тестирање преку сентинел системите имаат влијание врз способноста за прецизно да се процени епидемиолошката ситуација. Варијантите кои тековно циркулираат веројатно нема да бидат поврзани со некое зголемување на сериозноста на инфекцијата во споредба со претходно циркулирачките варијанти.
Популацијата на ЕУ/ЕЕА севкупно има значително ниво на имунитет стекнат по пат на претходна инфекција како и со вакцинација/бустер дози, што дава заштита од тешка форма на болест.
Лицата на возраст над 60 години се со најголем ризик од тешка болест.
Се препорачува следење на основните мерки за превенција на КОВИД-19 и останати респираторни заразни заболувања.
Вакцинацијата останува специфична превентивна мерка обезбедувајќи заштита од тешки форми на болест, иако овој заштитен ефект со тек на време се намалува. Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход (како што се повозрасните лица).
Доколку не се чувствувате добро и имате некакви симптоми кои може да ги поврзете со некое од гореспоменатите заболувања, веднаш побарајте лекарска помош и совет!
На тој начин ќе овозможите навремено дијагностицирање и третман на вашата болест и ќе ја намалите можност за понатамошно пренесување на болеста на други луѓе.
Оддел за епидемиологија на заразни заболувања