• 28.07.2025

28 јули - Светски ден на хепатитисот – „Хепатитис: Да ги разбиеме бариерите“


Секоја година, на 28 јули, Светската здравствена организација (СЗО) го одбележува Светскиот ден на хепатитисот, со цел да ја зголеми свесноста и јавно-здравственото значење на вирусните хепатити, особено за хепатитот Б и Ц, заболувања кои претставуваат сериозен предизвик за глобалното здравје.

 

Овој ден се одбележува во чест на роденденот на д-р Барух Самуел Блумберг, - американски научник заслужен за откривање на вирусот на хепатитис Б (HBV) и за развој на вакцина против овој вирус.

Годинешната тема „Хепатитис: Да ги разбиеме бариерите“ повикува на итна акција за отстранување на финансиските, општествените и системските пречки, вклучително и стигмата, кои стојат на патот на елиминацијата на хепатитисот и превенцијата на рак на црниот дроб. Кампањата е потсетник дека мора да делуваме веднаш за да го прошириме пристапот до превенција и дијагностика, да овозможиме интегрирано лекување и да го ставиме крајот на хепатитисот како јавно-здравствен проблем до 2030 година.

Елиминацијата на хепатитисот може да се постигне преку повеќекратен пристап кој вклучува зголемување на јавната свест, едукација и информирање, широко тестирање и навремено дијагностицирање, соодветен третман  и вакцинацијата против хепатитис Б. Секоја мерка насочена кон превенција, рана дијагноза и третман значително придонесува кон остварување на целта за елиминација. Постоењето на ефикасна и достапна вакцина против вирусот на хепатитис Б, како и употребата на современи лекови кои успешно ја лекуваат хроничната инфекција со хепатитис Ц, даваат силна надеж дека елиминацијата на хепатитисот може да биде исполнета.

 

Што е вирусен хепатитис?

Вирусниот хепатитис претставува воспаление на црниот дроб предизвикано од пет различни типови вируси: A, B, C, D и E. Тие се разликуваат според начинот на пренесување, сериозноста на болеста и достапноста на превенција и лекување.

Хепатитис А  - акутно вирусно заболување на црниот дроб што се пренесува по фекално-орален пат. Најчесто поминува без симптоми или со блага клиничка слика, особено кај деца под пет години, додека со возраста ризикот од потешка форма се зголемува. Не предизвикува хронична болест и има ниска смртност. Прележана болест дава доживотен имунитет. Достапна е ефикасна и безбедна вакцина која се препорачува при патување во ризични региони или по епидемиолошки индикации.

Хепатитис Б - инфекција на црниот дроб предизвикана од вирусот на хепатитис Б (HBV). Може да се пренесе преку контакт со инфицирана крв и други телесни течности, преку инјектирање дрога, користење на не-стерилен медицински прибор и преку незаштитен сексуален однос. Може да се пренесе и од мајка на новороденче при породување. Инфекцијата може да биде акутна или хронична, а хроничниот хепатитис Б може да доведе до цироза и рак на црниот дроб. Достапна е ефикасна и безбедна вакцина, која е најефективна мерка за превенција. Во Р. С. Македонија, вакцината против хепатитис Б е воведена во Календарот на имунизација како задолжителна вакцинација од 2004 година. Со вакцинација се опфаќаат сите новороденчиња, а вакцинацијата се спроведува со давање на три дози вакцина против хепатитис Б.

Хепатитис Ц - се пренесува преку контакт со заразена крв, најчесто при инјектирање дрога или спроведување на небезбедни медицински процедури. Често нема симптоми, па многумина не знаат дека се заразени. Кај повеќето заразени се развива хронична инфекција, која со тек на време може да доведе до цироза или рак на црниот дроб. Не постои вакцина, но достапни се ефикасни антивирусни терапии со кои хепатитис Ц може целосно да се излечи.

Хепатитис Д - ретка, но сериозна вирусна инфекција која се јавува само кај лица кои се веќе заразени со хепатитис Б, бидејќи вирусот Д не може да се размножува без присуство на вирусот Б. Се пренесува преку контакт со инфицирана крв и телесни течности. Инфекцијата може да предизвика потешка форма на заболување и побрзо напредување до цироза и оштетување на црниот дроб.

Хепатитис Е - инфекција на црниот дроб предизвикана од вирусот на хепатит Е (HEV). Најчесто се пренесува по фекално-орален пат, преку загадена вода или храна. Најчесто предизвикува акутна, самоограничувачка инфекција, но може да биде сериозна кај бремени жени и лица со ослабен имунитет.

Хепатитиси во светот и во Р. С. Македонија

Според Глобалниот извештај за хепатитис за 2024 година на СЗО, бројот на изгубени животи поради вирусен хепатитис се зголемува.

Согласно податоците на СЗО, 304 милиони луѓе во светот, живеат со хроничен хепатитис Б и Ц, а 1,3 милиони луѓе починале од хронична форма на хепатитис Б и Ц, во 2022 година. Само 45 % од новороденчињата примиле вакцина против хепатитис Б во првите 24 часа од раѓањето.

Болеста е втората водечка причина за смртност во светот од инфективно потекло – со 1,3 милиони смртни случаи годишно, исто колку и туберкулозата, која е една од најсмртоносните инфективни болести. Во светот, секој ден умираат 3.500 луѓе од хепатитис инфекции – 83 % хепатитис Б, а 17% од хепатитис Ц.

 

Хепатитис А

Во Р. С. Македонија, во 2024 година, вирусниот хепатитис А,  е регистриран со 3 заболени лица и инциденца од 0,2 на 100.000 жители. Во периодот 2015-2024 година се регистрира негативен тренд на бројот на пријавени случаи, со најмал број на заболени и инциденца во 2024 година.

Хепатитис Б

Во тек на 2024 година, инфекциите предизвикани од вирусот на хепатит Б се на прво место по број на регистрирани заболувања во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции, во Р. С. Македонија, и учествуваат со 26,8% во болестите застапени во оваа група. Вирусниот хепатит Б, во 2024 година, е регистриран со 57 заболени лица (I=3,1/100.000). Во периодот 2015-2024 година, инциденцата се движи од 1,4 во 2021 година до 7,2 на 100.000 жители во 2015 година и бележи тренд на значително опаѓање.

Опфатот на вакцинацијата со првата доза вакцина против хепатитис Б на новороденчињата во Р. С. Македонија, за 2024 година, изнесува 97,3%, додека со втората доза изнесува 94,4%. Опфатот со 3 дози вакцина изнесува 91,3%.

Хепатитис Ц

Вирусниот хепатитис Ц во Р. С. Македонија во 2024г. е регистриран со 16 случаи (I=0,9/100.000), во 2024 година. Се регистрира зголемување од 77,8% во однос на 2023 година (n=9).

Во периодот 2015-2024 година, инциденцата се движи од 0,1 во 2021 година, до 2,9 во 2015 година или просечно 1,4/100.000.

 

КЛУЧНИ МЕРКИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА ВИРУСНИТЕ ХЕПАТИТИСИ

Превенцијата на хепатитисите зависи од видот на вирусот, но вклучува неколку клучни мерки:

Вакцинација

·         Хепатитис А и Б може ефикасно да се спречат со безбедни и достапни вакцини.

·         Вакцинацијата против хепатитис Б истовремено превенира и хепатитис Д. Се препорачува HCV-позитивни лица да се вакцинираат против хепатитис Б.

Обезбедување на безбедна храна и вода

·         Хепатитис А и Е се пренесуваат по фекално-орален пат, па затоа се спречуваат со добра хигиена, безбедна вода за пиење и правилна обработка на храна.

Безбедни медицински и козметички процедури

·         За хепатитис Б, Ц и Д, важна е употребата на стерилен медицински прибор, тестирана крв за трансфузија и безбедни стоматолошки и козметички практики.

Безбеден сексуален однос и избегнување на споделување на предмети што може да содржат крв

·         Користење кондоми и избегнување споделување игли, четки за заби, жилети и слично.

Тестирање и рано лекување

·         Навремено тестирање и лекување кај лица со ризик спречува ширење и развој на компликации.

Со комбинирање на овие мерки, можна е успешна превенција и контрола на вирусните хепатитси.