• 18.12.2025

Мерки за намалување на аерозагадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот


 

 

Мерките кои е потребно да се преземат се класифицираат во повеќе групи:

 

  1. Административно-управни мерки – постоење и имплементација на законски и подзаконски акти кои ја регулираат проблематиката, од поставување на гранични вредности за загадувачките материи до воспоставување и одржување на мониторинг-систем. Националното законодавство на РС Македонија е прилично усогласено со европското, останува само доследна имплементација на напишаното и обврските.
  2. Урбанистички мерки – соодветно планирање и употреба на просторот со воспоставување нови урбани зелени површини и нивно одржување, контрола на градежништвото, градење заобиколници и пренасочување на сообраќајот надвор од градовите, одржување на комуналната чистота, обезбедување инфраструктура за поголема употреба на велосипеди и пешачење.
  3. Поттикнување на користење на јавниот превоз и други модуси на превоз – воведување на тролејбус, трамвај или урбано шинско возило каде што е тоа возможно, хибридни возила за јавен транспорт, стимулација на велосипедски сообраќај и дестимулација на автомобилски сообраќај.
  4. Индустриски и техничко-технолошки мерки – доследно спроведување на одредбите во А и Б-интегрираните еколошки дозволи на индустриските инсталации и подобрување на инспекциската контрола, воведување технологии за подобрено согорување во инсталациите и примена на современи технологии за прочистување на емисионите гасови и честички,
  5. Eкономски мерки – обезбедување средства од централната власт, но и од локалните власти, за примена на мерки за енергетска ефикасност (нови прозорци, поефикасни печки, соларни термални колекторски системи), купување на велосипеди, инвертер-клими, инвестиции во подобар јавен транспорт и сл.
  6. Мерки за домаќинствата – промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата, купување на поеколошки горива како што се пелети, поттикнување на чистење оџаци, соодветно отстранување на цврстиот отпад.
  7. Информирање на јавноста – пристап на јавноста до информации преку порталот на МЖСПП, веб-страниците на Институтот за јавно здравје, со препораки до населението за заштита во услови на загадување на воздухот, веб-страниците на другите чинители (министерства, локална самоуправа), социјални мрежи и сл.
  8. Зголемување на јавната свест – брошури за подигање на јавната свест за разбирање на ефектите од загадувањето на воздухот, совети за заштита од загадениот воздух, добри практики за горење дрва дома, решенија за мобилност и поквалитетен живот и др.
  9. Индивидуални мерки – помалку возење автомобили во корист на јавниот превоз, возење велосипед или пешачење, штедење енергија – дома, на работа и секаде, следење на Индексот за квалитет на воздух и соодветните здравствени препораки во деновите со слаб квалитет на воздухот.

 

Препораки до населението кога Индексот за квалитет на воздух е лош

(Индексот на квалитетот на воздухот може да се провери на веб страната на Министерството за животна средина и просторно планирање посветена на квалитетот на воздухот - https://air.moepp.gov.mk/ )

·         Пред да излезете надвор, задолжително проверувајте го Индексот на квалитет на воздухот;

·         Останете дома ако не треба да излегувате;

·         Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација). Ова се однесува не само на чувствителните групи, туку и на децата и младите кои што повеќе време поминуваат надвор на отворено, и особено на лицата кои професионално се ангажирани и работат на отворено;

·         Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено;

·         Останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено доколку почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото.

·         Не ги отворајте прозорците во вашиот дом кога е загаден воздухот;

·         Користете прочистувач на воздух дома или на работно место (за особено чувствителните лица со астма, хронични заболувања - респираторни или циркулаторни заболувања и мали деца и бремени жени);

·         Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност;

·         Бремените жени треба да останат дома;

·         Луѓето со астма може да имаат потреба за почеста употреба на инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност;

·         Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница;

·         Конзумирајте храна богата со витамини (антиоксиданси - витамин А, витамин Ц и Е);

·         Консултирајте се со вашиот лекар. Посетете го вашиот матичен лекар или здравствена клиника ако се чувствувате лошо или доколку искусувате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот.