• 17.11.2025

Светски ден на предвременото породување


 

Светскиот ден за предвремено родени бебиња се одбележува глобално со цел подигање на свеста за предизвиците и влијанието на предвременото породување. На овој ден ставаме акцент на итната потреба од  подобрување на грижата за бебињата родени прерано, а воедно и обезбедување на практична и емоционална поддршка за нивните семејства. Официјалниот слоган за Светскиот ден на предвремено родените бебиња оваа година е: "Дајте им на предвремено родените бебиња силен почеток за посветла иднина". Институтот за јавно здравје се приклучува кон кампањата на Глобалата фондација за грижа на новороденчиња (GFCNI). Овогодишната порака повикува на итна акција за подобрување на здравјето и благосостојбата на предвремено родените бебиња од самиот почеток. Силниот почеток во животот им помага на овие бебиња да растат, да напредуваат и да го достигнат својот целосен потенцијал.  

Предвремено родено бебе се дефинира како живородено бебе пред да се завршат 37-те недели од бременоста. 
Постојат подкатегории на предвремено породување, врз основа на гестациската возраст:
 
·         екстремно предвремено (помалку од 28 недели)
·         многу предвремено (од 28 до помалку од 32 недели)
·         умерено до доцно предвремено (од 32 до 37 недели)
Бебињата може да се родат предвремено поради спонтано предвремено породување или затоа што постои медицинска индикација за планирање на индукција на породување или ран царски рез.
 
 
Едно од десет бебиња се раѓаат предвремено.  Според податоците на Светската здравтвена организација се проценува дека 13,4 милиони бебиња се родени предвреме во 2020 година (пред 37-те комплетирани недели од бременоста) .
Компликациите при предвремено породување се водечка причина за смрт кај деца под 5 години, одговорни за приближно 900 000 смртни случаи во 2019 година .
Три четвртини од овие смртни случаи би можеле да се спречат со тековни, економични интервенции. Низ земјите во светски рамки, стапката на предвремено породување се движи од 4 до 16% од бебињата родени по 2020 година.
 

Во Република С. Македонија според Државниот завод за статистика, стапката на смртност кај доенчиња за 2024 година изнесувала 1,2 умрени доенчиња на 1000 живородени деца. Додека стапката на смртност кај доенчиња во 2013 година изнесувала 10,2 умрени доенчиња на 1000 живородени. Во дадениот период бележиме позитивен тренд на намалување на доенечката смртност.

Предвременото породување претставува сериозен глобален и национален здравствен предизвик, со значајно влијание врз преживувањето и здравјето на новороденчињата. И покрај тоа што Македонија, како и голем дел од земјите во светот, се соочува со различни фактори кои го зголемуваат ризикот од предвремени раѓања, во последната деценија се забележува јасен позитивен тренд во намалувањето на доенечката смртност. Според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на доенечка смртност значително опаднала во споредба со минатите години, што укажува на подобрување на здравствената грижа, пристапот до медицински услуги и неонаталната поддршка.

Овој напредок треба дополнително да се зајакне преку континуирани инвестиции во перинаталната и неонаталната нега, рана детекција на ризици, унапредување на болничките капацитети и обезбедување поддршка за семејствата. Со обединети напори и примена на ефикасни, докажани интервенции, можеме да обезбедиме подобро здравје, поголеми шанси за преживување и поквалитетна иднина за секое предвремено родено бебе.

 

Оддел за здравствена превенција и следење на болести