- 24.10.2025
Препораки и мерки од ИЈЗ согласно актуелната состојба со отпадот во Скопје
Препораки до населението:
-Да се одржува лична хигиена (користење на ракавици, маска, миење раце, користење дезинфициенс за раце после фрлање на отпад)
-Совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.)
-Внимателно ракување, селектирање, собирање и фрлање на отпадот
-Затварање на капаците на кантите при фрлање на отпадот
-Да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот
-Да се избегнува стагнирана (застоена) вода и исцедок од отпадот
-Внимание при излегување со домашни миленици да не дојдат во допир со отпадот и исцедок од истиот
-Да не се фрла отпад надвор од одбележаните места за собирање на истиот
-Да не се фрла отпад на нелегални депонии
-Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита)
МЕРКИ
Непосредни, брзи и акутни
- Итно и неодложно отстранување на одложениот и расфрлан отпад во и надвор од контејнерите со сите расположиви технички, човечки и финансиски ресурси;
- Итна мобилизација за собирање и отстранување на најголемите купишта во населени места со најголема изложеност; приоритет: болници, домови за стари лица, основни и средни училишта, паркови и игралишта;
- Итно, вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите;
- Каде не е можно ова, да се постават физички времени бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни;
- Дислокација на контејнерите - подалеку од почести патики на движење на луѓето и особено подалеку од детски игралишта, училишта, градински или здравствени институции;
- Редовен транспорт и празнење на контејнерите (минимум еднаш дневно во погусто населените делови од градот);
- Задолжително затворање на капаците на контејнерите;
- Итна набавка на потребната опрема особено соодветен број на контејнери (механизација во континуитет);
- Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита) вклучително и задолжителна вакцинација; тренинг за правилно ракување и известување за повреди;
- Интензивен надзор за заразни заболувања: засилено пријавување со епидемиолошко истражување (фокус на дијареи, случаи на лептоспироза, хоспитализирани пациенти со зоонози и слично);
- Едукација на населението за здравствените ризици поврзани со овој проблем и препознавање на симптомите поврзани со истото;
- Јавна комуникација: предупредувања и практични совети до граѓаните (лична и колективна хигиена, како да ја чуваат храната, да избегнуваат стагнирана вода, да избегнуваат физички контакт со отпадот или исцедокот, како да пријавуваат нелегални депонии).
Долгорочни мерки
- Интегриран систем за управување со комунален отпад (редовно отстранување, навремена набавка на потребна опрема, контејнери и механизација);
- Имплементација на систем за управување со цврст отпад преку смалување, повторна употреба, рециклирање и регенерација;
- Постојана едукација на населението за примарна селекција на отпадот, во најмала рака на органски и неоргански отпад и совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.);
- Образовни програми за граѓаните и вклучување на локалните заедници во решавање на проблемот (на пример, механизми наградување за селекција/откуп).
- Контролни и регулаторни политики - казнување за несовесно одлагање на отпадот, чести локални инспекции, програми за често и редовно чистење на јавните простори и улици (прво механичко отстранување на отпадот со метење, потоа миење).
Превземи PDF: Мерки за заштита на населението