• 30.10.2026

АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ: ПРОВЕРЕТЕ ГО ВАКЦИНАЛНИОТ СТАТУС И ВАКЦИНИРАЈТЕ СЕ ПРОТИВ МОРБИЛИ


Институтот за јавно здравје упатува препорака/ апел до сите родители и граѓани кои не ја примиле МРП вакцината (против мали сипаници, рубеола и паротит), согласно националниот Календар за имунизација, да ги посетат надлежните вакцинални пунктови и да ја надоместат пропуштената доза.

Имајќи го предвид сè уште недоволниот опфат со МРП вакцината во нашата земја, како и актуелната епидемиолошка состојба и регистрираните случаи на мали сипаници во дел од соседните земји за кој веќе информиравме, Институтот за јавно здравје укажува на потребата од зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки.

Вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од мали сипаници и за спречување на нивното ширење во заедницата. Особено е важно децата да ги примат двете дози на МРП вакцината согласно календарот за имунизација, а лицата кои ја пропуштиле вакцинацијата да го проверат својот вакцинален статус и да ја надоместат пропуштената доза.

Заштитата на секое дете е важна. Со навремена вакцинација ги штитиме не само сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, туку и целата заедница.

Институтот за јавно здравје ги повикува граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата и да се обратат до најблискиот вакцинален пункт за проверка на вакциналниот статус, вакцинација и дополнителни информации.