- 17.10.2025
Меѓународен ден за искоренување на сиромаштијата 17 октомври 2025 година
Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата е годишен потсетник дека крајот на сиромаштијата не се однесува само на ниските приходи, туку и на достоинството, правдата и припадноста.
Со резолуцијата 47/196 од 22 декември 1992 година, Генералното собрание на ООН го усвои 17 октомври како Меѓународен ден за искоренување на сиромаштијата.
Фокусот на овој ден во 2025 година, е моќна тема: „Ставање крај на социјалното и институционалното малтретирање преку обезбедување почит и ефективна поддршка за семејствата“. Целта е едноставна, но итна, прво да се изградат институции што им помагаат на семејствата да останат заедно, да напредуваат и да ја обликуваат својата иднина. Семејствата што живеат во сиромаштија честопати се соочуваат со големи предизвици, соочувајки се со стигма, контрола и системи кои почесто казнуваат, наместо да даваат поддршка. Низ целиот свет, родителите-особено самохраните мајки, домородните семејства и оние од историски дискриминирани групи - пријавуваат дневни искуства на осуда и контрола на места кои се наменети да помогнат: училишта, клиники, канцеларии за заштита на децата, агенции за социјална помош. Овие интеракции најчесто ја еродираат довербата, го поткопуваат дејствието, па дури можат да резултираат со разделување на семејството поради сиромаштија, со трајна емоционална и социјална штета и за децата и за родителите.
Темата за 2025 година се темели на глобални консултации со луѓето кои имаат искуство со сиромаштијата и со организации кои работат заедно со нив. Апелира до сите нас - креаторите на политики, практичари и заедници - да ги слушнеме семејствата, да ги препознаеме нивните напори и да ги трансформираме системите за поддршка така што тие ќе бидат изградени врз доверба, почит и соработка.
Како да се стави крај на „малтретирањето“?
Социјалното и институционалното малтретирање не се однесува само на неколку чинители; тоа често е вградено во правила и рутини. Примерите вклучуваат наметлив надзор на домаќинствата, мачни проверки за подобност, понижувачки средби со давателите на услуги или програми со недоволно ресурси кои по правило не даваат целосна поддршка. Резултатот е клима на страв и срам што може да ги спречи семејствата воопшто да побараат помош. За да се промени курсот, темата на Денот повикува на три промени:
1. Од контрола до грижа: Дизајнирајте доверливи услуги. Намалете ги казнените условувања, поедноставете ја документацијата и дајте приоритет на взаемно почитување насочено кон личноста.
2. Од надзор до поддршка: Пребалансирајте ги инвестициите од следење и отстранување кон услуги за зајакнување на семејството: поддршка за приходи, квалитетна грижа за децата, соодветно домување, грижа за ментално здравје, поддршка за родители и пристап до правда.
3. Од горе надолу до креирани решенија: Вклучете ги семејствата што живеат во сиромаштија во секоја од фазите преку проценка, дизајн, буџетирање, спроведување и евалуација - така да политиките ги одразуваат реалните потреби на семејствата.
Поддршката на семејствата е од суштинско значење за постигнување на повеќе цели за оддржлив развој (ЦОР):
• Без сиромаштија (ЦОР 1);
• Нула глад (ЦОР 2);
• Добро здравје и благосостојба (ЦОР 3);
• Квалитетно образование (ЦОР 4);
• Родова еднаквост (ЦОР 5);
• Пристојна работа и социјална заштита (ЦОР 8);
• Намалени нееднаквости (ЦОР 10) и
• Мир, правда и силни институции (ЦОР 16).
Кохерентните политики во социјалната заштита, образованието, здравството, домувањето и вработувањето - дизајнирани и спроведени заедно - создаваат услови во кои семејствата можат да останат заедно, а децата можат да напредуваат. Овогодинешното одбележување се одржува само неколку недели пред Вториот светски самит за социјален развој (Доха, 4-6 ноември 2025 година), каде што владите, граѓанското општество и партнерите ќе го насочат вниманието на развој ориентиран кон луѓето и практичните решенија за забрзување на социјалниот напредок. Повикот на ден за почитување, заштита и поддршка на семејствата е витален придонес кон таа агенда - помагајќи обврските да се претворат во конкретни и мерливи промени.
Превод и обработка – Оддел за здравствена промоција и следење на болести