- 30.07.2026
30 јули - Светски ден за превенција на трговија со луѓе
Секој 30 јули го одбележуваме Светскиот ден против трговијата со луѓе – ден што нè потсетува дека ова не е далечен проблем, туку реалност што постои околу нас.
Трговијата со луѓе ги уништува животите на илјадници жртви, најчесто невидливи за општеството. Затоа е важно да зборуваме, да препознаваме и да реагираме!
Овој ден, воспоставен во 2013 година, има за цел да ја подигне јавната свест за сериозноста и распространетоста на трговијата со луѓе, да ја нагласи потребата од заштита и поддршка на жртвите, како и да ги поттикне владите и организациите на поодлучни активности за сузбивање и разбивање на транснационалните криминални мрежи.
Темата за Светскиот ден против трговијата со луѓе за 2026 година, "Заробени зад измамата", го привлекува вниманието кон брзорастечката форма на трговија со луѓе во која транснационалните групи на организиран криминал ги експлоатираат луѓето за да извршат финансиски измами од индустриски размер. Жртвите се тргуваат за присилно извршување криминал и се принудуваат да учествуваат во онлајн измами. Оваа форма на експлоатација е тесно поврзана со сајбер криминалот, финансиските измами, перењето пари и корупцијата, демонстрирајќи ја сè поповрзаната природа на организираниот криминал.
Трговијата со луѓе вклучува различни форми на експлоатација, вклучително сексуална експлоатација, присилна работа, питачење, трговија со органи и други облици на злоупотреба.
Трговијата со луѓе иако се гледа како проблем на полицијата, судството, обвинителството таа е исто така и голем јавно здравствен проблем. Тргуваните лица многу често при повреди се носени во здравствените установи, од различа природа на лекување меѓу кои и малолетнички бренености, оттука многу е важно здравствените професионалци да знаат што е трговијата со луѓе и што е најважно како да ја препознаат и каде да ја пријават. Со цел згрижување со психолошка поддршка и сигурно место за престој.
Во текот на 2025 година од страна на Оперативниот тим задолжен за формална идентификација на жртви на трговија со луѓе утврдил статус на 5 жртви на трговија со луѓе, од кои 4 жени и 1 маж. Од нив 4 се деца, а 1 е возрасно лице. Во однос на формата на експлоатација, евидентирани се 2 случаи на сексуална експлоатација, 1 случај на незаконско посвојување, 1 случај на присилен брак и 1 случај на трудова експлоатација по пат на питачење.
Покрај формално идентификуваните жртви, евидентирани се и 24 претпоставени жртви на трговија со луѓе, од кои 19 се жени и 5 мажи, при што 17 се деца, а 7 возрасни лица. Во однос на видот на експлоатација, нај застапена есексуалната експлоатација (10 случаи), по што следуваат присилен брак (6 случаи), питачење (4 случаи), трудова експлоатација (3 случаи) и 1 случај на незаконско посвојување.
Најголем дел од идентификуваните и претпоставените жртви се домашни државјани, додека мал број случаи се однесуваат на странски државјани, главно поврзани со трудова експлоатација.
Улога на здравствените работници во идентификација на жртвите
Здравствените работници (лекари, медицински сестри, психолози, социјални работници, итн.) се во привилегирана позиција да ги забележат знаците на злоупотреба или трговија со луѓе. Тие можат да:
Препознаат физички и психолошки индикатори (повреди, трауми, анксиозност, депресија, недоверливост, срамежливост);
Забележат неконзистентни објаснувања за повреди; Забележат недостаток на документи, ограничена слобода или присуство на лице што зборува наместо пациентот;
Забележат знаци на занемарување, неухранетост или сексуално преносливи инфекции, особено кај жени и деца.
Здравствениот работник треба да покаже емпатија, доверливост и внимателност, без осудување или притисок.
Борбата против трговијата со луѓе бара интерсекторска соработка – меѓу здравствени установи, полиција, социјални служби, образовни институции и невладин сектор.
Изготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести
